македонско и бугарско знаме

(Не)видливата „руска рака“ во последниот круг заострување меѓу Софија и Скопје

Иако постојат варијaции на темата каде е поголемо руското влијание при последната ескалација на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, сосема е извесно дека повеќе сериозни извори се согласни дека тоа постои. Несомнено се присутни и голем број информации и дезинформации околу ова прашање и тие се во функција на таа ескалација, со веројатно крајна цел да се држи прашањето отворено и да се ослабнат шансите за постигнување решение за спорот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

Повеќе релевантни извори од Северна Македонија и од Бугарија само во изминативе десетина дена дадоа изјави со кои директно или индиректно тврдат дека зад последното заострување на односите меѓу Софија и Скопје стои трета страна или трети страни, при што ги апострофираа „руската разузнавачка служба“ и „Руската Федерација“. Притоа, има мали нијанси околу таа таканаречена „руска рака“, па повеќето извори што ги споменуваме велат дека таа рака работи на двете страни од границата, додека дел од изворите се согласуваат дека активноста е повеќе во политичките и општествените кругови во Бугарија, отколку во Северна Македонија.

Целиот нов круг обвинувања за руското влијание во спорот на двете земји започна со зборовите на претседателот на РСМ, Стево Пендаровски по одржаниот Совет за безбедност, кога ѝ предложи на Владата да донесе мерки за протерување или забрана за влез во земјата на лица и групи кои работат на влошување на односите. Зборувајќи за претходните активности на македонските безбедносни служби и дека веќе биле протерани три лица со бугарско државјанство, од кои двајца наводно новинари и трето лице кое е многу гласно и во актуелните случувања, Пендаровски додаде дека „не може да зборува во детали“, но дека „дел од лицата и структурите“ за кои зборуваше на прес конференцијата „се надоврзани и на руската разузнавачка служба“ (види од 8.50 мин од видеото).

Меѓу тие лица за кои зборуваше Пендаровски,  јавноста, но и самиот се препозна европратеникот Ангел Џамбаски, потоа лидерот на бугарска парламентарна партија Преродба Костадин Костадинов и претседателот на една релативно нова „Фондација Македонија“ Виктор Стојанов.

(Не)видливата „руска рака“ во последниот круг заострување меѓу Софија и Скопје
Државниот врв на седница на СБ. Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Втор високопоставен политичар во РСМ кој директно ја спомена Руската Федерација како „трета страна“ која има полза од влошување на односите меѓу Софија и Скопје е министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој во интервју за Радио Слободна Европа на македонски јазик, на 29.01.2023 година, значи неколку дена по изјавата на Пендаровски, рече дека „нема директни информации“, но е сигурен:

Дека има интерес на трети фактори да се одржат живи конфликтите во овој регион, некогаш и замрзнати, со цел полесно да може да се манифестира влијание во нашиот регион, тоа е веќе позната работа од поодамна и тоа влијание сме го виделе во различен интензитет, во различни периоди на односите, не само меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку воопшто на Западен Балкан, притоа на прашањето на новинарката на кои трети фактори мисли децидно кажа дека станува збор за Руската Федерација.

Први реагираа Ангел Димитров и Екатерина Захариева

Поранешниот бугарски амбасадор и копретседавач со заедничката Комисија за историја и образование Ангел Димитровпренесен во ДВ на македонски јазик, беше меѓу првите што реагираше на споменување на „руската врска“:

Навистина не знам што точно има предвид Стево Пендаровски, не сум слушнал што кажал. Но, да ги претстават проблемите со Бугарија како некакво руско мешање, ми звучи безумно, неверојатно. Можеби имаат предвид некои конкретни луѓе… Но тоа е едно иссилено политичко искажување, бидејќи ваквите обвинувања мора да бидат докажани со многу сериозни аргументи, од една страна. Од друга страна, повторно има изместување на проблемот. Проблемот е внатрешно-политички, во односите што во нивната земја се создаваат кон луѓето со бугарска самосвестизјави Димитров.

На ова, набрзо за „руската врска“ се осврна и поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, како што објави и Мета.мк, обвинувајќи го Пендаровски дека работел за интересите на Белград и на Москва.

