Четири медали освои тимот ученици од С. Македонија на Јуниорската балканска математичка олимпијада. Ученикот Дамјан Давков освои златен медал, Леонид Тодороски – сребрен медал, а учениците Димитар Фидановски и Марко Митевски, освоија бронзени медали. На олимпијадата успешно учествуваа и учениците Марко Серафимовски и Нина Ламева.
Претседателот на Сојузот на математичари, проф. д-р Ѓорѓи Марковски, за Мета.мк вели дека ова е најголем успех на наши ученици во последните десет години.
„Учениците се подготвуваа повеќе од еден месец, така што тие беа навистина спремни и затоа овие резултати се очекувани. На олимпијадата учествуваа ученици од 11 балкански држави, како и ученици од седум гостински држави. Учествуваа вкупно околу 100 ученици. Во последниве десет години ова е најдобар резултат на наши ученици“, вели професорот Марковски.
Инаку, ученикот Дамјан Давков на оваа олимпијада го освои златниот медал со максималниот број бодови.
Јуниорската олимпијада е наменета за ученици до 15-годишна возраст. Следно, наши ученици ќе учествуваат и на претстојната Светска сениорска олимпијада, каде што нема возрасно ограничување, односно може да учествуваат и ученици помали од 15 години.