Образование: Не им чинеа нивните директори со милионски инвестиции, поарни биле сегашните со алиби проектчиња

Образование: Не им чинеа нивните директори со милионски инвестиции, поарни биле сегашните со алиби проектчиња

Пишува: Зоран Милошески

Тактизирањето, клиентелизмот, поданичкиот менталитет, непочитувањето на оние кои им подале рака кога било тешко, отсуството на храброст и личен интегритет, на чувство за идеолошка припадност кај голем дел од членството, е една од причините поради кои СДСМ во моментов се наоѓа таму каде што се наоѓа.

Илустрирано низ конкретниот пример на вработените во образованието, тоа изгледа вака:

Како никогаш порано, за време на претходната локална власт предводена од СДСМ, од инфраструктурен аспект, основните и средните училишта во Прилеп доживеаја препород. Во буквална смисла на зборот. Оти, немаше училишна зграда во која со средства од Владата, Општината или разни донатори, директорите на училиштата не направија сериозни реконструктивни зафати.

Благодарејќи на залагањето на Диме Насте, со инвестиции од преку еден милион евра, прилепската Гимназија беше обновена од темел. На Медицинското училиште Петра му го смени ликот и го направи да биде едно од најубавите во поширокиот регион. За време на мандатот на Кети, „Кире Гаврилоски“ доби нова училишна спортска сала. Она што за Хемиското училиште и за „Блаже Конески“ го направија Анета и Ангелка, заслужува најдлабока почит. И така редум…

Ама тоа што фалеше во “моментот“ долг 4 години, беше јавната поддршка за сработеното, која требаше и мораше да пристигне од најзасегнатите – наставниците. Првенствено од оние кои професионалната кариера одбрале да ја градат паралелно со „билдањето“ партиски стаж, односно со помош на партиската книшка. Што е, за волја на вистината, индивидуален избор и легитимно право.

Но, од мнозинството од нив ниту лајк, ниту споделување на новинарски текстови и фејсбук објави, ниту еден јавно кажан збор како признание за трудот на колегите и колешките, башка партиски другар(к)и. Ниту еден. Ништо. Молк. Конформизам и егоизам пуштени на најсилно.

Арно ама, истите оние кои до вчера беа “глуви при уши и слепи при очи“, денес не можат да ги изнафалат актуелните шефови од спротивниот политички табор. На сите страни фрчат лајкови и срциња, се усвитуваат социјалните мрежи од десетиците слики на „проектите“ и директорите… И се’ заради егзалтираноста на „посветените и фанатични“ комуњар(к)и од „вонвременските“ достигнувања на нивните претпоставени, искажани преку поставените 5 клупи во училишниот двор, 36 квадрати бекатон, 4 WC шолји, варосаниот ѕид и бојосаната ограда.

Е па, не е тоа малку, нели? Башка што проект од 1.000 евра е исто што и инвестиција од 1.000.000 евра, така? Оти, нели нулите не се сметаат!? Особено не човечките нули.

Ако за нешто Бранко имаше право, тоа е дека со ситни души држава не се прави. Партија, пак – ич.

Денеска е 1 септември. Драги ученици, среќна и успешна школска година. Бидете свои, разумни, одлучни и храбри. Немојте да бидете како нас!

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Македонија со раст на индексот на слобода на медиуми, чекориме по патот на демократските и европски вредности

Ковачевски: Македонија со раст на индексот на слобода на медиуми, чекориме по патот на демократските и европски вредности

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска упати честитка до медиумите и медиумските работници по повод …