Кривичниот суд денеска ќе ги изрече казните за случајот „Плацови на Водно“ во кој првообвинет е екс премиерот Груевски

Кривичниот суд денеска ќе ги изрече казните за случајот „Плацови на Водно“ во кој првообвинет е екс премиерот Груевски

Во Основниот кривичен суд – Скопје денеска треба да биде изречена пресудата за случајот „Плацови на Водно“, во кој за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот, првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски.

Покрај него, обвинети се уште пет други лица: Сашо Мијалков, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ, Орце Камчев и Ратка Куновска-Камчева, за која обвинителството во завршните зборови се откажа од кривичен прогон поради застарување на делото.

Обвинителството тврди дека со пари кои биле донација за ВМРО-ДПМНЕ, Груевски прибавил 1,3 милиони евра кои потоа ги пуштал во оптек и купувал имот: плацови на Водно, станови во Скопје и земјиште во Крушево.

Според обвинителството, во шемата биле вклучени и офшор фирми, односно компанијата „Сирах лимитет“ од Белизе, во сопственост на обвинетиот Јосифовиќ, преку која се отворила фирма-ќерка во Македонија, „Сирах Инженеринг“. За нејзин управител бил назначен кумот на Груевски од првиот брак, обвинетиот Новачевски кој, според обвинението, за експремиерот го купил и земјиштето во Крушево.

Еве што, меѓу другото, беше изнесено во текот на судењето за предметот „Плацови на Водно“:

Орце Камчев на сведочењето изјави дека плацовите на Водно првично ги купил преку фирмата „Сирах инженеринг“, фирма-ќерка на „Сирах лимитед“ од Белизе, за кои обвинителството тврди дека се во сопственост на Никола Груевски. Груевски прво ги купил плацевите на Водно, а потоа сите ги продал, а за возврат побарал адекватни станови. Тие се наоѓаат во зградата „Панорама Резиденс“, каде се чуваат 3 апартмани со вкупна квадратура од 750 м2, кои треба да му бидат предадени на Никола Груевски.

Ристо Новачевски, кумот на Никола Груевски, изјави дека фирмата за градежништво „Сирах инженеринг“ во 2012 година ја основал Груевски од позиција на премиер, при што него го назначил за управител а целата работа ја водел Алек Теранова. По основањето на фирмата, Груевски му кажал дека сака да купи некое земјиште на Водно, кое го нашол Алек.

„Алек ме информира дека фирмата ќе има сметка во Стопанска банка – Битола. По извесно време имаше прилив од 300-400 илјади евра. Алек ме имаше информирано дека треба да пристигнат милион или милион и нешто евра. Тоа се случи во два наврати“, рече во своето сведочење Новачевски.

Новачевски сведочеше дека по желба на Груевски, купил државно земјиште во Крушево, во месноста „Вршник“, каде Груевски сакал да гради вила после завршувањето на премиерскиот мандат.

Мето Стојчевски, зет за сестра на Орце Камчев, сопственик на архитектонската фирма „Гема” изјави:

„Дали Мето имаш некоја слободна фирма, ме праша Сашо (Мијалков). Да. Зошто, го прашав, не ми одговори. По некое време ме праша пак. Му велам морам да знам за што е, на мое име е фирмата. За да се префрли некој имот, ми кажа Сашо. Чиј? На Никола Груевски ми рече. Помина време, во 2016 година ми се јави Орце. Вели треба да се префрли удел во твојата фирма, од Панорама. Во 2017, во 2018 година го потпрашав Сашо, не ми кажа што е со тој имот. Ми се јави Орце во 2020 година пак, ми вели ќе ги купиш сега уделите од Панорама. Со парите ќе купиш три апартмана и две градежни места. Така направив. “ССИ Инвестмент“ има уште една зграда во Центар. Јас сум сопственик на фирмата само на хартија“.

Во пресрет на изрекувањето на пресудата, обвинителката Лиле Стефанова за Груевски побара максимална казна, а повисока казна за Мијалков во рамки на тоа што е предвидено со Кривичниот закон. За Новачевски е побарана условна казна бидејќи, како што изјави Стефанова, тој од самиот почеток јасно и недвосмислено сведочел како се одбивале работите. За Камчев и Јосифовиќ обвинителството бара минимални казни.

Прочитајте повеќе

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека гласачите имале простор за избор, но реториката станала многу негативна како …