Латас го знаевме, Лазаров го запознавме

Латас го знаевме, Лазаров го запознавме

Пишува: Сотир Габелоски

Исмевањето и правењето сеир на искуството на Драган Павловиќ Латас, зборува многу повеќе за јутјуберот Лазаров. Латас го знаеме од едно друго време и очигледно му годи што после години поминати во позадина сега привлекува внимание. Пострашно е што дознавме каков е младиот Лазаров. Дека ова е слика на едно труло општество, со погрешни вредности и изгубена традиција, во изминатите 24 часа се согласи речиси целата домашна јавност.

Интервјуто, односно исечокот каде што од настан на „шамари“ и „покушавање“, зборува и за нешто друго – дека со години наназад го храниме „злобниот волк“.

Латас беше еден од предводниците на пропагандата во времето на Никола Груевски. Безмилосно ги водеше вестите на Сител како да се негова приватна емисија, а преку „бомбите“ дознавме и дека неретко се правеле нарачки. Беше уредник на вториот најгледан медиум во тоа време, после А1 и ја предводеше пропагандата која повеќе од една деценија го држеше Груевски на власт.

По промената на власт во 2017 година се повлече. Остана да работи во позадина, но на екраните го немаше. Во тој период тука и таму ќе се спомнеше неговото име, се зборуваше за наводни хациенди во Зелениково, но лицето му го заборавивме. Но на Латас до ден денешен ништо не му фали. Ниту правна држава го стигна, ниту некој етички кодекс го фати, ниту пак новинарската фела се дистанцира од него. ДПЛ (Драган Павловиќ Латас) денес се враќа на голема врата со неговиот „машки“ табиет во желба за внимание повеќе од било кога.

Од 2017-та до денес изминати се многу години. Многу работи се променија, но не и ДПЛ. Овој новинар кој ја срами струката, особено после подкастот кај Лазаров, продолжува да „ашикува“ по јавната сцена и без влакно да му фали ги живее своите најдобри времиња. Зошто најдобри времиња? Затоа што притисоците од ДПМНЕ ги нема, моменталната власт е далеку подемократска, а правната држава не стигна ни до многу помали риби, најмалку до него.

Ете тој „волк“ го храниме со години, за денес да ни’ се удри во глава и да ги уништува сите воспоставени вредности. Сами си сме криви, затоа во оваа држава мора(ше) ако има(ше) злосторство да има и казна. Ако го има(ше) тоа, нашето општество ќе беше помалку оштетено, со какви-такви вредности и јавна сцена на која ќе има малку свест. Но, не. Ние ги храниме луѓето без вредности, со личен интерес и опортунизам, а системот не ги казнува извршителите на злосторства.

Од другата страна, пак, младиот Лазаров летна високо, за да потоа силно удри во земјата која сега го „проголтува“. Луѓето како Лазаров живеат од и за слава.

Нему, се’ до овој момент со кој ја премина границата, му одговараа секакви „егзотични“ изјави и ликови. Под влијание на карактерот на ДПЛ и сличните на него, ги засака светлата и камерите. Неговата цел е една – добивање што повеќе следбеници, кликови и лајкови на социјалните мрежи, по цена на губење на личното и општественото достоинство. Под превезот на демократија, таканаречените „инфлуенсери“ создаваат анархија.

Со тоа што продолжи да го релативизира своето одвратно однесување кое се провлекува од почетокот на емисијата и премина во „контранапад“ дека против него се води хајка, јутјуберот само се дозакопа.

Особено кога обвини дека партијата на власт го зела „на нож“ само затоа што бил против ставање на Бугарите во Уставот, Лазаров испадна смешен. Не само што со тоа ги загуби симпатиите и симпатизерите на партијата, туку заради давањето преголемо значење на самиот себе, забрзано почна да ги губи следбениците на Инстаграм.

И како што вели насловот, Латас го знаевме, Лазаров го запознавме. Тандемот Л-Л уште еднаш потврди дека нашето општество нема граници кога е во прашање лицемерното бранење на традиционалните вредности. И дека секогаш кога сме помислиле дека сме го допреле дното, дека нема каде да се оди подолу – сме се излажале!

Прочитајте повеќе

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

По првиот круг јасно е дека Македонија е земја на национализмот, негуван како дива орхидеја. …