Сивата економија во туризмот годинава „изеде“ 200 милиони долари

Сивата економија во туризмот годинава „изеде“ 200 милиони долари

Сивата економија во македонскиот туризам изеде околу 200 милиони долари годинава, покажуваат податоците на Агенција за поддршка на туризмот. Директорот на Агецијата, Љупчо Јаневски во интервју за РСЕ вели дека во последните пет години од Владата бараат да се создадат туристички инспекции.

Според Светската туристичка асоцијација, Македонија има пад во туризмот за осум проценти. На што се должи тој пад?

Тие бројки се споредбени 2019 со 2023 година. И во извештаите на Светската туристичка организација се очекува во 2023 година, 90 отсто од пазарот да се врати на нивото од 2019. Ако ги гледаме бројките за првите шест месеци, тоа се должи на неколку објективи и субјективни причини, всушност политичката состојба создаде да намалуваме минус во бугарските туристи од 60 до 70 проценти, бидејќи имаме помал број на остварени ноќевања и туристи. Секако и во обратен правец, од нашата страна кон нив.

Потоа два до три пазари кои очекувавме да бидат во минус, албанскиот и косовскиот, кои после 2-3 години пандемија решија да отпатуваат на други дестинации, и неколку традиционални пазари коишто во 2023 поради недостаток на слотови и чартер линии имаат мал пад. Тоа го надополнуваме со голем број на други дестинации.

Минусот од -8 проценти во овој момент е очекуван. Ако ги погледнеме внатрешно или уште подлабоко статистичките податоци, ќе видиме дека двата наши најпосетувани центри, скопскиот и охридскиот не бележат пад со резултатите од 2019 година и во бројот на туристи и во бројот на ноќевања, односно се два до три проценти во плус.

Спомнавте дека македонско-бугарскиот спор е тој којшто има свое влијание во намалување на бројот на туристи коишто доаѓаат од Бугарија, и на македонски коишто одат во Бугарија. Очекувате ли можеби некако да се вратат тие туристи доколку се случат уставните измени?

Во континуитет вршиме промоција, бидејќи бугарскиот пазар ни е во примарни пазари. Во 2019 бил во првите пет со остварени скоро 100.000 ноќевања. Не само политичката состојба, туку и туристичката дипломатија треба да си го земе своето. Всушност туризмот не познава граници, туризмот познава само дестинации, а тие се движат до таму до каде што туристите сакаат да патуваат и имаат атракција во дестинациите. Треба дестинациите да ги направиме уште поатрактивни за тие пречки да можеме многу полесно да ги пребродиме.

Каква стратегија нуди Македонија како туристичка дестинација, планински, езерски, селски, културен туризам, или само транзитен?

Многу интересно прашање кое се провлекува години наназад. Ние како дестинација сме дестинација без море и дестинација за четири сезони. Всушност се тоа што го кажавте може да биде вклопено во една долгорочна стратегија во туристичката индустрија.

Треба да се фокусираме на повеќе нешта. Треба да се фокусираме на поголем просечен престој на странските туристи. Тоа може да се направи само со намалување на кружните патувања на некој начин, односно додавање на еден ден повеќе во дестинацијата, а исто така и со пакети од три, пет и седум дена на големи тур-оператори кои треба да ја сервисираат нашата дестинација.

2023 година успеавме да го зголемиме просечниот престој на странските туристи, бидејќи традиционалните пазари веќе се во добра кондиција, кога се чартер линиите за Охрид и југозападниот регион, но тоа што во овој момент треба да го подобриме е градот Скопје кој треба да пулсира во текот на 12 месеци и како бизнис центар.

Зошто нема државна стратегија со која ќе се направи фокус на една успешна приказна што ќе се промовира?

Во првите пет перцепции на странските туристи за нивниот мотив е руралниот туризам. Еногастро концептот којшто е во подем, бидејќи сме 13 во свет по извоз на вино, а 22-ри по производство. Природата, националните паркови, културното и историското богатство се нашите јаки страни.

Всушност Македонија е последната неоткриена дестинација во Европа и треба да ја откриеме на свој начин, на начин на којшто луѓето од странство треба да не доживеат.

Тоа на што ние треба да се фокусираме, е да направиме нова реорганизација во туристичката индустрија. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот веќе има преземено доволно ингеренции и уште повеќе од колку што во моментот кога е создадена во 2008 година.

Всушност потребни се дестинејшн-менаџмент организации на локално ниво, бидејќи се покажа дека голем број на општини не го перцепираат туризмот, немаат никакви стратегии коишто се на локално ниво или немаат истражувања колкав е уделот на туризмот, во нивната локална економија.

Локалниот економски развој може многу повеќе во туристичката индустрија – со развојот на еко-туризмот, со развојот на руралниот туризам. Ние имаме ниска сезоналност, ние имаме големи пикови, имаме пополнетост на сместувачки капацитети, но и капацитети што треба да се изградат. Руралниот туризам е иднината на македонскиот туристички сектор, бидејќи тогаш ќе создадеме нови работни места, микро и мали семејни бизниси и бизниси кои ќе бидат на своето место. Тоа му треба на туризмот во Македонија.

Во тој контекст колку губи државата од сите овие работи кои ги спомнавте?

Тоа што треба да направиме е во текот на годината да има рентабилност на хотелите над 40 проценти. Во овој момент нема можност да се измерат во целост букинзите на букин, на експидија, РБНБ…

Отприлика 40 до 45 проценти е сивата зона во туризмот во Македонија. Ако имаме 530 милиони долари промет во туристичката угостителска индустрија според институцијата на нашата земја, тогаш можете да замислите со 40 проценти колку губиме на црно, односно со колку проценти ние ја оптеретуваме во овој момент легалната економија или ги спречуваме странските инвеститори да имаат поголема надеж со долгорочните стратегии и со перцепцијата на туристичката индустрија токму кај нас, за да можат да инвестираат во нови сместувачки капацитети и во подобрување на условите.

Нашето барање во последните пет години до Владата е дека треба да се создадат туристички инспекции, туристичка полиција како и во сите земји во Европа.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Богородица пожар

Затворен граничниот премин Богородица поради пожар, се преземаат мерки за гасење на пожарот

Се преземаат интензивни мерки за гасење на пожарот. Апел до сите граѓани да не се …