Напад на Капитол: Долги затворски казни за „Горди момчиња“

Напад на Капитол: Долги затворски казни за „Горди момчиња“

Пресуди во серија: уште неколку членови на десноекстремната група „Горди момчиња“ се осудени на долги затворски казни. Еден од нив одиграл централна улога при насилниот упад во Капитол.

Поранешен лидер на десноекстремните „Горди момчиња“ ја доби највисоката казна досега за упадот во Капитол – 18 години затвор за насилниот влез во зградата на американскиот парламент на 6 јануари 2021 година.

Итан Нордин во текот на процесот од страна на иследниците беше означен како поттикнувач на упадот. „Тој е неприкосновен лидер на настаните на лице место на 6 јануари“, рече обвинителот Џејсон МекКалоу. Судијата Тимоти Кели од судот во Вашингтон, меѓу другото, го осуди Нордин за „бунтовнички заговор“, ретко кривично дело кое датира од Американската граѓанска војна пред 160 години.

Според обвинителите, јазикот на Нордин и неговите објави на интернет станувале сè поагресивни во пресрет на 6 јануари. Тој ден, како што стои во судските документи, тој со мегафон в рака предводел група од речиси 200 луѓе кон Капитол, а потоа бил на чело на толпата и помогнал да се урне оградата за да можат демонстрантите да се втурнат на просторот пред парламентарната зграда и да ја нападнат полицијата.

САД  Приврзаници на Трам пред Капитол
Упадот во Капитол ги потресе САД

Обвинителството побара казна од 27 години. Адвокатите на одбраната тврдеа дека тој ден немало план за упад во Капитол и се спротивставија на тврдењата дека Нордин ја урнал оградата или дека неговата реторика се однесувала конкретно на 6 јануари. Тие побараа помалку од две години затвор.

„Комплетна и тотална трагедија“

Самиот 33-годишник пред судот рече дека денес го смета 6 јануари за „комплетна и тотална трагедија“ и жали што не се обидел да ја искористи својата лидерска улога за да ги спречи настаните. „Нема митинг или политички протест што би требало да има поголема вредност од човечкиот живот“, рече Нордин, додавајќи: „Жал ми е за секого кому сум му нанесол неправда директно или индиректно.“

Доминик Пезола, исто така член на „Горди момчиња“, вчера (1.09) беше осуден на 10 години затвор. 46-годишникот го скршил прозорецот на Капитол со заштитен штит на полицаец. Освен тоа, тој со пура во устата снимил и „славеничко видео“ во внатрешноста на зградата.

Доминик Пезола | Горди момчиња
Доминик Пезола на видео што самиот го направил на денот на упадот во Капитол

Сепак, поротата го ослободи од обвинението за бунтовнички заговор бидејќи на „Гордите момчиња“ им се приклучил непосредно пред упадот во Капитол. Пезола беше осуден и за други тешки обвиненија. „Тој бил воодушевен пешадинец“, рече обвинителот Ерик Кенерсон, кој побара 20 години затвор. Пезола не покажа каење по пресудата, туку пркосно ја крена тупаницата и додека го напушташе судот извикуваше: „Трамп победи!“.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

Дијаспората ќе гласа само на претседателските избори, бидејќи не е исполнет условот за тоа да …