Манипулативната моќ на социјалните медиуми

Манипулативната моќ на социјалните медиуми

Пишува: м-р Анита Ангеловска

Навидум ден како и сите останати работни денови. Со јасни цели се подготвувам за часот: учениците да го анализираат влијанието на медиумите и медиумската пропаганда во современото општество и да градат одговорен однос во користењето на социјалните медиуми. Очекувањата се да дискутираат за потребата од критичко толкување на медиумите и медиумската пропаганда, да ги објаснат поимите „цензура“ и „автоцензура“ и критички да анализираат неодговорно користење на социјалните медиуми (сајбер насилство). Знам дека нема да биде едноставно, затоа што содржината на часот е влијанието на социјалните медиумите врз граѓаните, а станува збор за ученици од деветто одделение, деца на 14 или 15 години, кои буквално ги живеат социјалните медиуми и секојдневно го чувствуваат нивното влијание.

Дилемата ми е, кои активности да ги одберам за да ги постигнам целите, а сепак да не се најдам на „лизгав“ терен кој тешко ќе го менаџирам? Логично е учениците да анализираат текстови во кои ќе идентификуваат факти, информации и лични ставови, но и да дискутираат за примери од влијанието на социјалните медиуми во секојдневниот живот и за (не)одговорното користење на социјалните мрежи. Се впуштам во море информации, објави, текстови, наслови… Истражувам за да селектирам примери кои ќе бидат соодветни на намерите и на возраста на консументите. Заглавувам во законската регулатива, шокирана од резултатите на моето истражување…

Контрадикторни се содржините за слободата на медиумите со информациите споделени во нив. Запрепастувачки се и податоците за историјатот на интернетот, кој за првпат бил достапен како комерцијална услуга во 1989 година, додека пак социјалната мрежа Фејсбук се појавува дури во 2004 година. Денес, 15 години подоцна, со помош на интернетот локалното станува глобално, пристапот до огромен број информации расте, исто како што расте можноста секој од нас да сподели информација, да информира и да биде информиран.

И веќе ми е јасен концептот: информациите ќе ги црпам од учениците, ќе учиме едни од други и заеднички ќе извлекуваме заклучоци. Најважно ми е да разберат дека медиумот претставува канал низ кој циркулираат информациите и дека една од карактеристиките на медиумите, е организираното и јавно пренесување на пораки кои допираат до голем број луѓе. Поради тоа, тие имаат големо влијание кое може да биде и позитивно и негативно. Иако информирањето преку социјалните мрежи има галопирачки пораст, учениците треба да знаат дека тоа не може да биде замена за медиумите и новинарската работа. Медиумите работат според правила пропишани со законите на земјата, политички документи и меѓународни договори и стандарди. Новинарите треба да внимаваат да бидат етични во својата работа, да го почитуваат правото на јавноста да дојде до вистината и да известуваат во согласност со фактите.

Кога во 1938 година на едно радио во САД се емитувала радиодрама врз основа на романот „Војна на световите“ од Х. Г. Велс, дел од слушателите помислиле дека на Земјата навистина се случува инвазија од Марсовци, по што започнале панично да бегаат од домовите. Тоа траело сѐ додека не сфатиле дека не станува збор за пренесување вест, туку за драматизација на роман.

Изнесениот пример укажува на тоа дека во триесеттите години од минатиот век, луѓето многу им верувале на информациите пласирани на радиостаниците, што истовремено претставува и увертира во дискусијата за потребата од критичко толкување на медиумите и медиумската пропаганда. Поради големиот број на медиумски содржини во денешно време, примателот на информација треба да има на ум дека не секоја информација пласирана во медиумите е вистинита и точна. Затоа не треба безрезервно да веруваме на сè што ќе чуеме или прочитаме, туку информациите треба да ги проверуваме. Кога самите споделуваме информација која не е вистинита, ние сме соучесници во дезинформирањето на јавноста. Од тие причини, имаме одговорност истата да ја провериме, со цел да се заштитиме и себеси и другите од манипулации, дезинформации и пропаганда.

Но, медиумската писменост ни помага да бидеме одговорни и професионални и кога споделуваме информации на Фејсбук, Инстаграм, Твитер, или други социјални медиуми. Воодушевена од текот на разговорот и од зрелоста на одговорите на умните глави, постепено ги „навлекувам“ подлабоко во темата која сериозно ја загрозува безбедноста на децата – неодговорното користење на социјалните медиуми (сајбер насилство). Од дискусијата произлегоа интересни примери и заклучоци, кои треба сите да не’ замислат.

Позитивна страна, е дека новите медиуми ни овозможија да бидеме активни граѓани, да го искажеме нашиот став за различни теми, да влијаеме врз одредени одлуки кои се важни за нашето живеење. Темите кои не се доволно или соодветно третирани од традиционалните медиуми, денес често се дел од кампањи промовирани на социјалните мрежи. Сепак, интернетот има и свои негативни карактеристики, како лесното пласирање на дезинформации и невистинити вести, крадењето и злоупотребата на личните податоци, вознемирување и малтретирање на интернет (сајбер булинг), говор на омраза и други појави. Поради нив, децата треба посебно да внимаваат за безбедноста на интернетот и ако мислат дека правата им се загрозени, да се обратат кај своите родители или старатели, наставници или институции како што се Дирекцијата за заштита на лични податоци или Народниот правобранител.

Медиумите се еден од најзначајните феномени на современото општество, затоа што се линкот меѓу граѓаните и власта, затоа што го креираат јавното мислење, но најважно од сè, влијаат врз развојот на личноста и нејзиното однесување во средината. Не постојат вистински демократски општества без слободни и независни медиуми. И обратно – не можеме да очекуваме независни и развиени медиуми во недемократски општества.

После сите бури и настани на општествен и политички план, се покажа дека приоритетно прашање на кое како систем и како индивидуи ќе треба да поработиме, е медиумската култура. Одговорноста во однос на градењето вредносни системи, почитувањето на етичките стандарди па и размислување за посериозно регулирање на правната димензија, лежи во сите нас. Говорот на омраза и споделувањето вулгарни и несериозни објави преку социјалните медиуми делува застрашувачки, имајќи предвид дека секој, а особено децата, имаат пристап до тие информации. Со сета почит кон слободата на изразување, која и јас максимално ја користам, медиумската култура подразбира почитување и толеранција.

Не можеме да го сопреме процесот на дигитализација и глобализација, но секако треба да се потрудиме да не праќаме пораки кои подгреваат насилство, омраза и негативна енергија кон поединци или различни целни групи. Тоа е најмалку што можеме да направиме.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …