Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

На состанокот во Луксембург денеска (22 април) министрите за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ начелно се согласија да ги заострат санкциите кон Иран по ракетниот и нападот со дронови врз Израел, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

ЕУ веќе има повеќекратни програми за санкции против Иран, кои беа воведени поради неговите резерви на оружје за масовно уништување, кршење на човековите права и снабдување на Русија со беспилотни летала.

Сепак, неколку земји од ЕУ повикаа на проширување на санкциите кои се однесуваат на дроновите.

„Постигнавме политички договор дека постојниот режим на санкции, кој се однесува на беспилотни летала, ќе ги опфати и ракетите и нивниот потенцијален трансфер во Русија“, им рече Борел на новинарите по состанокот на шефовите на дипломатиите од ЕУ.

Тој појасни дека санкциите ќе бидат проширени со цел да се опфатат испораките на дронови и ракети не само за Русија, туку и за нејзините сојузници во регионот.

Сепак, како што пренесува Ројтерс, ќе биде потребно повеќе работа за да се одобри правната рамка пред проширените санкции да почнат да се применуваат.

На 13 април, Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел.

Со овој напад Техеран го промени својот пристап, кој дотогаш се потпираше на сојузниците и вооружените групи низ Блискиот Исток со што Иран избегнуваше директна конфронтација со Израел.

По нападот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави оти Израел ќе донесе одлуки за тоа како да се брани. Тоа ги поттикна повиците од западните земји тој да се воздржи од одмазда против Иран.

САД, ЕУ и групата Г7 најавија дека размислуваат за построги санкции против Иран, со цел да го смират и убедат Израел да не одговори на иранскиот напад.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …