На водата како јавно добро во Македонија помислуваат само оние кои немаат пристап до неа

На водата како јавно добро во Македонија помислуваат само оние кои немаат пристап до неа

Светскиот ден на водата – 22 март вчера беше симболично одбележан во нашата земја од страна на властите, а активностите за подигање на свеста за важноста на водата како природен ресурс повторно натежнаа кон невладините организации. Општ заклучок е дека свеста кај мнозинството граѓани за важноста на водата како јавно добро е на ниско ниво, а на неа најчесто помислуваме единствено кога немаме пристап до вода за пиење или се воведени рестрикции во водоснабдувањето за нашиот дом.

Во меѓународни рамки, оваа година Светскиот ден на водата беше посветен на подигање на свеста за глобалната светска криза за вода, значењето на водата за човештвото и како можеме да ја заштитиме водата.

За да направиме увид што се прави по ова прашање на локално ниво, „Мета.мк“ постави прашања до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и до ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за тоа колкав бил процентот на неприходувана вода во водоводните системи во земјава лани, како и колкави биле загубите на вода за пиење во скопскиот водоводен систем. Одговори на овие прашања не добивме, со образложение дека податоците за 2020 година сè уште се обработуваат и ќе бидат достапни наредниот месец.

Во отсуство на податоци за 2020 година, останува да загрижуваат фрапантните податоци од 2019 година за процентот на неприходувана вода на национално ниво од 64,64 отсто, односно толкав процент од произведените количества вода за пиење се троши на физичките губитоци на вода поради пукнатите цевки и дотраената водоводна инфраструктура, неточноста и непостоењето на поставените водомери кај потрошувачите, дивите приклучоци на водоводните мрежи и користењето на питката вода за полевање на јавни површини и за фонтаните.

Загрижувачките податоци за загубите на вода за пиење во самите водоводни системи неодамна ги констатираше и Државниот завод за ревизија.

Ревизорите утврдиле дека во 2019 година најголем процент на загуби на вода за пиење имало во Дебар – 84 отсто, Долнени – 82 отсто, Гостивар – 81 отсто, Кичево – 77 отсто, Охрид – 72 отсто, Крушево – 71 отсто и Кочани – 70 отсто. „Мета.мк“ контактираше четири од локалните самоуправи со најголем процент на неприходувана вода, од кои само две – Гостивар и Крушево доставија образложение за тоа што преземаат како мерки за да го намалат овој загрижувачки процент.

Во скопскиот водоводен систем, неприходуваната вода во 2019 година изнесувала 62,38 проценти од количеството на произведена вода за пиење. Колку за споредба, прифатлив процент на загуби на вода во водоводните системи за Меѓународната асоцијација на води е под 30 отсто. Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во вчерашното обраќање повторно ги потсетија граѓаните дека скопската вода по својот квалитет е на второ место во Европа.

„Во насока на непречен развој на градот во иднина направени се и се прават истражувања за потенцијалните извори на водоснабдување што претставува голем чекор напред во однос на заштитата на изворот Рашче како и обезбедување на неговата одржливост“, се вели во изјавата испратена до медиумите на Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје. Процентот на неприходувана вода во скопскиот водоводен систем не беше директно споменат.

Светскиот ден на водите вчера беше одбележан и со младинската дебата на тема „Нова генерација на влијание и етика: Водата, човекот, државата”, којa беше организиранa од Global Shapers Skopje Hub и Water4Changes, во соработка со Ко-креатори и Smart Up.

Евгенија Крстевска, адвокатка за заштита на животната средина на дебатата ја потенцираше важноста за уставна заштита на правото на водата како основно човеково право во Македонија и посочи дека е потребно централизирање на управувањето со водите во еден орган во земјава.

„Доколку не се заштити водата како уставна категорија, тогаш ќе дојдеме во проблем во кој никое од правото на здрава животна средина не може да биде реализирано“, посочи Евгенија Крстевска.

Таа додаде дека потребно е централизирање на раководењето со водните ресурси во еден орган, како и систематизација на големиот број законски и подзаконски акти што се донесени во текот на годините.

„Доколку оставиме да ја имаме истата легислатива која што ја имаме сега во цел овој дифузен систем на управување и носење на одлуки поради различни намени на користење на водата, ќе се доведеме во состојба во која што не само ќе немаме вода за пиење, туку и ќе немаме доволно вода за природата и биодиверзитетот да опстојуваат“, рече Евгенија Крстевска.

Таа го даде позитивниот пример од Словенија, каде што правото на водата и водите како јавно добро се успешно заштитени во нивниот устав.

„Тука носители на иницијативата за заштита на водата биле самите граѓани, заедно со академската заедница“, појасни Крстевска, додавајќи дека самите граѓани на Словенија имаат доволно вода за пиење, но се свесни дека не сакаат да ја изгубат.

Во Љубљана, по повод Светскиот ден на водите, младите вчера организирале герила акција пред словенечкото Министерство за животна средина, барајќи одговорност за заштита на нивното право за вода и санитација како основно човеково право, појасни Евгенија Крстевска, дополнувајќи дека мора да се работи на колективната свесност за важноста на водата како ресурс во државата.

Во таа насока, на вчерашната дебата говореше и младинската едукаторка Елена Ташева. Таа спомена дека младите луѓе ќе мора многу подолго да живеат со последиците коишто произлегуваат од климатските промени, истакнувајќи дека вклученоста на младите е неопходна во активното донесување на одлуки.

Како младински едукатор, сметам дека образованието и подигнувањето на свеста од најмлада возраст се суштински, објасни младинската едукаторка Елена Ташева

Според направената анализа на Министерството за животна средина и просторно планирање во 2017 година, за спроведување на ЕУ Директивата за вода за пиење потребни се минимум 520 милиони евра за водоводните системи низ земјава, но притоа, калкулацијата е правена врз основа на старата европска директива. Со најновата директива на ЕУ од декември 2020 година, од Македонија во иднина ќе се бараат построги критериуми за обезбедување на вода за пиење преку јавна водоводна мрежа за сите населени места, како и намалување на загубите на питка вода во водоводните системи.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Одлуката на надлежните следува откако родители реагираа на социјалните мрежи и негодуваа децата да бидат …