Меѓународниот кривичен суд ги отвора првите случаи за злосторства од руски војници

Меѓународниот кривичен суд ќе ги издаде првите налози за апсење поврзани со два случаи отворени за воени злосторства извршени во Украина, пишува Гардијан. Станува збор за случаи за киднапирање на украински деца и таргетирање на цивилна инфраструктура во војната од страна на руски граѓани.

Весникот „Њујорк тајмс“ и „Ројтерс“ објавија дека обвинителот Карим Кан ќе побара од судиите на претходна постапка да ги одобрат налозите за апсење врз основа на досега собраните докази. Доколку биде успешна постапката, ова ќе биде првпат да бидат издадени налози за апсење од Меѓународниот кривичен суд во врска со руската инвазија на Украина.

Сепак, Гардијан пишува дека малку е веројатно дека потерниците ќе доведат до судења на руски граѓани, бидејќи Меѓународниот кривичен суд нема да им суди на обвинетите во отсуство, а Русија не е членка на овој суд и е многу мала веројатноста обвинетите лица да ги предаде на судот, со седиште во Хаг.

Инаку, налозите за апсење за првите два случаи за воени злосторства доаѓаат нешто повеќе од една година откако обвинителот Кан отвори истрага за можни воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид во Украина. Во текот на изминатите 12 месеци, тој направи три патувања во Украина и посети места за наводни воени злосторства.

Во најновиот руски напад врз градот Краматорск утрово загина најмалку еден цивил, а тројца се повредени, јавува Укринформ. Во централното градско подрачје биле погодени шест станбени згради. Украинските власти додаваат дека како резултат на руските воени дејствија во Донецкиот регион загинале најмалку три лица, додека 14 се повредени.

При руското ракетирање на градот Вовчанск во Харкивскиот регион најмалку еден цивил загинал, откако бил погоден автомобил и цивилна инфраструктура во градот, пренесува Укринформ.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба објави дека 32 земји од светот досега се приклучиле на коалицијата, која бара формирање на специјален трибунал што ќе ги гони извршителите на кривични дела за време на руската агресија врз Украина, пишува Гардијан.

„32 држави сега работат заедно за да го повикаат највисокото политичко и воено раководство на Русија на одговорност. Путин и неговите соработници ќе одговараат“, напиша Кулеба на Твитер.

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …