Повеќе од три дена по исчезнувањето подморницата „Титан“ во Атлантикот, надежта за преживување на петте исчезнати авантуристи згаснува. Ним полека им снемува кислород. Имено резервите би требало да истечат денеска, се разбира доколку подморницата претходно воопшто не била оштетена.
Потрагата ја предводи американската крајбрежна стража а во своевидната трка со времето за спасување на патниците на малата подморница, која исчезна во близина на потонатиот брод „Титаник“ се вклучени повеќе бродови и авиони, како американски така и канадски.
Контактот со подморницата е изгубен еден час и 45 минути откако таа се нурна во неделата попладне. Како што е наведено на веб-страницата на компанијата „ОушнГејт“, станува збор за подморница долга 6,7 метри и тешка повеќе од десет тони, која може да нурне до длабочина до 4.000 метри. Има камери, светла и скенери за истражување на околината. Во подморницата има и залиги со кислород за 96 часа престој во пловилото.
Американската крајбрежна стража проценува дека резервите на кислород на патниците во подморницата би можеле да истечат во 7 часот и 18 минути по нивно време, односно во 13 часот и 18 минути по средноевропско време.
Спасувачките тимови нагласија дека мора да останат оптимисти, па во потрагата денеска ќе се приклучат уште десет бродови и подморници на далечинско управување.
Областа за пребарување беше проширена откако се слушнаа звуци во вторникот и во средата. Потрагата сега опфаќа површина двојно поголема од државата Конектикат и оди на длабочина до 4 километри.
Звуците не се идентификувани и не се знае со сигурност дали дошле од подморницата.
Матичниот брод на подморницата „Полар принц“ е командно место на потрагата, а се наоѓа на локацијата каде што потона „Титаник“.
Денеска во текот на денот роботски возила опремени со камери ќе го пребаруваат морското дно.