МВР со детали: Како се издавале македонски пасоши со лажен идентитет

МВР со детали: Како се издавале македонски пасоши со лажен идентитет

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше за акцијата во која се приведени деветмина вработени во полицијата кои им издале документи на 215 лица со висок ризик и со потерница.

Вработени во Управните служби на МВР, како што се вели, ја злоупотребиле службената положба издавајќи македонски пасоши со туѓ идентитет. На тој начин, вкупно 215 лица, од кои 214 странски државјани, се стекнале со фалсификувани пасоши, преку надворешен посредник, кој не е вработен во полицијата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција соопшти дека се приведени деветмина вработени во МВР, додека по еден се трага. „Преку регионалната соработка од САД беше обезбеден вистинскиот идентитет на лицата. Се работи за лица кои учествувале во нелегална трговија со дрога и други криминални дејствија. Тоа се лица со профил на висок ризик, кои се бараат со меѓународните потерници. Кривични пријави се поднесени за 10 лица, од кои 9 се приведени, а по еден се трага”, вели Спасовски. Акцијата, рече, е спроведена со поддршка од регионална канцеларија на амбасадата на САД за истраги и Интерпол.

Спасовски вели дека оние што добиле пасоши во еден дел се членови на меѓународни криминални групи и на нарко-картели, лица со висок ризик и барани со меѓународна потерница. Како пример тој го наведе екс-разузнавачот Горан Грујевски, кој избега во Грција, со патна исправа под туѓ идентитет на лицето Владимир Варелов.

Вчера ВМРО-ДПМНЕ објави соопштение, а потоа лидерот на партијата Христијан Мицкоски на прес-конференција обвини дека власта им издавала македонски пасоши и документи на балкански наркобосови со лажен идентитет. Според опозициската партија, станува збор за афера којашто ја нарекоа „Мафија“. Тврдат дека во МВР се издадени патни исправи со лажен идентитет за водачот на озлогласениот Шкаљарски клан за трговија со дрога Јован Вукотиќ и водачот на турската мафија Седат Пекер. Тие, како што се вели, добиле лажни идентитет како Ѓорѓи Андонов и Џадин Адемовски.

Министерот Спасовски попладнево го повика Основното Јавно обвинителството да постапи и да ја реши, како што кажа, „саботажата на акцијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски“. Според министерот, споделувањето на информации со јавноста кое опозициската партија го направи вчера, можело да ја загрози акцијата и сѐ што било сработено во период од две години.

„Сите кои мислат дека со опструкции и саботажи ќе нѐ спречат во борбата со криминалот, се лажат. Се соочивме со саботажа од ВМРО-ДПМНЕ и од Христијан Мицкоски. Беа пласирани информации кои можеа да ја загрозат акцијата и сѐ што беше сработено во текот на истрагата. Тоа е недозволиво. Лажни вести се дека оваа акција е започната во времето на Наќе Чулев и дека потоа ништо не се работело. Го повикувам Јавното обвинителство да се произнесе за ваквиот обид за саботажа. Правдата ќе ги стигне сите и додека сум јас на чело на МВР борбата со криминалот нема да престане”, изјави Спасовски.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Истражување: Еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини над 80.000 денари

Истражување: Еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини над 80.000 денари

Големо мнозинство од испитаниците (83,8%) рекле дека сметаат оти студентите не можат да ги си …