Апарат за мерење на крве притисок

Министерство за здравство: Над 420.000 луѓе имаат висок крвен притисок, многумина не ја земаат потребната терапија

Во евиденцијата на услугите на матичните лекари во 2020 година се регистрирани вкупно 428.759 случаи на есенцијална (примарна) хипертензија. Од нив 255.658 се жени, а 173.101 мажи, покажала анализата на Министерството за здравство и Светска банка

Лошиот стил на живот, односно дебелината, неактивноста и загадениот воздух, се само некои од ризик факторите кои придонесуваат за појава на хипертензија (висок крвен притисок). Официјална статистика за точниот број на лица со оваа дијагноза во земјава нема, но интернисти и кардиолози тврдат дека бројката расте, а се забележува и намалување на старосната граница.

Иако официјални бројки нема, Министерството за здравство со поддршка на Светска банка направиле и објавиле наоди од анализа за хипертензијата во државата. Согласно тие наоди, во евиденцијата на услугите на матичните лекари во 2020 година се регистрирани вкупно 428.759 случаи на есенцијална (примарна) хипертензија. Од нив 255.658 се жени, а 173.101 мажи. Најголемиот број се во категоријата 65-74 години.

„524.000 возрасни лица се со ризик од хипертензија. Проценетото население под ризик најчесто е на возраст од 18 до 54 години, особено кај мажите, со вкупно 173.000 пријавени дијагнози на хипертензија. Иако проценките за ризичното население се несигурни, статистиката на матичните лекари укажува на тоа дека повеќе од жените во ризик се опфатени со грижа отколку мажи во ризик“, наведено е во анализата.

Проблем прават психичкиот стрес, бучавата и загадувањето 

Препорачани вредности за нормален крвен притисок се од 120 до 130 систолен и 70 до 80 дијастолен. Сè што е вредност 140/90 мм и над тоа, се смета за висок крвен притисок. Согласно новите препораки за дијагностика, освен стандардните причинители (солена храна, дебелина, консумирање алкохол, пасивност), препознаени се и загадувањето на воздухот, бучавата, психичкиот стрес и долгиот ковид.

Како што за Мета.мк објаснува докторката Нела Костова од Клиниката за кардиологија, мора да се обрне внимание на стилот на живот, што посебно важи за младите лица.

„Медитеранска исхрана, односно внес на зеленчук, риба, маслиново масло, помал внес на сол. Лукот и магдоносот исто така треба да се консумираат. Суплементите не е докажано дека го намалуваат крвниот притисок, но здравата исхрана, да. Ако ова се применува, вредностите ќе се намалат за 5 мм“, вели д-р Костова.

Многумина не ја пијат терапијата 

Лекувањето на хипертензијата со лекови не значи намалување на вредностите на крвниот притисок, туку избор на лекови кои го намалуваат вкупниот кардиоваскуларен ризик, предупредува Костова.

„Сите генерации лекови се достапни кај нас, но за жал, комбинираната терапија (повеќе лекови во една таблета), која е поефикасна, не е на позитивната листа, но се надеваме дека ќе ја има бидејќи се прават промени во позитивната листа. Сепак, има пациенти кои не ја пијат терапијата, па затоа неопходна е едукација за користа од терапијата. Терапија се пие за да се спречи уништување на органите што го предизвикува нелекувана хипертензија. Тоа може да резултира со срцев удар, озочен удар, бубрежни болести“, предупредува докторката.

Како што појаснува докторката, ако пациентот има лесна хипертензија односно до 150/90 и е во низок ризик (односно нема други болести), тогаш се почнува со режим на исхрана. Ако по три месеци нема ефект, тогаш се оди со медикаментозна терапија.

Немаме добар амбиент за физичка активност 

Маја Шушлевска, специјаст-интернист и кардилог, за Мета.мк вели дека сите дегенеративни болести се во пораст.

„Hемаме добар амбиент овде за умерена физичка активност, немаме сообраќај што поддржува велосипедизам, улога игра и храната, потоа исто така и економскиот момент, кој диктира колку здраво ќе се храниме. Хипертензијата е последица на генетиката, стареењето и фактори од животната средина. Сето тоа влијае да се јавува многу порано, посебно заради стилот на живеење, имаме малку психосоцијален момент, помалку дружби. Зимно време е загаден воздухот, се затвораме дома. На моите пациенти им велам да не излегуваат, да не возат точак во зима кога е екстремно загадено“, вели д-р Шушлевска.

Таа додава дека во однос на лекувањето, прво оди со конзервативен пристап, односно промена на исхраната, регулирање на сонот, прекин на пушењето и консумирањето алкохол. А ако тоа не помогне, тогаш се додава терапија.

Симптоми – главоболки, гадење, заматен вид

Многумина не ни знаат дека имаат хипертензија, затоа што многу често таа знае да не даде симптоми. Но, луѓето кои имаат значително покачен висок крвен притисок, може да имаат симптоми кои вклучуваат главоболка, болка во градите, вртоглавица, отежнато дишење, гадење, повраќање, заматен вид или други промени во видот и анксиозност.

Согласно статистиката на Светската здравствена организација, се проценува дека 1,28 милијарди возрасни луѓе на возраст од 30 до 79 години во светот имаат хипертензија, од кои две третини живеат во земји со низок и среден приход.

Се проценува дека 46 отсто од возрасните со хипертензија не се свесни дека ја имаат оваа состојба. Помалку од половина од возрасните (42 отсто), со хипертензија се дијагностицирани и третирани. Приближно 1 од 5 возрасни (21 отсто) со хипертензија ја имаат болеста под контрола. Хипертензијата е главна причина за прерана смрт во светот. Една од глобалните цели за незаразните болести е да се намали преваленцата на хипертензија за 33 отсто помеѓу 2010 и 2030 година.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

министерство за финансии

Министерството за финансии ќе го добие седумнаесеттиот министер по ред

Зоран Ставрески беше министер за финансии со најдолг мандат, кој му траеше речиси седум години …