Медиуми камери

Некогаш тоа беше најдобрата професија на светот

Списокот на злоделата за уништување на новинарството е трагично голем. Затоа сега плачењето по седлото на изгубениот тркачки коњ ми изгледа трагикомично со соопштенијата во одбрана на професијата. Пишува: Ерол Ризаов.

Славните писатели, нобеловците Габриел Гарсија Маркес, Албер Ками и Ернест Хемингвеј, тројцата врвни новинари, секој на свој начин се има искажано дека новинарството е најдобрата професија на светот. Маркес директно, не така одамна, со зборовите „новинарството е најдобрата професија на светот“ останувајќи до крајот од животот оддаден на новинарството. Албер Ками индиректно, но доволно јасно дека најважната работа во оваа професија е „секогаш да се биде сведок на страната на тие што страдаат од историјата, а не на тие што прават историја.“ И Хемингвеј поучно: „новинарството е најубавата работа ако навреме се напушти“.

Се разбира, тројцата големи писатели за овие тврдења даваат извонредни аргументи во своето новинарско и литерарно творештво. Тие што не го напуштиле на време новинарството можат само носталгично да воздивнуваат соочени со катастрофалниот пад на угледот на професијата која ги губи сите битки со атрактивноста и интересноста на лагата и теориите на заговор, со политиката и центрите на моќ и со новото време  кога веќе не е можно да се направи новинарски подвиг бидејќи по неколку минути ексклузивната вест е бајата, а авторот исплукан.

Уште потешко е за тие пак што почнуваат да газат боси по трње влегувајќи во професијата неподготвени за војна со најголемата нелојална конкуренција во светот кога секој е новинар што знае да го вклучи мобилниот телефон и може да напише што сака со читаност од илјадници луѓе. Но, сепак најтешко е во државите како нашата каде колективниот начин на мислење е поважно од индивидуалното, брутално игнорирајќи ја вистината дека секоја преобразба на општеството  тргнува од поединецот. Општество, сѐ уште се верува во се што ќе се напише на бесконечниот ѕид, или како ја викаат социјалната мрежа. Така колективниот ум станува силна толпа која урива се што има здрав разум.

Не е научена првата лекција во политика

Непосреден повод за овие редови на увод во темата е најновата ѓурултија што се крена со изјавата на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, со прозивката на телевизиите „Телма“ и „Алфа“ кои се посочени како „непријателски“ на неговата партија. Секако дека за осуда е секој вид на прозивка на медиумите од позиција на сила, се разбира, и во овој случај.

Македонските политичари, освен неколку исклучоци, не ја научија и не ја прифатија една од првите лекции кога се влегува во политиката: бакнувај рака на повозрасна дама и не се карај со новинари. Напротив, прозивката на новинарите и на медумските куќи како антипартиски, антидржавни, како збирштина на домашни и странски платеници и предавници, стана  дел од партиската популистичка и патриотска кампања и стратегија која носи поени и повеќе гласови на изборите. Што повеќе набедени непријатели, толку повеќе реални гласови на изборите.

Без никаков обид, или намера да го оправдувам Али Ахмети за својата изјава кон посочените  медиуми, напротив секој ваков атак е за осуда. Сепак, неопходно да се признае дека ужасните работи кои се случуваа со македонските медиуми во целиот период на независноста, овој напад на Ахмети е мачкина кашлица во споредба со драматичното бескруполозно уништување на македонските медиуми и на сведување на новинарството на компромитирана и корумпирана професија во што свој удел имаат и самите новинари кои удобно се сместија во скутот на политиката и ги направија најподлите измислици за своите колеги по диктат на партиските лидери и властодржци.

Списокот на злоделата за уништување на новинарството е трагично голем. Затоа сега плачењето по седлото на изгубениот тркачки коњ ми изгледа трагикомично со соопштенијата во одбрана на професијата.

Монструмите се уништуваат кога се мали

Првата искра на медумската транзиција на која се смеевме беше во првите денови на повеќепартизмот кога во Охрид осамнаа партиски пресуди на смрт на новинари прогласени во тајните ќелии за народни предавници. Никој на тоа не обрна сериозно внимание. Повеќе служеше за потсмев, сосема оправдано, бидејќи тоа личеше на плашење на мечка со дајре, отколку на некоја сериозна закана.

Но, ете сега знаеме дека така почнуваат тие работи кога нема ефикасна законска заштита и жестока  реакција на јавноста монструмите да се уништат во ембрионална фаза. Но, од  тоа сознание речиси и да нема некаква корист, или поука бидејќи монструмите толку пораснаа и станаа моќни што веќе никој ништо не им може. Па така по смешните пресуди на смрт започна притисокот за партизирање на медиумите, или нивно целосно уништување до затварање и преземање на нивниот имот.

На удар беа прво Македонската радио и телевизија, НИП Нова Македонија и нејзините бројни пишани изданија на македонски, албански и турски јазик. Се пропагираше дека станува збор за монополистичка привилегирана позиција за да прерасне во директен упад на Собранието на акционери во НИП Нова Македонија и насилно преземање на најголемата новинска куќа во земјата и нејзино целосно уништување и ограбување. Првиот дневен весник во државата Нова Македонија и Вечер се маргинализирани, а другите изданија се изгаснати. Истата судбина ќе ја доживеат и првите приватни дневни весници и телевизиски куќи.

Историјата на А1 телевизија е позната и повеќе пати повторувана. Влијателна медумска куќа  која е срамнета, што се вели, со земја со драконски пресуди од 120 години затворски казни на сопствениците божем за затајување на даноци кои не се ни спомнуваа додека се даваше поддршка на тогашната власт. Штом почнаа критиките, уследи полициска инвазија дотогаш невидена и нечуена на овие простори, напад на полициски одреди безмалку како пресметка со терористи. Згаснаа и пишаните изданија на истиот сопственик, дневните весници „Шпиц“ и „Време“.

Задоцнето ехо на страшните злосторства

Водечките, пак, дневни весници „Дневник“, „ Утрински Весник“ и „ Вест“ на најголемата новинска куќа МПМ беа згаснати во еден ден веднаш по обидот за државен удар на 27 април 2017 година. Целиот тој период во ерата на „груевизмот“, медумите беа изложени на најжестокиот притисок и директна партиска корупција.

Дебатите на истомисленици со премиерот Никола Груевски и неговото ковење во ѕвезди како политичар каква што немала Македонија и прогласување на  странски платеници, државни непријатели, предавници, соросоиди на новинарите кои не мислат како власта и нивните медиумски апологети беше најтешкиот удар врз медумските слободи. Познати се носителите на овие злодела и криминалот што е направен притоа, но никогаш не дојде до судска разврска.

Во тој период паднаа и првите затворски казни на новинари, од кои најеклатентен е случајот со новинарот Томислав Кежаровски, кој беше осуден на четири годишна затворска казна за текст кој нема никаква врска со мотивите за негово затварање, туку со заплашување на новинарите многу поразлично од охридските тајни пресуди на смрт. Повеќе не беше ни малку смешно.

Партискиот рекет врз влијателните  медуми и на познатите и успешни компании стана секојдневие кое направи пустош во медиумскиот и онака нерегуларен  простор. Грубото и насилно преземање на телевизиите и весниците ја измести перцепцијата во јавноста за професионалното и објективно новинарство. Македонија која 2006 – 2007 година беше на високото 34 место на светските ранг листи за медиумски слободи, од кое не бевме задоволни, за десет години, поточно во 2016 да стасаме  до срамното 134 место во светот.

Сегашното подобрување некаде чинам на осумдесеттото место, во делумно слободните системи,  е се уште понижувачка состојба. Враќањето меѓу првите 30 земји во светот за медумски слободи е недостижна работа бидејќи и немаме со што да се вратиме. Телевизиите и преостанатите дневни и неделни весници не можат да бидат економски независни, затоа и производството на  сопствени програми е крајно осиромашено како никогаш досега.

Наместо да се најде праведно и непристрасно решение за помош од државата што е присутно во најдемократските држави, таа е укината со образложение да се спречи политичкото влијание врз медиумите, што оди во прилог на политиката за натамошна зависност на новинарството. Затоа лелекот по изјавата на Али Ахмети повеќе го гледам како едно задоцнето ехо кое на времето помина речиси безгласно кога се случуваа страшните злосторства врз новинарството чии последици ќе траат уште долго.

Прочитајте повеќе

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Топлото време и екстремно високите температури не беа пречка премиерот и повеќе владини и локлани …