Руски дипломати протерани од ЕУ поради шпионажа сега работат во Белград

Руски дипломати протерани од ЕУ поради шпионажа сега работат во Белград

Најмалку тројца руски дипломати кои беа протерани од ЕУ по руската инвазија врз Украина сега се акредитирани руски дипломати во Србија. Двајца од нив се поврзани со руските разузнавачки служби. Неколку земји како причина за протерувањето ја наведоа наводната шпионажа.

Во месеците по почетокот на руската инвазија врз Украина минатата година, стотици руски дипломати беа протерани од земјите членки на Европската унија (ЕУ) или беа ставени на црната листа. Неколку земји како причина за протерувањето ја наведоа наводната шпионажа.

Најмалку тројца од тие дипломати сега се акредитирани руски претставници во Србија, од кои двајца со врски со руските разузнавачки служби, покажува повеќемесечната истрага на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Четвртиот дипломат, кој моментално е стациониран во руската амбасада во Белград, ја напушти дипломатската мисија во руската амбасада во Хелсинки два месеци откако Финска објави дека ќе протера руски дипломати како одговор на руската инвазија врз Украина.

Русија го засили своето дипломатско присуство во Србија по бранот протерувања на дипломати од ЕУ минатата година. На списокот на Министерството за надворешни работи на Србија сега има 62 акредитирани дипломати, наспроти 54 во март 2022 година.

За разлика од повеќето европски земји, Србија не воведе санкции против Москва откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна војната против Украина на 24 февруари 2022.

Додека Србија се стреми да се приклучи на ЕУ, владата на претседателот Александар Вучиќ се обидува да одржи традиционално силни врски со Русија, која дели православно христијанско наследство со Србија и која го поддржа Белград во бројните спорови со Западот.

Русија е меѓу државите кои не ја признаваат независноста на Косово и ги поддржува напорите на Србија да го блокира членството на Косово во меѓународните институции.

Најмалку еден протеран руски дипломат, поврзан со единицата на Федералната служба за безбедност (ФСБ), обвинета за сајбернападите врз американскиот енергетски сектор, сега е испратен во Белград, додека друг е поврзан со Руската разузнавачка служба за надворешни работи, утврди РСЕ по скоро едногодишното истражување.

Од хакер до дипломат

Хрватска на 11 април 2022 година објави дека протерува 18 руски дипломати и шестмина членови на помошниот персонал од Руската амбасада во Загреб, наведувајќи дека тоа е „најостра осуда на бруталната агресија врз Украина“.

Протест против руската агресија врз Украина пред Руската амбасада во Загреб на 24 февруари 2022
Протест против руската агресија врз Украина пред Руската амбасада во Загреб на 24 февруари 2022

Меѓу дипломатите кои Хрватска ги протера беше и Алексеј Иваненко, кој беше втор секретар во Амбасадата, според списокот на протерани претставници кој РСЕ го доби од извори во европските дипломатски кругови.

Во рок од шест месеци, Иваненко веќе добил нова должност во Белград, на само четири часа возење од Загреб, според евиденцијата на српското Министерство за надворешни работи. Неговата преселба во Србија доаѓа со унапредување во прв секретар во Амбасадата во Белград.

Околу една деценија пред неговото протерување од Хрватска, Иваненко работел во друг сектор на руската држава, според протечената база на податоци од руската влада во која РСЕ имаше увид.

Таа база покажува дека Иваненко работел како „инженер“ за воената единица 71330, друго име за Центарот 16 на руското ФСБ.

Околу две недели пред Хрватска да го објави протерување на 18 руски дипломати, американските власти ги објавија обвиненијата против тројца руски разузнавачки службеници кои работат за Центарот 16. Тие се обвинети дека скоро шест години хакирале американски нуклеарни и други компании.

Четири месеци откако Загреб ги протера Иваненко и другите руски дипломати, американската сајберкоманда испрати свои вработени во Хрватска „да трагаат по злонамерни сајберактивности на партнерските мрежи“.

Рускиот дипломат Алексеј Иваненко со сопругата Екатерина и ќерката во Индија во 2015 година
Рускиот дипломат Алексеј Иваненко со сопругата Екатерина и ќерката во Индија во 2015 година

Хрватското Министерство за надворешни работи не одговори на барањето на РСЕ за коментар.

Куќа за шпиони

Во март 2022, Полска објави дека ќе протера 45 наводни руски разузнавачки службеници кои се претставувале како дипломати, а кои Варшава ги смета за „закана за интересите и безбедноста на нашата земја“ и ги обвинува дека работат на „подривање на стабилноста на Полска и нејзините сојузници“.

Полска јавно не идентификуваше ниеден од протераните дипломати. Но, меѓу дипломатите чии имиња исчезнаа од сајтот на Руската амбасада во Варшава набрзо по полското соопштение беше и 39-годишниот Михаил Генералов, советник во Амбасадата.

Полски функционер запознаен со овој случај, кој не е овластен да зборува за тоа официјално, за РСЕ потврди дека Генералов бил протеран од Полска по руската инвазија врз Украина.

Шест месеци подоцна, тој веќе работи како советник во Руската амбасада во Белград.

Дипломатските листи кои ги води Министерството за надворешни работи на Србија покажува дека Генералов таа функција ја презел околу септември 2022 година.

РСЕ независно ја потврди врската меѓу Генералов и руската разузнавачка служба. Протечените бази на податоци за недвижностите на руската влада во Москва покажуваат дека резиденцијата на Генералов се наоѓа во комплекс на Вилнускаја улица во југозападниот дел на Москва.

Тој комплекс е изграден специјално за руската Надворешна разузнавачка служба позната како СВР, со декрет на тогашниот градоначалник на Москва Јури Лужков од 2001 година.

Полското Министерство за надворешни работи одби да го коментира случајот, наведувајќи дека се работи за лични податоци на руските дипломати протерани од земјата.

Министерството за надворешни работи на Србија не одговори на барањата за коментар.

Рускиот дипломат Михаил Генералов
Рускиот дипломат Михаил Генералов

РСЕ се обиде да добие коментар од Генералов преку неговиот налог на руската социјална мрежа Вконтакте. Прикажано е дека пораката е прочитана, но одговор не добивме.

Хелсинки и Хаг

Најмалку уште еден дипломат кој во моментов работи во Руската амбасада во Белград се најде на црната листа, во овој случај на Холандија, заедно со уште 17 руски дипломати кои холандската влада ги протера по инвазијата врз Украина, наведувајќи дека се руски разузнавачи.

Дипломатот Дмитриј Барабин најдоцна од септември ја извршува должноста втор секретар во Амбасадата во Белград.

Еден месец по почетокот на руската инвазија, холандската влада во март 2022 година најави дека протерува 17 руски разузнавачи поради „закани за националната безбедност“.

Рускиот дипломат Дмитри Барабин
Рускиот дипломат Дмитри Барабин

Барабин не беше меѓу протераните од Холандија, туку му беше забранет влез во земјата уште пред да ја преземе должноста во Руската амбасада во Хаг, покажува истражувањето од октомври 2022 година на Досие центар – истражувачки тим финансиран од критичарот на Кремљ и руски бизнисмен во егзил Михаил Ходорковски, во соработка со Де Тијд и НОС.

Холандското Министерство за надворешни работи одби да го коментира овој случај за РСЕ.

Холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хукстра, минатиот месец, во пресрет на годишнината од руската инвазија врз Украина, рече дека Холандија одлучила да го ограничи бројот на руски дипломати поради „постојаните обиди на Москва да постави разузнавачи во Холандија како наводни дипломати“.

Додека 38-годишниот Барабин и неговата сопруга се активни на социјалните мрежи, има малку јавно достапни информации за неговата дипломатска кариера. Новинарите не можеа да идентификуваат ниедна дипломатска позиција на која тој бил пред мандатот во Белград.

