Нема заеднички јазик за јазикот во Чашка - политиката ги затвори училниците

Нема заеднички јазик за јазикот во Чашка – политиката ги затвори училниците

Родители протестираат, ученици бојкотираат и три недели нема настава во ОУ „Тодор Јанев“ во мултиетничката општина Чашка. Протестот е поради отворање паралелка на албански јазик во училиштето со настава на македонски јазик. Дали преку учениците се „ора“ теренот за лов на гласови за следните избори?

Мислев за лошите резултати од ПИСА е револтот, а тие за јазикот се бунтувале, иронично коментира граѓанин за протестот во ОУ „Тодор Јанев“ во мултиетничката општина Чашка близу Велес каде учениците три недели не одат на настава откако беше воведена паралелка на албански јазик за пет првачиња.

Бојкотот на наставата не е поради поразителните резултати од ПИСА (тестирање што го мереше знаењето на 15-годишници од 81 светска држава) и кое покажа дека нашите ученици се меѓу оние со најлоши резултати во читање, математика и природни науки.

Според соговорниците на Радио Слободна Европа (РСЕ), не е ни поради јазикот на кој од годинава почнаа да учат новозапишаните првачиња во основното училиште во населба Чашка. Според нив, зад сето ова стои – политика.

Се ора теренот за локални избори?

Министерството за образование и наука(МОН) соопшти дека во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка е постапено според барањата на дел од жителите откако сите останати услови се исполнети (простор и пари) и се отвора паралелка на албански наставен јазик.

„Непотребно е мешањето на политиката во овој и слични случаи, затоа што со тоа се наштетува на најдобрите интереси на младите, да имаат квалитетно образование достапно на својот мајчин јазик“, соопштија од МОН.

Но, се чини дека токму политиката од почетокот вмешала прсти. Така вели и Халит Ферати, директорот на Државниот просветен инспекторат (ДПИ).

Тоа е телото кое треба да врши надзор над квалитетот во образованието и примената на законите.

„Таму не се проблем законите и функционирањето на училиштето, колку што е проблем една толпа која протестира против албанскиот јазик и против директорката. Тоа е само алиби на луѓе од партии да го нарушуваат редот и мирот. Од тие што протестираат, 7-8 се вработени во општина. Со Чашка управува градоначалник од СДСМ во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Се прави блокада по етничка основа за градоначалникот да биде херој“, изјави Ферати за РСЕ.

Додека тој го вперува прстот кон локалната власт на Чашка, локални претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ велат дека во прашање се амбициите на Ферати (кадар на Алијанса за Албанците) да се кандидира за градоначалник на Чашка на локалните избори во 2025 година. Ферати потекнува од тој крај, од селото Горно Јаболчиште во Чашка, а до пред неколку години бил и во општинскиот совет.

Ферати негира такви амбиции.

„Јас веќе сум во Скопје, тука ми е кариерата и не мислам на избори за градоначалник, за тоа има време. Реагирам затоа што децата од ОУ „Тодор Јанев“ веќе се психички уморни. Таа општина е мултиетничка и тоа што таму се случува е срам за системот, за државата и за сите луѓе во државата“, ни изјави Ферати и најави дека ќе постапи според законот доколку децата еден месец не одат во училиште.

Законот предвидува прво едукации за родителите, а потоа прекршочни пријави ако не ги пуштаат децата на училиште, затоа што основното образование е задолжително.

Градочалникот на Чашка, Горан Стојановски, смета дека неговата општина се соочува со нафрлен проблем – таков што не треба ни да постои.

„Проблемот не е меѓуетнички, затоа што нема ни простор ни клима за такво нешто. Повеќе е меѓупартиска битка за гласови, оти по парламентарните избори напролет, ќе бидат важни локалните избори. На населението во Чашка му е јасно што се случува и не реагира“, изјави Стојановски за РСЕ.

Последните локални избори во 2021 ги обединија партиите на Албанците од власта и опозицијата и тие настапија со заедничка советничка листа за Чашка. Наспроти нив се советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои според локалните познавачи, си даваат поддршка при гласањето на одлуките.

Распоредот на силите во Советот е следен: од 11 советници, четворица се од коалицијата на СДСМ, четворица се од коалицијата „Сите Заедно” на ДУИ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, а тројца се од коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ.

Три недели без часови

Од 22 ноември досега, родители протестираат, деца бојкотираат, а наставниците не влегуваат во училиштето. Протестите се секојдневни, поради што часови нема или се одвиваат отежнато. Јавно или како „логистика“ се вмешаа и партиски членови и секој во секого се сомнева кој го потпалува огнот.

Училиштето го обезбедува полиција, но ситуацијата завчера (12 декември), ескалира до толку што имаше Брза помош што ја повикала директорката поради наводен напад врз неа од родител кој бил повикан на информативен разговор во полиција.

Во ОУ „Тодор Јанев“ учат 210 ученици. Од нив, 65 се од албанска етничка заедница. Тие со организиран превоз доаѓаат од селата Бањица, Отиштино, Горна Чашка, Еловец, Голозинци, Бусилци, Крива Круша и Ново Село.

Во конкретната населба Чашка, каде е училиштето, живее македонско население за разлика од селата, кои се од разбиен тип и каде претежно живеат албански семејства. Тоа е номадско население кое наесен и во зима се симнува околу Чашка.

Во паралелката во прво одделение на албански јазик има пет ученици кои доаѓаат од овие села. Секои следни првачиња, ако сакаат да учат на албански, ќе ја добијат таа можност.

Од второ до деветто одделение се учи на македонски јазик. Учениците во овие одделенија ќе го завршат основното образование на македонски.

Две вистини – едната по Устав, другата по закон

Радио Слободна Европа разговараше со родители на деца Македонци и на деца Албанци, со претседатели на месни заедници во селата низ општината, со претставници на надлежните институции…сите имаат своја вистина за тоа што се случува во Чашка, која е спротивна на тоа што го кажува другиот „табор“.

Според Македонците – министерот за образование Јетон Шаќири насилно и притивзаконски сака да отвори албанска паралелка во Чашка, иако има и други училишта во кои наставата е на албански јазик. Според Албанците – имаат уставно право да учат на мајчин јазик.

„Повеќе години бараме децата да учат на албански, сега ни одобрија. Што ќе пречат пет деца во еден агол да учат на мајчин јазик? Во 21 век сме, нека знаат и македонски, и германски, нека учат повеќе јазици. Децата се деца, ова не е за политика. Припаѓаме на оваа општина Чашка, каде да одиме на друго место?“, вели Нухи Бекиров од село Бањица, родител на прваче што учи на албански јазик, за РСЕ.

Бањица е село во општина Чашка. Бекиров по адреса во лична карта се води во село Горно Јаболчиште, од каде пред 13 години дошол во Бањица. И двете села се во истата општина, но Бањица е на неколку километри од населба Чашка, а Горно Јаболчиште е на околу 20-тина километри.

Токму поради тоа што во Горно Јаболчиште веќе има училиште на албански, а луѓето и според адреса се водат во селото, е една од причините што Советот на родители на ОУ„Тодор Јанев“ не сакаат да се дозволи настава на албански и во училиштето во Чашка.

Советот обвинува дека паралелката на албански е незаконски формирана, дека петте деца се внесени во дневникот неодамна, но без главна книга, дека в.д. директорката Елена Николова е незаконски назначена, и како што велат – таа продолжува незаконски да распишува огласи за вработувања.

Мапа и лого на Општина Чашка
Мапа и лого на Општина Чашка

Причина за протестот

Се почнало од август летово, кога Министерството за образование му ги одзеде ингеренциите врз училиштето на градоначалникот Стојановски.

„МОН, кога ги одзеде ингеренциите, не назначи училишен одбор, па тој одбор да избере директор, се објавија огласи за други вработувања без училишен одбор, па дури и се отвара албанска паралелка без училишен одбор. Паралелката функционира, но правно не постои никаде. И во статутот на училиштето пишува дека наставата е на македонски јазик, изјави Цвета Пешевска, претседателка на Советот на родители во ОУ „Тодор Јанев“, за РСЕ.

Таа вели дека протестот е единствено поради кршење на законите, како што смета Советот на родители.

„На првиот ден на протестот објавија дека се формира албанска паралелка и не обвинија дека сме против албански јазик. Тоа беше намерно направено за да ја дефокусира јавноста од главниот проблем. Пред пет години имаше ист ваков обид. Чашка е двојазична општина, веќе има училишта на албански јазик. Која им е намерата да учат албански токму во „Тодор Јанев“, да речеме дека еве не знаеме. Подготвени сме да одиме до крај за конечно да се најде решение“, вели Пешевска.

Советот предложил наставата за првачињата на албански да се префрли во село Сливник. Според Пешевска, тоа е само на 2 километри од Бањица и ќе биде преодно решение додека да се изгради модуларно училиште во Бањица, оти од ова село има 30-тина ученици.

Родителите на албанските првачиња не го прифаќаат Сливник како опција затоа што селото територијално спаѓа во општина Велес – а не во Чашка која е општина на нивните села. Велат дека Сливник навистина е поблиску до Бањица, но не и до Еловец, Бушица и други села од каде учениците користат заеднички пат и заеднички превоз со тие од Бањица.

В.д. директорката на училиштето, Елена Николова, не одговори на нашите повици. За тоа како ќе се реши проблемот, градоначалникот Стојановски упатува на МОН – министерот Шаќири ги има ингеренциите.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права велат – загрижувачки е што случајот во Чашка е всушност резултат на партиски препукувања кои се директно на штета на образованието на децата.

„Северна Македонија е мултиетничка, мултикултурна, милтиконфесионална држава во која правото на мајчин јазик е загарантирано во Уставот. Недозволиво е во етнички мешани средини да се случуваат вакви конфликти и тензии, особено што најголемата штета ја трпат децата. Надлежните органи треба да ги преземат сите мерки да се стави ова под контрола. Заради негување на соживотот и меѓуетничките односи сите граѓани да се воздржат од ширење омраза, оти знаеме дека понатаму може да предизвика поголеми инциденти и дела од омраза“, велат од Хелсиншкиот комитет за РСЕ.

Последен пат иницијатива за паралелка на албански јазик во Чашка имаше во 2019 година. Тогаш Советот на општината го отфрли предлогот. Од вкупно 11 члена, шест гласаа „против“, четворица „за“ и еден беше воздржан.

Во 2008 година, Аце Коцевски како тогашен градоначалник на Велес на прес-конфренција кажа дека има иницијатива за отворање албански паралелки и таа „е покрената непосредно пред објавувањето на конкурсот за запишување на ученици и без да се направат потребните анализи“.

Според пописот од 2021, во Чашка живеат 7.942 жители. Од нив, 3071 се изјасниле како Македонци, а 4032 како Албанци. Во општината има и 373 Турци.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

македонско и бугарско знаме

Нов дијалог или нови рокови за уставни измени?

Течат преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ за состав на Влада иако добар дел од програмите …