косово

Курти денеска на средба со Лајчак и Ескобар, протестите во Северно Косово продолжуваат

Косовскиот премиер Албин Курти вечерва ќе се сретне со специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија Мирослав Лајчак и со заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар

Припадниците на српската заедница во северно Косово веќе десетти ден протестираат пред општинските згради. КФОР се наоѓа во непосредна близина, а српската заедница поддржана од официјален Белград бара новоизбраните градоначалници на општините од северно Косово да не влезат во административните згради, пренесува Радио-телевизија Србија.

Косовскиот премиер Албин Курти вечерва ќе се сретне со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак и со заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, пренесува Радио-телевизија Косово.

Од косовската влада информираат дека средбата во Приштина ќе се одржи од 20 часот. Лајчак и Ескобар веќе беше најавено дека за време на посетата на Косово и Србија ќе ги повикаат сите страни да преземат чекори за деескалација на состојбата во Северно Косово.

Западните дипломати продолжуваат да ги повикуваат Косово и Србија да се заложат за воспоставување на мир во општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ и северниот дел на Митровица.

Европската Унија и САД веќе побараа од косовските власти да организираат нови локални избори во Северно Косово на кои ќе учествуваат и Србите и да се формира Заедницатa на српски општини.

Американските власти го повикаa Белград да ги повлече српските сили распоредени во близина на административната линија и да го намали нивото на борбена готовност, а Приштина да им дозволи на новоизбраните претседатели на општините од Северно Косово да ги извршуваат своите должности од алтернативни локации и да ги повлече полициските сили од пред општинските згради.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …