Приоритена активност на Лекарската комора и здруженијата на пациенти, ќе им биде заедничкото вклучување во процесот на измени на Позитивната листа на лекови
За да ја унапредат заедничката соработка, пациентите и лекарите од Лекарската комора, потшишаа Меморандум за соработка со здруженијата на пациенти. Документот во име на Комората го потпиша претседателката проф. д-р Калина Гривчева Старделова, заедно со претставници на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици”, Хепар центар Битола, Здружението на граѓани со хронична миелоична леукемија, Здружението за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Сојузот на здруженија на дијабетичари, Здружението на пациенти со рак и нивни негуватели „ХЕМА-ОНКО” и „ФЕМИНА М” здружение за помош и поддршка на пациентите со гинеколошки заболувања.
Приоритена активност ќе им биде заедничкото вклучување во процесот на измени и дополнување на Позитивната листа на лекови. Проф. д-р Гривчева Старделова истакна дека меморандумот е израз на добра волја на двете страна за понатамошна поблиска соработка.
„Ова е важен настан за сите нас, бидејќи испраќаме јасен сигнал до јавноста дека лекарите и пациентите не се две спротиставени страни, како што тоа најчесто се перцепира, туку напротив, тие се вистински сојузници со заедничка цел, а тоа е овозможување на што подобар третман за пациентите, што е тесно поврзано со обезбедување на подобри условите за работа на докторите“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.
Преку заеднички активности, ќе се подигне нивото на соработка и комуникација меѓу пациентите и лекарите. Ќе си даваат меѓусебна поддршка за прашања од заемен интерес преку заеднички соопштенија, прес-конференции, форуми, реализација на заеднички активности насочени кон подигнување на нивото на општото здравје, како и заеднички настап пред надлежните институции за предлагање на решенија за прашања од заеднички интерес.
Извор: МЕТА