Некој нема да лета - директорите или авионите

Некој нема да лета – директорите или авионите

Владата на седница ќе одлучува за иднината на директорите на М-НАВ, дали и натаму ќе седат на тие столчиња по низа скандали и инциденти во таа компанија. Во меѓувреме контролорите на летање се закануваат со генерален штрајк доколку не се разрешат директорите на М-НАВ.

Од утре во 11 часот стартува генералниот штрајк на Синдикатот на контрола на летање во македонската навигација и нема да има полетување и слетување на авиони на скопскиот и на охридскиот аеродром, и со дозволени минимум прелети од десет авиони на час, се до донесување на владина одлука со која може да биде прекинат штрајкот, како таков, а тоа е разрешување на директорите во М-НАВ.

Во штрајк ќе стапат околу 70 контролори на летање кои се членови на Синдикатот на контролори на летање.

Ова известување го испратил претседателот на синдикатот Александар Тасевски до директорите и раководните лица кои, како што вели тој, имаат задача да го препратат до европските институции и авиокомпании кои го користат македонскиот воздушен простор.

М-НАВ е компанија во државна сопственост, која делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија.

Според податоците од Флајт радар 24 ( Flightradar24) во текот на утрешниот ден се закажани слетувања на 27 авиони од најмалку 4 авиокомпании, и исто толку полетувања од скопскиот аеродром.

Тасевски вели дека со овој потег се обидуваат да одекне нивниот глас на европското небо. Тој додава дека доколку директорите не ги известат Евроконтрол и корисниците на македонското воздушно небо, тоа ќе значи дека директорите ќе ја сносат одговорноста за загрозување на безбедност на воздушна пловидба.

„Се надеваме дека Владата денеска ќе покаже дека сериозно го сфаќа проблемот на сите пропусти кои беа направени, кои резултираа со сета непрофесионалност во минатиов период од директорите и дека тоа е доволна причина да ги отстранат од тие позиции, да се постават нови за да почнеме како компанија да градиме од нула, во насока на она што треба да претставува една ваква компанија“, вели Тасевски.

Денеска на владина седница министрите ќе одлучуваат за две точки на дневниот ред, разрешување на целото раководство и сите членови на Управниот одбор и отворање на итна постапка за избор на нови членови на раководството и Управен одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес.

Во соопштението беше посочено дека премиерот во консултација со министрите за одбрана и за транспорт и врски, Славјанка Петровска и Благој Бочварски – двајцата од СДСМ, ќе предложи разрешување на целото раководство и сите членови на Управниот одбор.

Политички реакции – ќе се согласи ли ДУИ со разрешување на нивните кадри?

Најавата за денешната владина седница од Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски дава слика за ставот на владејачкиот СДСМ околу случувањата во М-НАВ.

Меѓутоа, неизвесно е дали со тоа се согласуваат и нивните колеги од владејачката ДУИ. Во изјава од партијата за ТВ 24 на 8 јануари, рекоа дека се подготвени за дебата на владината седница, како и дека „можеби Владата има посилни аргументи од Судот“.

За разлика од ДУИ, третиот по големина коалициски партнер во Владата, Алијанса за Албанците, го осуди нападот на контролорите нарекувајќи го „скандалозен инцидент од меѓународни размери“.

Од партијата ја поздравија и реакцијата на Обвинителството и барањето за притвор, а рекоа и оти очекуваат „правдата да донесе правична и заслужена пресуда“.

ВМРО-ДПМНЕ: Скандалот во М-НАВ е слика за македонското општество под оваа власт

Опозициската партија, пак, речиси секојдневно реагира околу случувањата во М-НАВ.

Од ВМРО-ДПМНЕ во последната реакција рекоа дека скандалот во М-НАВ е сликата за тоа како е во Македонија кога СДСМ и ДУИ се на власт. Тие посочуваат дека македонската јавност заслужува да знае зошто четворица напаѓачи организирани од ДУИ ги нема.

„Оние од ДУИ однесени пред суд се пуштени без притвор од судија кој што исто така е близок на ДУИ; Обвинителство и судот си ја префрлаат топката, ОЈО барало притвор заради „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај”, а судот на ДУИ тврди дека немало докази; Тепаниот е приведен на граница, за него имало наредба да биде апсен; Едниот од напаѓачите веќе требало да е во затвор за друго дело, но не е; Главниот напаѓач, функционер на ДУИ ќе оди на работа во контролната кула, кај тепаните и оние што со банда дошол да ги тепа пред неколку дена“, потенцираа од ВМРО-ДПМНЕ на 9 јануари.

Од партијата реагираа и дека фирмата задолжена за обезбедување, квалификувајќи ја како „миленик на ДУИ“, продолжува со работа и покрај тоа што пуштиле неовластени лица во просториите на М-НАВ.

Последен добитник на тендерот за физичко обезбедување на М-НАВ го добила фирмата 2 СС ДООЕЛ Кичево, чиј договор од 12 месеци истекол на 14 декември 2023 година. Сопственик на ова компанија е Џемаил Билбилоски. Според податоците од Бирото за јавни набавки досега од државниот буџет оваа фирма за обезбедување наплатила над 3 милиони евра.

Обвинителство се жали на одлуката на Кривичен суд за мерки за претпазливост

За инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Основното јавно обвинителство отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

„Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години“, беше наведено во соопштението од ОЈО.

Од Обвинителството побараа мерки притвор за 8 лица поради упадот во зградата на М-НАВ (по четворица се уште се трага), тврдејќи дека е сторено кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај и поради тоа побараа притвор за приведените, но според Кривичен, не постојат доволно елементи за оваа квалификација, па осомничените добија само мерки за претпазливост, односно одземени им се пасошите.

За потсетување, во соопштението што го објавија од Основниот кривичен суд Скопје за тоа зошто не определиле притвор за осомничените за упадот, рекоа дека се воделе врз основа на приложената документација и докази од обвинителството и од МВР, како и дека „според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не произлегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело“.

Од Кривичниот суд Скопје велат дека Кривичниот совет оформил предмет во однос на поднесената жалба на ОЈО за тоа судот да им определи мерки на претпазливост, а не притвор за четворицата приведени во врска со упадот во М-НАВ. Советот од денеска почнува со расправа за поднесената жалба, но неизвесно е дали денеска ќе излезат со одлука. Од Кривичен иако не ја исклучуваат можноста одлуката по жалбата да се донесе денеска во попладневните часови, сепак велат дека очекуваат тоа да се случи утре или во текот на наредните денови.

Упадот на 4 јануари следеше по прес-конференција на претседателот на Синдикатот Александар Тасевски кој алармираше дека се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.

Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, пак, на прес-конференција настанот го опиша како „мало кошкање“ и не најави дека ќе се повлече од функцијата.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

СДСМ

На Денот на македонскиот јазик со гордост велиме: СДСМ го заштити и го унапреди македонскиот јазик

Соопштение за јавност на СДСМ Со многу посветеност, труд и ентузијазам СДСМ ги исполни заложбите …