Синоќа на 58 годишна возраст почина Тале Герамитчиоски, професор на Техничкиот факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола. Герамитчиоски беше член на Друштвото за наука и уметност-Прилеп, како и на Меѓународното здружение за математика и механика GAMM, со седиште во Германија. Извршувал повеќе раководни функции на Техничкиот факултет во Биитола, а бил и член на Сенатот на УКЛО.
Автор е на голем број книги и научни трудови од областа на машинството и машинските елементи, како и учесник во повеќе научноистражувачки и други проекти.
Од 2002 до 2006 година, Герамитчиоски беше Заменик министер за образование и наука. Исто така, тој беше и пратеник во Собранието од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како и претседател на Советот на општина Прилеп.
Погребот на Тале Герамитчиоски ќе се изврши денеска во 15:00 часот на Новите градски гробишта во Прилеп.