Леле, луѓе, што направивме!?

Пишува: Габриела Илиевска

Да те изберат за градоначалник со над 30.000 гласови и само по една година да немаш храброст на своите сограѓани на плоштад да им ја честиташ Нова година, е стварно ‘’голема’’ работа. Да станиш претседател на Совет и по една година на битолчани од странство да им порачаш дека снегот, кој буквално го блокира и градот и околните села, не е ни прв ни последен пат што заврнал, е стварно голема работа. Да ги фалиш јавните претпријатија дека направиле “светско чудо“ со тоа што ја работат работата за која се платени од џебот на граѓаните, стварно е голема работа.

Толку големи работи досега навистина никој не направил. Никој досега не настапил со толку многу ароганција и надменост, ниту пак некој до толку се потсмевал со маката на луѓето. Гледам дека уште со Двојче правите паралела. Јас пак мислев дека со него и неговото време е завршено!? Наместо нешто да направите, вие уште се жалите дека рацете ви се врзани оти тој пред вас ништел, што на сите нас и претходно ни беше добро познато.

Кога сме веќе кај претходните, не ве слушнав збор да кажете за амнестијата? Не кажавте ништо ни за парите кои требаше да ги вратат? Не ве слушнав да спомните за промената на кривичниот законик, со што Двојче прв ќе биди ослободен? Или, падна снегот и ги покри трагите?

Крајно време е да ја разбудите од зимскиот сон “првата дама“ на Битола. Кажете и’ дека Заев не ја постави за да се кара со луѓето. Дека општината не е нејзина сопственост. Дека премногу и пречесто ни ја потценува интелигенцијата. Кажете и’ дека е 21 век и дека телевизори се даваа на поклон пред 30 години. Кажете и’ дека “високите политики“ не се во нејзина надлежност, дека енергијата треба да ја насочи кон работите за кои е избрана.

И дури вашиот лидер ја води надворешната политика, вие мислите дека секој негов успех е и ваш успех. Мислите дека ако ставите слика со Заев, исто онака како што тие пред вас ставаа со Грујо, дека со тоа давате некаков придонес? Мислите дека заради тоа луѓето повеќе ќе ве сакаат и почитуваат? Ниту едното, ниту другото, туку со тоа само покажувате дека ништо не сте научиле од претходните.

За брзо, многу брзо, истите тие луѓе кои ги потценувате и им се потсмевате, кон кои се однесувате како да не постојат, ќе треба пак да ги молите. Оти за неполн месец пак ќе треба да тропнете на нивните врати за да измолите гласови. Тогаш Заев нема да иди со вас, туку ќе треба сами, очи во очи, да се соочите со граѓаните на кои им рековте дека се лицемерни оти бараат чист воздух, дека се политиканти кога повикуваат на излегување на улица, дека се нечија продолжена рака оти бараат ЖИВОТ. Впрочем, ефектот од големата доза на деструкција која ја манифестиравте изминатата година, ќе го видите брзо.

Заборавивте дека слободата на умот нема цена. Јас за тоа се борев, а вие?

Прочитајте повеќе

Стевче Јакимовски и Катица Јанева на црната листа на САД

Во соопштението на Американскиот Стејт департмент како причина се наведува дека двајцата биле инволвирани во …