Исчезнато девојче

Ни трага ни глас од исчезнатото 14-годишно девојче, лоциран е само последниот сигнал од телефонот

Последен сигнал од телефонот е околу 7.30 на булеварот „Партизански одреди“, односно кај ресторанот „Фитнес Хаус“ и кај кафулето „Броз Кафе“. Камерите од ближните продавници и ресторани немале широк опсег, па оттаму невозможно било да се утврди точната рута на движење на девојчето

Цела вечер родителите на 14-годишната Вања, која вчера исчезна околу 7.30 часот изутрина, кога се упатила накај училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“, ја поминале во полициската станица „Беко“.

И за медиумите мајката Зорица потврдува, а и од Министерството за внатрешни работи (МВР) додаваат дека се вложуваат сите напори да се најде девојчето. Досега е разговарано со нејзините пријатели, роднини, извршен е претрес во нејзината соба и на нејзиниот компјутер, но засега не е најдено ништо што би можело да упатува ниту на тоа дека девојчето самоиницијативно не се вратило дома, ниту пак дека некој го киднапирал.

Од она што го дозна Мета.мк разговарајќи со повеќе независни извори, девојчето излегло од дома околу 7.20 часот утрината. Со себе не носело многу пари, а до училиштето немало ниту 10 минути одење пешки. Последен сигнал од телефонот е околу 7.30 часот на булеварот „Партизански одреди“, односно кај ресторанот „Фитнес Хаус“ и кај кафулето „Броз Кафе“. Камерите од ближните продавници и ресторани немале широк опсег, па оттаму невозможно било да се утврди точната рута на движење на девојчето.

Мајката добила повик од класната дека нејзината ќерка не се појавила на училиште, по што таа се обидела да ја добие на мобилниот телефон, кој бил исклучен. Еден час подоцна, мајката го пријавила случајот во МВР и објави статус на Фејсбук со апел сите да се приклучат во потрагата.

Таа вчера доцна вечерта се заблагодари на полицијата за која рече дека „несебично е на терен“ и замоли да не се шират „дезинформации кои не помагаат во пронаоѓањето“.

„Вечерта беше весела, весела си отиде на училиште, не сме се расправале, отворено си разговараме за сè. Ги распрашав сите нејзини другарчиња. Тие доаѓаа и претходно тука, се дружеа, си седеа. Но, никој вчера не ја видел Вања во училиште“, сведочи мајката за „Макфакс“.

„Како родители мислиме само на најлошото. Надлежните ни велат дека досега не памтат сличен ваков случај“, изјавува мајката за медиумот.

Од МВР велат дека и покрај ангажираноста на полициските сили за време на Министерскиот самит на ОБСЕ кој почнува утре, остануваат целосно посветени и ангажирани во пронаоѓањето на девојчето.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Oва е последниот повик за Европа, ние не се откажуваме (Видео)

Ковачевски: Oва е последниот повик за Европа, ние не се откажуваме (Видео)

Со испраќање на порака за здружување на силите на патот кон Европската Унија, Социјалдемократскиот Сојуз …