Пишува: Зоран Милошески
„Ќе дојде време на лажни пророци што божем во мое име ќе ве збираат по плоштадите…“
„Лажни пророци“, Блаже Конески
Денеска во Скопје ВМРО-ДПМНЕ го одржува долгонајавуваниот протест, со намера да предизвика оставка на Владата и предвремени парламентарни избори. За таа цел, во политичките памфлети кои во форма на проглас беа упатени до граѓаните, опозициската партија повика на „обединување“, ветувајќи „сигурност и светла иднина“ кои ќе ги донесла новата власт предводена од идниот премиер Мицкоски.
Правото на протест и желбата да се освои власта, е легитимно право на секоја партија. Исто како што е легитимна агресивната и скапо платена медиумска кампања која ја водеше ВМРО-ДПМНЕ, во насока на обезбедување што поголема масовност на помпезно најавуваниот протест.
Истовремено, разбирлив е, но не и оправдан, манипулативниот обид чисто партискиот протест (читај: митинг) да се прикаже како општонароден, граѓански собир за искажување на незадоволството од „се’ помалите плати наспроти се’ поголемите цени, од недостапната правда и широкораспространетата корупција спонзорирана од власта“.
Имајќи ги во предвид грешките кои во петгодишното владеење ги направи СДСМ, првенствено од аспект на лошата кадровска политика и големиот број на среброљупци и „печалбари“ во сопствените редови кои до ден денес не престанаа себично и безмилосно да го арчат партискиот углед и рејтинг, изнесените обвинувања би биле вредни за внимание. Но, не и во овој случај!
Оти, ВМРО-ДПМНЕ, партијата која во континуитет од 11 години украде силни милијарди евра, избрка од државата десетици илјади образовани млади луѓе, го понижи и го клекна на колена македонскиот народ, која спроведуваше хистерична шовинистичка политика против „шиптарите, циганите“ и граѓаните од останатите етнички заедници кои живеат во Македонија, партијата чии зулуми не можат да се добројат ниту во догледно време да се исправат, нема никакво, ама баш никакво право да каже ниту збор против власта. Ни против оваа, ниту против било која идна во која таа нема да учествува.
И така се’ до моментот додека целосно не се реформира, се’ додека не ја прекине секоја врска со било кој свој член кој имал било каква поврзаност со злосторничкото здружување и со најголемото зло кое чекорело на ова парче македонска земја – Никола Груевски.
Лидерот во кој се колнеа, кого го величеа до небеса и од кого сеуште не се одрекуваат, на недвосмислен начин ја покажа својата политичка, а пред се’ човечка „големина“: избега од државата како најголема кукавица, оставајќи ги на цедило своите најблиски соработници, но и семејството.
Не постои политички субјект кој повеќе од ВМРО-ДПМНЕ го поделил својот народ, кој толку многу го расцепкал македонското општествено ткиво и внесол толкава пизма меѓу обичните граѓани. И сето тоа заради болните амбиции на алчните и ненаситни партиски функционерчиња, на кои четирите букви им претставуваат обична алатка за задоволување на финансиските апетити и лечење на комплексите.
Иако побавно од дозволениот минимум, во изминатите 5 години срамежливо почнаа да заживуваат правдата и правната држава. И покрај тоа што во правосудните институции и натаму седат судии од тефтерчето на Горде, сепак бројните судски процеси и изречените пресуди со долгогодишни ефективни затворски казни за некогаш недопирливите моќници од ДПМНЕ, потврдуваат дека нешто почна да се движи.
Фактот дека, безмалку, целото поранешно партиско раководство и комплетниот екс владин тим влегоа или се пред капијата на КПУ „Идризово“, најдобро сведочи каква криминална банда цели 11 години си играла играчки и со народот, и со државата. Дополнително, конфискуваната „Бела палата“ и партиските имоти во триесетина општини ширум државата, се мурот на тапијата за потврда на арамискиот код на лажните патриоти.
Од тие причини, Христијан Мицкоски, Антонио Милошоски, Александар Николоски, Илија Димоски и останатите истресоци на режимот на Грујо можат да бидат се’, само не „спасители“ кои во името на ДПМНЕ ќе донесат „обединување, сеграѓанско единство и светла иднина“!
Во време кога Европа се соочува со најголемата економска и безбедносна криза во последните неколку децении, а Македонија дополнително и со уценувачката и фашизоидна политика на источниот сосед, партискиот митинг на мицковци не е ништо друго освен очајнички потег за собирање дневнополитички поени, карактеристичен за продолжувачите на предавничките и квазипатриотски политики на Ванчо Михајлов.
Впрочем, пред многу години великиот Блаже Конески, кого токму Антонио Милошоски и останатите бугарофилски инсталации во ДПМНЕ го нарекуваа „џуџето од Небрегово“, во својата песна „Лажни пророци“ го најави она коешто вечер ќе се случува пред владата:
„Ќе дојде време на лажни пророци
што божем во мое име
ќе ве збираат по плоштадите,
ќе креваат врева до небеси,
ќе се бувтаат во градите.
Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Бес ги распина внатре
душите да ви ги затре.
Тие варосани гробови!
Не да им станете робови!“.
Џинот од Небрегово им кажа се’: Ако е и од ДПМНЕ, премногу е!