Мијат садови без сјај, чистат со џогери со ќебе – што затекнуваат надлежните во училишните кујни и градинките?

Мијат садови без сјај, чистат со џогери со ќебе – што затекнуваат надлежните во училишните кујни и градинките?

„Критично место во кујната е приборот за јадење, лончињата, а најважна е личната хигиена на вработените. Тие мора да носат работна облека, мора да внимаваат да немаат рани по рацете, да немаат налакирани нокти, да не носат прстени и алки“, вели за Мета прим. д-р Љупчо Костадиновски

Нечиста работна облека, нечисти ножеви и даски, измиени садови без сјај, чистење училишен под или под во градинка со џогер со парче ќебе. Ова се само дел од неправилностите кои ги затекнуваат на терен во училишта и градинки, докторите по хигиена од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ). Тие велат дека сè уште има објекти во кои хигиената на вработените и на работните површини е на многу ниско ниво.

„Во училиштата и во градинките кои имаат склучено договор со ЦЈЗ, хигиената е добра, а во останатите, хигиената не е како што треба. Затоа апелираме тие да склучат договори со нас, за да можеме редовно и често да земаме брисеви и мостри. Праксата покажува дека во градинките и училиштата кои имаат склучен договор, хигиената е многу подобрена“, вели за Мета.мк прим д-р Љупчо Костадиновски, раководител на одделот за хигиена во ЦЈЗ.

Ножевите треба да се обележани, работната маса – чиста

Како што тој објаснува, за да се намали ризикот од појава и ширење на бактерии, работните површини мора да се чисти, треба да има обележани ножеви за свежо месо, за печено месо, ножеви за салата, ножеви за торта. Сето ова треба да биде истакнато на ѕидот во кујната. Корпата за отпадоци мора да биде на ножен погон, а мора да се мери и температурата во фрижидерот. Џогерите за чистење треба да се обележани, односно точно да се знае кој е за чистење ходник, кој за во училница, кој е за подот во трпезаријата.

Мијат садови без сјај, чистат со џогери со ќебе – што затекнуваат надлежните во училишните кујни и градинките?
Прим. д-р Љупчо Костадиновски, раководител на одделението за хигиена во Центар за јавно здравје

„Критично место во кујната е приборот за јадење, лончињата, а најважна е личната хигиена на вработените. Тие мора да носат работна облека, мора да внимаваат да немаат рани по рацете, да немаат налакирани нокти, да не носат прстени и алки. Во кујните во училиштата и во градинките мора да работат лица со соодветно образование, односно да имаат завршено минимум средно угостителско. Вработениот мора да има основни знаења за храна и да е обучен за хигиената на храната. Центарот за јавно здравје ги обучува оние на кои им е потребна обука“, објаснува д-р Костадиновски.

Тој информира дека она што тој лично го затекнува на терен во училишта и градинки е нечиста облека која ја носат вработени во кујните, користење нечисти ножеви, нечисти даски. Исто така, се случувало и вработени да мијат садови како што се навикнати од дома, иако има правило како треба да се измијат садови.

„Кога одиме да земеме мостри од храна, се оди задолжително со доктор спец. по хигиена. Јас одредувам од каде ќе се земе храната, односно дали ќе земам супа, дали ролат, дали компир манџа, ладен сендвич. Најважно е што сите градинки и школи, имаат обврска да чуваат примерок на храна 48 часа, за да во случај на труење, можеме да земеме и да го испитаме тој примерок“, додава Костадиновкси.

Не постои училиште или градинка „без грешка“

Ако одговорните забележат дека хигиената во кујната не е на солидно ниво, тие реагираат и укажуваат, односно не чекаат да се појави труење, па отпосле да реагираат.

„Не постои училиште или градинка во кои кујните се беспрекорно чисти. Казните за неодржување хигиена се движат од 3.000 до 4.000 евра. Лани беше казнета само една градинка. Сепак наша обврска е да делуваме превентивно, да не дојде до казна“, додава докторот.

Вработените што имаат контакт со храна, имаат обврска да направат санитарен преглед на секои шест месеци. Во ЦЈЗ им се земаат брисеви од грло и нос. Ако некој е бацилоносител, се информира одделот за микробиологија, но и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

И АХВ констатира неправилности 

Мета.мк се обрати и во Агенцијата за храна и ветеринарство во врска со хигиената и безбедноста на храната во училиштата и во градинките. Оттаму информираа дека од почетокот на годинава досега, инспекциските служби спровеле 107 инспекциски надзори во училишта и детски градинки каде се служи храна.

„Недоследностите се однесуваaт на нередовно водење на записи за добра хигиенска и добра производствена пракса како и НАССР систем, неизвршен здравствен преглед кај персоналот, оштетени ѕидни и површини за работа и други недоследности од помал обем за што се издадени четири наредби за нивно отстранување, а изречени се и четири мерки едукации“, информираат оттаму.

Во 2022 година спроведени биле вкупно 410 инспекциски надзори, за што за утврдени недоследности кои се однесувале на оштетени ѕидни или работни површини, лоша хигиена, несоодветно чување на ускладиштените производи, немање санитарни книшки за вработените и неспроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, изречени се 40 наредби и 17 едукации.

„Инспекциските служби ја контролираат безбедноста на производите, хигиенските услови при подготвувањето и послужувањето на храната во градинките и училиштата, како и здравствената состојба на лицата кои работат со храната“, појаснуваат оттаму.

Обуки за персоналот во градинките

АХВ спроведува обуки на кои вработените во градинките стекнуваат нови знаења од областа на безбедноста на храната во градинките. Оттаму информираат дека целта на едукациите е да се превенираат инциденти поврзани со небезбедна храна во предучилишните установи.

„Храната треба да е подготвена според критериумите за безбедност и квалитет на храната, да ги следи нормите кои се однесуваат на принципите на добра хигиенска и добра производна пракса и тоа во целиот процес. Важно е принципите на безбедност да се почитуваат во сите алки во синџирот на храната“, вели директорот на АХВ, Николче Бабовски.

Обуките за обновување и стекнување на нови знаења за безбедноста на храната во градинките почнаа лани. Во АХВ информираат дека досега биле обучени 351 вработени лица.

„Од планираното за годинава, почнати се едукации ширум државата, со што до крајот на летото ќе бидат опфатени седум региони“, информира Бабовски.

Инаку, д-р Рената Младеновска директорката на ДЗСИ информира дека во 2022 година инспекторите констатирале едно труење со храна, а во 2023 година имало исто така едно труење.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Гласот за ДПМНЕ носи само меѓуетнички тензии, заробени медиуми, замолчени граѓани

Ковачевски: Гласот за ДПМНЕ носи само меѓуетнички тензии, заробени медиуми, замолчени граѓани

Давањето преголема моќ на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ може да донесе само разгорување на …