МОН: За два дена, десетина повици на електронската адреса за пријавување врсничко насилство

Дел од нив се однесувале на врсничко насилство, а имало и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст, информираат од МОН

На eлектронските адреси prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk што ги отвори Министерството за образование и наука, изминатите два дена пристигнале 10-тина пораки, информираат од МОН. Дел од нив се однесувале на врсничко насилство, а имало и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.

„Со отворањето на електронската адреса, Министерството за образование и наука воспоставува брз, доверлив и безбеден начин, преку кој учениците, родителите и граѓаните можат да пријават инциденти, како дел од системот за идентификување и запирање на непосакуваните однесувања. Секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки“, велат од МОН.

Од Министерството за образование и наука велат дека ќе ѝ предложат на Владата итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина.

„Министерството веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина. Во консултација со експертската заедница, дополнително ќе ги зајакнеме превентивните програми за борба против булингот, промовирајќи дијалог и ненасилство како клучни елементи во образованието и развојот на децата и младите“, известуваат од МОН и ги повикуваат и родителите да земат активно учество, „воспитувајќи ги своите деца на толеранција, ненасилство како и почитување и разбирање за различните од себе“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Министерството за правда ја започна постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски од Турција

Соопштение од Министерството за правда по однос на барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски од …