РСЕ го контактираше Барабин за коментар преку неговиот налог на Вконтакте. Прикажано е дека прашањата биле прочитани, но не стигна одговор.

Руското Министерство за надворешни работи не одговори на барањето за коментар за дипломатскиот персонал во Белград.

Таткото на Барабин претходно работел како шеф на Институтот на Министерството за одбрана на Русија специјализирано за картографија.

Четвртиот руски дипломат кој сега е вработен во Амбасадата на Русија во Белград ја напуштил својата позиција во држава од ЕУ по почетокот на инвазијата врз Украина.

Дипломатот Пјотр Долгошеин е наведен како советник во Руската амбасада во Србија. До летото 2022 година, тој бил втор секретар на Руската амбасада во Хелсинки.

Финската влада во април 2022 година најави дека ќе протера двајца руски дипломати. Исто така одби да му ја продолжи визата на трет дипломат како одговор на руската инвазија врз Украина и „безбедносната ситуација во Европа“.

Не е јасно дали Долгошеин е меѓу руските дипломати на кои се однесува соопштението на финската влада.

Преселувањето на Долгошеин од Финска во Србија е видливо според неговите објави на Вконтакте, каде што има најмалку еден налог под псевдоним. Во февруари 2021 година, објавил селфи од пред претседателката палата во Финска. Во декември 2022 година, објавил фотографија од Храмот Свети Сава во Белград.
И Министерството за надворешни работи на Финска и Амбасадата на Финска во Белград одбија да го коментираат овој случај.

Рускиот дипломат Пјотр Долгошеин
Рускиот дипломат Пјотр Долгошеин

Долгошеин, кој на објавите на социјалните мрежи се претставува како вљубеник во вејкбординг, беше наведен како официјален претставник на руското Министерство за внатрешни работи во Финска.

Постојат податоци дека во два наврати бил дел од рускиот мировен контингент во Косово.

Долгошеин не одговори на барањето за коментар испратен преку мрежата Вконтакте.

Балканскиот сервис на РСЕ побара коментар за новите руски дипломати во Белград од Владата на Србија и од Министерството за надворешни работи, како и од Кабинетот на претседателот Александар Вучиќ, но не добивме одговор.

‘Братска и пријателска земја’

Руската амбасадата во Белград претходно беше вмешана во шпионска афера. Српската влада во ноември 2019 година соопшти дека открила руска шпионска мрежа поврзана со амбасадата, што го натера Вучиќ да го повика рускиот амбасадор на разговор.

Вучиќ, сепак, го намали интензитетот на инцидентот.

„Ние својата политика кон Русија нема да ја менуваме. Ја доживуваме како братска и пријателска земја и ќе продолжиме со најдобра соработка во сите општествени области, освен што во разузнавачка смисла ќе ја заштитиме и сочуваме нашата земја“, рече Вучиќ.

Никола Луниќ, поранешен воен дипломат на Србија, кој денес е на чело на белградскиот невладин Совет за стратешки политики, за Балканскиот сервис на РСЕ изјави дека Србија би можела да ги загрози сопствените европски интеграции со давањето „дипломатско прибежиште“ на протераните руски дипломати.

„Ваков потег на Србија би можел на Запад да се перцепира како дипломатска, а веројатно и разузнавачка поддршка на севкупните руски воени напори [во Украина, заб. авт.]“, рече Луниќ.

Тој укажа дека разузнавачките служби „по правило ги користат дипломатските привилегии за со дипломатскиот имунитет непречено да ги обавуваат своите разузнавачки задачи“.

„Очигледно е дека во овој момент Србија претставува последно прибежиште во Европа за безбедна разузнавачка работа на руските оперативци“, рече Луниќ.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Во Хрватска денеска (17 април) се одржуваат редовни парламентарни избори на кои право на глас …