Претседател Стево Пендаровски не ги штити интересите на својата татковина, туку работи за политиката на Србија и Русија на Балканот и со своите изјави го попречува развојот на односите меѓу Софија и Скопје – изјави Захариева во интервјуто за БГНЕС, а пренесе Мета.мк.

Ноев, Поптодрова и Ќучук потврдуваат „руско влијание“ и „трети страни“

Но, во софиските медиуми, а пренесено од реномирани медиуми во македонскиот информативен простор се појавија угледни политичари и интелектуалци, кои ја потврдија информацијата на претседателот Пендаровски дека зад некои лица или групи што работат на влошување на односите меѓу двете држави стојат и трети земји меѓу кои и Русија. Таква беше изјавата на поранешниот бугарски министер за одбрана, Бојко Ноев:

Има бугарски политичари на кои не треба да им биде дозволен влез не само во Република Северна Македонија, туку не треба да им се дозволи да бидат и на бугарската политичка сцена. Тоа се бугарски политичари кои сакаат Бугарија да се одвои од Европа. Тоа се политичари кои одржуваат референдуми за отцепување од Европа, против еврото, а можеби и за влез во зоната на рубљата. Тоа се политичари кои отворено ги бранат интересите на Кремљ во Бугарија, изјави Ноев (извори: СП и БТВ).

На ова може да се надоврзе и изјавата на поранешната бугарска амбасадорка во САД, Елена Поптодорова за бугарската Nova News, а пренесена во анализата што ја објави Вистиномер, која ја потврдува изјавата на Пендаровски со мала модификација:

Сите политичари кои за своите политичко-трговски цели ја напаѓаат Република Северна Македонија навистина му служат на рускиот интерес, но тоа е покомплексна слика отколку да се зборува за шпионски врски. Несомнено, тие претпоставени лица на кои укажува господинот Пендаровски се врзани со руските служби, затоа што тие имаат своја агенда, свој генезис, којшто може да го опслужува рускиот интерес, но многу тешко е да се најде врска со руските служби од аспект на инструкции, финансирање, итн. Меѓутоа, тезата само по себе е точна – сите политичари и политички партии во Бугарија, кои по свои многу политички и меркантилни цели ја таргетираат Македонија, му служат на рускиот интерес. Сепак, сликата е поширока од таа што ја пренесе Пендаровски, изјави поранешната бугарска амбасадорка во САД.

Борисов и Захариева во ист тон

Поранешниот премиер и лидер на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов на 28.01.2023 година изјави дека гледа руско влијание, но во насока на враќање на Северна Македонија под руско влијание“.

Таков акт како претепувањето на Бугарин ја става јавноста целосно на страна на претепаниот човек и може да не одведе во друга насока која целосно му оди во корист на Путин и неговите геостратешки планови за Балканот. Овде гледам обид за враќање на Северна Македонија под руско влијание, намерно, и тоа се прави многу активно. Во никој случај не треба да бидете заведени. Најдоброто нешто за Бугарија е Северна Македонија и Албанија да бидат во Европската Унија и НАТОрече Борисов, пренесе РСЕ.

Со тоа Борисов е речиси едногласен со Захариева, која смета дека Северна Македонија е виновна и дека претседателот Пендаровски со својот предлог за забрана за влез или прогласување статус „нон грата“ за одреден број државјани на Бугарија при претстојното одбележување на 151 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4-ти февруари работел за интересите на Белград и на Москва.

(Не)видливата „руска рака“ во последниот круг заострување меѓу Софија и Скопје
Фото: Московски Кремљ

Како што може да се заклучи од изјавите што се презентирани во овој информативен сублимат, нема сомневање дека повеќе сериозни извори, политичари сегашни и поранешни, како и дипломати, ја споменуваат таа т.н. „руска рака“ во овој последен инцидент со охриѓанецот и македонски државјанин со бугарска самосвест Христијан Пендиков, иако варијациите се дали тоа се случува повеќе во Северна Македонија или во Бугарија.

Но, сепак, иако руските претставници на Балканот и во Москва не се изјаснуваат за ваквите изјави, барем до заклучувањето на овој текст, нема сомневање дека тоа влијание се регистрира во бројните информации и дезинформации и во македонскиот информативен простор, кои го помагаат затегнувањето на односите и новата ескалација на нападите на Софија кон Скопје, со веројатни крајни цели да се држи прашањето отворено и да се ослабнат шансите за постигнување решение за спорот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …