По повод својот роденден, Кинотеката секоја година го доделува „Златниот објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Овогодинешни добитници на наградата се актерот и режисер Коле Ангеловски и костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ.

Наградите на Ангеловски и Тодорова-Младеновиќ ќе им бидат врачени кога ќе се создадат поволни услови за културни манифестации и собири од ваков вид.

Никола Ангеловски – Коле е филмски, телевизиски и театарски актер и режисер, сценарист и драматург. Најпозната негова улога е во југословенскиот филм „Саша“ а одиграл улоги и во „Битката на Неретва“, „Жед“, „Лито виловито“, „Да се дојде и остане“, „По Коњух планина“, „Македонска крва свадба“, „Оловна бригада“, „Јужна патека“, „Нели ти реков“, „Собирен центар“, „Црвениот коњ“, „Храненик“.

Зорка Тодорова-Младеновиќ е филмски и театарски костимограф, моден дизајнер и автор. Таа изработила костими за тв-серии, драми, забавно музички емисии, но и играни филмови меѓу кои „Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Мемо, мојот татко“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ и тн.

Извор:МЕТА