Лекари без граници: Во кампот Замзан во Судан на секои два часа умира дете

Лекари без граници: Во кампот Замзан во Судан на секои два часа умира дете

Најмалку едно дете умира на секои два часа во суданскиот бегалски камп Замзан, едно од најголемите и најстарите засолништа за раселени лица во оваа земја, објави во понеделникот хуманитарната организација Лекари без граници.

„Пред да започне конфликтот во април минатата година, луѓето во кампот беа во голема мера зависни од меѓународната поддршка во однос на храна, здравствена помош, чиста вода – сè. Сега тие се речиси целосно напуштени“, рече шефот на мисијата на Лекари без граници во Судан, Клер Николет.

Таа побара од меѓународната заедница итен одговор за критичната состојба во која се наоѓаат раселените лица во кампот Замзан, пишува Ројтерс.

„Она што го гледаме во кампот Замзан е апсолутно катастрофална ситуација“, рече Николет.

Лекари без граници проценуваат дека 13 деца умираат дневно.

„Оние со тешка неуранетост кои сè уште не умреле се изложени на висок ризик да умрат во рок од три до шест недели ако не добијат третман. Нивната состојба може да се лекува ако можат да стигнат до здравствена установа. Но, многумина не можат“, додаде Николет.

Лекари без граници се единствената хуманитарна организација која работи во кампот Замзан.

„Вработените веќе не земаат плати, недостигаат опрема и лекови, како и гориво за генератори, вода и други средства кои се потребни за работа на здравствените установи“, се посочува во извештајот на Лекари без граници.

Конфликтот меѓу суданската армија предводена од генералот Абдел Фатах Бурхан и паравоените сили за брза поддршка предводени од Мохамед Хамдан Дагало започнаа во април минатата година.

Се проценува дека повеќе од девет милиони луѓе се внатрешно раселени во Судан поради војната.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Русија не победува на сите фронтови

Русија не победува на сите фронтови

Русија до ден денес нема контрола над сета Донецка област (над Славјанск, Краматорск итн.), а …