Ненадлежни за “живот во Битола”, надлежни за тендери и фотелји

Ненадлежни за “живот во Битола”, надлежни за тендери и фотелји

Пишува: Габриела Илиевска

Подолго време немам напишано текст. Чекав. Си велев, можеби ќе им дојде умот на овие од локалната власт. Ама по сѐ изгледа, џабе чекав.

Пред некое време, поточно помеѓу двата изборни круга, еден висок партиски функционер од власта ме праша како стигнала работата до овде? Од самото негово прашање сфатив дека тие апсолутно не се свесни што ѝ се случува на Битола! Апсолутно не се свесни за она што значи битолско секојдневие. Дека ним, всушност и не им е важно што се случува во Битола, и со Битола!

Пробав да му објаснам дека работата е многу поголема од она што и едните и другите, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, го нарекуваат “партиска војна“. Дека штетата која ја трпат граѓаните од нивната “студена војна“ остава катастрофални последици по сегашноста, уште повеќе по иднината на битолчани.

Очигледно дека разговорот беше бескорисен, бидејќи ако тој навистина сакал нешто да смени после дебаклот кој власта го доживеа во Битола на претседателските избори, во најмала рака ќе им се извинеше на битолчани за тоа што како власт, им ја одзедоа надежта на нивните сограѓани дека работите ќе се сменат на подобро.

Политички феномен е за година и пол да изгубиш 14.000 гласови. Политички феномен е за само година и пол да направиш да те сакаат помалку од Двојче и наместо експресно да го смениш, да го надградиш и усовршиш сето она против кое си се борел.

И не можам да кажам дека не ме болат прашањата од типот „Зарем не ги знаеше какви се“? Зарем стварно веруваше дека нешто ќе сменат?“.

Јас ги знаев какви се и мислев дека во нив има доволно доблест и совест за да не си дозволат да им ја одземат и таа ронка надеж на битолчани. Она што не знаев, беше дека ќе изберат да владеат со мотото „не сме надлежни“. Она што не мислев, беше дека без трошка срам ќе се прогласат за ненадлежни за загадениот воздух од кој битолчани секојдневно умираат. Дека ќе бидат „ненадлежни“ за ѓубрето со кое сме затрупани, за сообраќајниот хаос, за ревизијата на општината, ненадлежни за субвенционирана струја за битолчани. Најмалку пак што мислев и што очекував, беше дека градоначалничката ќе ги прогласи битолчани за неписмени!

Господа од власта, “ненадлежни“ станавте за сѐ освен за пари, тендери и фотелји. “Надлежни“ сте да му дадете 600.000 евра на клуб од Скопје, дури битолските дечиња немаат пари да се лечат од рак во скопските болници.

И сега еве чекаме да изберете нов локален лидер, оти тој ќе ги решел проблемите и во партијата, а со тоа индиректно и во градот. Тоа, почитувани властодршци, нема да се случи. Дури вие самите не решите да се смените, никој од страна тоа нема да го направи, ниту пак некој поединец преку ноќ ќе им ги реши проблемите на битолчани. Единственото нешто што ќе го направи новоименуваниот, е што на првите следни парламентарни избори ќе го фати патот за Скопје. А ние кои ќе останеме во Битола, ќе чекаме и ќе се надеваме дека некогаш ќе одбереме некој кој нема да мисли за Скопје. Некој кој нема да трча по партиска и државна функција и кој конечно ќе биде надлежен за битолските проблеми.

Сѐ дотогаш ќе имаме седници на општинскиот Совет кои ќе траат по 10 часа, а за кои никој нема да знае дека воопшто се одржале. Ќе имаме партиски функционери од власта, сѐ едно од која партија, кои ќе ни ја вреѓаат интелигенцијата, ќе се радуваме на двата проекта на Двојче, Офицерски дом и трибината од фудбалскиот стадион, со кои власта се чука вгради и кои, многу веројатно, ќе бидат единствените завршени во мандатот на оваа локална власт.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …