Лукароска: 150 деца од СОУ „Ѓорче Петров“ се оставени без превоз, потпишувањето анекс на договорот е кривично дело

Лукароска: 150 деца од СОУ „Ѓорче Петров“ се оставени без превоз, потпишувањето анекс на договорот е кривично дело

Изјава на директорката на СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп, Петра Лукароска, за причините поради кои учениците од ова училиште се оставени без превоз:

Како директорка на СОУ „Ѓорче Петров“ Прилеп, пред се’ имам должност да ги информирам родителите на учениците од населените места чии деца учат во ова училиште и користат посебен линиски превоз до и од училиштето, дека сметано од 10.02.2023 година до денес, училиштето нема обезбедено посебен линиски превоз за околу 150 деца кои посетуваат настава, а се од населените места.

Од страна на Општина Прилеп, за тековната 2023 година се обезбедени финансиски средства за спроведување на јавна набавка „Превоз на ученици“ во вкупен износ од 37 милиони денари. За таа цел, Општина Прилеп има издадено согласност за склучување на договор за јавна набавка и го овласти СОУ „Орде Чопела“ да биде носител на групната јавна набавка за превоз на ученици. Предметната постапка е во тек и пред скоро завршување.

Она што треба да се истакне е дека за учебната 2021/2022 година беше склучен договор за јавна набавка за превоз на учениците од населените места. Заради доцнење со отпочнување на постапката за јавна набавка за тековната 2023 година и потребата од превоз за учениците пред крајот на 2022 година, на 28.12.2022 година беше склучен анекс кон основниот договор, со кој важноста на договорот  беше продолжена до 10.02.2023 година. Од 10.02.2023 година наваму, училиштето останува без обезбеден превоз за учениците.

Училиштата кои се вклучени во групната јавна набавка, со исклучок на нашето училиште, со превозниците имаат склучено и втор анекс кон основниот договор за превоз на ученици за 2021/2022 година. Како директорка на училиштето, од мене беше побарано и јас да склучам таков втор анекс кон договорот кој важел за претходната учебна година.

Меѓутоа, сакам да укажам на тоа дека анекси кон договорот за превоз на ученици за учебната 2021/2022 година можат да се склучуваат во висина од најмногу 20% од вредноста на јавната набавка, и тоа најдоцна до истекот на 2022 година. Не и во тековната 2023 година, затоа што со Буџетот на Општина Прилеп за оваа година предвидени се средства за превоз на ученици кои единствено можат да бидат потрошени преку постапка за јавна набавка, но не и на ваков начин, преку склучување на втор анекс кон договор кој важел за претходната учебна година.

Вака настанатата состојба, се одразува врз непреченото посетување на наставата од страна на учениците од населените места. Од тие причини, до Одделението за јавни дејности на Општина Прилеп, како и до носителот на групната јавна набавка за превоз за 2021/2022 година, Гимназијата „Мирче Ацев“, беше укажано на состојбата. Истовремено, од нив беше побарано мислење, дали постои согласност за склучување на еден ваков анекс договор, но до денес од нивна страна немаме добиено никаков одговор.

Заради утврдување на причините кои доведоа до ваквата состојба, но и утврдување на одговорноста за неизвршување на надлежностите околу организирање на превозот на ученици од страна на Локалната самоуправа, денес до Државниот просветен инспекторат ќе биде поднесена иницијатива за вршење на вонреден инспекциски надзор, со цел да се лоцира чија е одговорноста за настанатиот проблем.

Уште еднаш, од името на колективот на СОУ „Ѓорче Петров“ изразувам жалење за настанатата состојба. Истовремено, до родителите на учениците од населените места упатувам апел, во следниот период од 8-10 денови додека заврши јавната набавка, доколку имаат можност, сами да го обезбедат превозот на учениците до училиштето и назад, се’ со цел учениците да не ги пропуштаат наставните активности.

Прочитајте повеќе

СДСМ со повик за лидерска средба за стабилност

СДСМ со повик за лидерска средба за стабилност

Прес-конференција na Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ Почитувани граѓани, Нашето општество се соочува со исклучително …