„Дамјан беше највозрасниот во тимот на македонската математичка репрезентација. Правилата на натпреварот налагаат учесниците да немаат наполнето 15,5 години“, вели проф. Марковски
На 27. Јуниорска балканска математичка олимпијада (ЈМБО), Македонија е единствената земја која освои златен медал со максимален број на поени, информира Сојузот на математичари. Златниот медал го освои ученикот Дамјан Давков. Покрај златниот медал, Ивано Божиновски освои сребрен медал, а Андрија Младеновиќ освои бронзен медал.
„На ЈБМО 2023 државата успешно ја претставија уште Никола Стојковски, Јаков Геговски и Андреј Тасиќ. Уште една радосна вест е што една од задачите кои сите учесници ја решаваа беше македонски предлог (задача 1), во авторство на лидерот Никола Велов. Им се заблагодаруваме на Анастасија Трајанова, Илија Јовчески, Лука Хаџи Јорданов, проф. д-р Мирко Петрушевски, Виктор Симјаноски и на претседателот на комисијата за меѓународни натпревари до 15,5 години проф. д-р Делчо Лешковски, кои заедно со нас учествуваа во подготовките на тимот“, информираат во Сојузот на математичари.
Професорот и претседател на Сојузот, проф. д-р Ѓорги Марковски, за Мета.мк вели дека на оваа олимпијада учествувале тимови од 11 балкански земји, но и тимови од европски и азиски земји.
„Многу е важно дека Дамјан ги освои максималникот број поени. Има повеќе златни медали, но тој е единствениот со максимален број поени. Тој беше највозрасниот во тимот на македонската математичка репрезентација. Правилата на натпреварот налагаат учесниците да немаат наполнето 15,5 години“, вели проф. Марковски.