Неславниот крај на „експериментот Мизрахи“

Неславниот крај на „експериментот Мизрахи“

Пишува: Зоран Милошески

За помалку од 48 часа, Љупчо Николовски и Оливер Спасовски покажаа „заби“ и цврста решителност да ги задржат работите под своја контрола.

Првиот, од позиција на партиски генерален секретар, како ниеден функционер од редовите на СДСМ досега, упати јасна порака до ДУИ: Ако сакате да кокетирате со ВМРО-ДПМНЕ и да го спречите носењето на Законот за јавно обвинителство – направете го тоа! Ама ние имаме доволен број на пратеници да ви дадеме „шут-карта“, да формираме ново парламентарно мнозинство и нова Влада. Предвремени избори – нема да има!

До вчера „недопирливите“ екс команданти и сопартијци на Али Ахмети, ретерираа уште истиот ден: за миг почнаа да фрчат прес конференции, изјави и фејсбук статуси, преку кои недвосмислено ја искажаа својата „верност“ кон поголемиот коалициски партнер.

Премиерот Спасовски, пак, со сиот ризик да предизвика поголеми политички турбуленци, побара од Собранието да ја разреши министерката Рашела Мизрахи. Не затоа што, како што се обидоа пратениците на партијата на Мицкоски да ја спинуваат приказната, „дека е жена и Еврејка“, туку заради непочитување на Уставот и законите на државата!

Евтиниот популизам со кој екс-министерката Мизрахи, во своето кратко водење на Министерството за труд и социјална политика, се обиде за себе и за партијата да извлече ситни политички поени, не помина кај парламентарното мнозинство. Едноставно, нејзиниот нападен и неприкладен „патриотизам“ искажан преку отстранување или покривање на таблата на која стои уставното име на државата, многу е проѕирен и наивен. Оти, при раководењето со една таква институција каква што е министерството, тоа за труд и социјална политика или било кое друго, сеедно, не можете да покажувате непринципиелност и да имате двојни аршини.

Не бидува, од една страна, слепо да ги извршувате партиските нарачки кои доаѓаат од грозната бела палата, да не го признавате уставното име на државата, да не ги почитувате институциите, а од друга страна воопшто да не ви смета да го ставите својот потпис на документ на кој пишува дека сте министер во Владата на Република Северна Македонија, да ги уживате сите привилегии кои ви ги носи функцијата која ја извршувате и, конечно, да земате плата од истата таа Република Северна Македонија која не ја признавате! Такво нешто нема во ниедна земја во светот!

Кога е во прашање името на државата, правилата на игра се јасно напишани и потпишани од сите релевантни домашни и странски институции. Прашањето е – ги прифаќате или не? Ако ги прифаќате, тогаш правењето циркузи со отстранувањето табли, покривањето или бришење на додавката „Северна“ од официјални документи, е неприфатлив чин кој, патем речено, треба да биде и кривично или прекршочно санкциониран.

Ако пак како поединец или претставник на политички субјект го застапувате ставот „никогаш Северна“, во тој случај сите вие кои сте на „државна цицка“, треба да ги напуштите јавните функции кои ги извршувате: министри, пратеници, советници, директори, вработените во државната администрација… и јасно и гласно да кажате: ние не ја признаваме оваа држава, не ги почитуваме нејзиното име и институциите и ќе бараме начин, преку демократски или други форми, да го вратиме поранешното име на државата. Дотогаш – еве ви ги назад решенијата за вработување и пасошите!

Ете тоа се вика принципиелност! Спремни сте тоа да го направите? Или се чувствувате комотно во ситуацијата „и врапче во рака, и гулаб на гранка“? Какво е она лицемерие, лигавење и леење „крокодилски солзи“ од собраниската говорница од истите оние кои ја клекнаа државата на колена и беа ортаци или послушни извршители на злосторничкото здружување.

Зарем мислите дека до толку сме сите со кратко паметење и дека го заборавивме сето она што го правевте во единаесетте години апашко владеење?

Прислушувањата. Уцените. Гласовите за „ин витро“. Апсењата на неистомисленици со камери. Рушењата со динамит. Провизиите од „жутите“. Плацевите на Водно. Расипувањето лифтови на денот на избори. МВРО-ВМРО. „…овие од Тоше против нас биле, да ја ибркаме сестра му од работа?…“. Тефтерчето на Горде. Гласачите од Пустец. Затворањето на А1. Циганите за уши. Хилтите. „…он, жената, децата, све у ендек ќе ги најдат…“…Мартин Нешковски… Парапетчето… „Она на М“ …Ние сме лудаци… Субрата Рој. „…А војна да има?“.

Ништо од тоа ниту ќе ви заборавиме, ниту ќе ви простиме. Она што во целата оваа мизерија која преку Мизрахи се обидовте да и’ ја подметнете на јавноста, е што за ова кратко време колку што партиципирате во техничката Влада, ги потсетивте граѓаните како изгледа кога сте власт. Макар и во ваква минималистичка варијанта. И за тоа сме ви бескрајно благодарни!

ПС: Знам дека не ви е драго да го чуете ова, оти од таквиот исход бегате како ѓавол од крст, ама денеска ве поздрави Макрон и го најави она што најголемиот дел од нашите граѓани со нетрпение го очекуваат: „кревање на рампата“ за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ!

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …