Новинарот Миле Талески и музичката легенда Нина Спирова, носители на највисоката награда на Општина Прилеп за животно дело

Новинарот Миле Талески и музичката легенда Нина Спирова, носители на највисоката награда на Општина Прилеп за животно дело

На денешната свечена седница на општинскиот Совет, која се одржа по повод Денот на ослободувањето на Прилеп, беа доделени годинешните награди „3 Ноември“.

Награда за животно дело „Златна плакета“, за особен придонес во развојот на новинарската професија, му беше доделена на новинарот Миле Талески.

Постхумно, „Златна плакета“ за животно дело, за особен придонес и создавање трајни вредности во музичката уметност, и’ беше доделена на музичката легенда, Нина Спирова.

Во своето обраќање пред присутните членови на Советот на општина Прилеп и пред наградените, градоначалникот Илија Јованоски рече дека носителите на највисоките општински признанија, отсекогаш претставувале најдобри амбасадори на својот град, Прилеп.

„Одбележувајќи го Денот на ослободување на нашиот град, на сите годинешни добитници, на нивните семејства, на институциите, стопанските субјекти и здруженија на граѓани, им ги честитам Третоноемвриските награди. Сите тие се доказ дека Прилеп бил и останува расадник на вредни, трудољубиви, способни и талентирани граѓани, кои низ градењето на личните кариери и постигнувањето врвни резултати и успеси, претставувале најдобри амбасадори на својот град“, истакна Јованоски.

Во своето обраќање, покрај краткото резиме на постигнатите резултати во изминатата година, градоначалникот Јованоски се задржа на актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19 која, како и во сите останати земји во светот, предизвика тешки последици по здравјето на граѓаните, но и по економијата.

„Пандемијата на Ковид-19 го смени светот. Ништо повеќе не е исто после налетот на невидливиот непријател, кој одзеде огромен број човечки животи и од кој заболеа милиони жители ширум земјината топка. Последиците од пандемијата се видливи на секој чекор. Подзастанаа економиите на најмоќните земји во светот, државите со најразвиени здравствените системи и најсовремени достигнувања на полето на медицината, не останаа имуни на коронавирусот. Заразната болест не не’ одмина ни нас. Вирусот го смени начинот на живење, на работа, наметна свои правила кои доколку сакаме од здравствената криза да излеземе со помали последици, сите ние мора да ги почитуваме. Верувам дека сите вие овде присутните, исто како и огромниот дел од нашите сограѓани, го делите со мене чувството на благодарност до медицинските работници од сите здравствени институции. Секој од нив, со својата макотрпна и посветена работа, покажа висок степен на професионализам, одговорност и патриотизам. Луѓето кои со истите ресурси работат неспоредливо поголема и потешка работа од било кога порано, се хероите на новото време. Заради сето она што го направија во изминатите месеци, најмалку што можеме да им кажеме е: Ви благодариме“, потенцираше градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

За покажана посветеност, одговорност и пожртвуваност при справувањето со пандемијата на Ковид-19, награда Плакета „3 Ноември“ им беше доделена на:

  • Одделот за инфектологија при ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ Прилеп;
  • Службата за итна медицинска помош и домашно лекување при ЈЗУ Здравствен дом Прилеп;
  • Одделението за трансфузиона медицина – Прилеп при ЈЗУ ИТМ на РСМ;
  • Одделението за епидемиологија при Центар за јавно здравје Прилеп.

За покажана висока општествена одговорност во справувањето со пандемијата на Ковид-19, добитник на Плакета „3 Ноември“ е компанијата „ГИФТИ ТЕКС“ ДООЕЛ Прилеп, а за придонес во заедницата преку младински волонтеризам и хуманитарни активности, Плакета „3 Ноември“, ЛЕО КЛУБ Прилеп.

Добитници на Дипломи „3 Ноември“ се:

  • Ванѓел Здравески, член на медицинскиот тим кој ја изврши првата трансплантација на срце во РСМ;
  • Асен С. Стаменов, за особен придонес во развојот на литературното творештво;
  • Киро Здравески, за постигнувања во областа на џудо – спортот;
  • Андон Јованоски – Ашата, за постигнувања во областа на театарската уметност и
  • постхумно, Вељко Силјаноски, основоположник на македонската фонетика, фонологија и компаративна книжевност.

Свечената седница на Советот на општина Прилеп се одржа согласно протоколите за организирање настани, како и со доследна примена на мерките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, за заштита од Ковид-19.

Прочитајте повеќе

„Нема откажување од иднината“ - СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори (Видео)

„Нема откажување од иднината“ – СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори (Видео)

Со настан во Музејот на современа уметност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Kоалицијата за европска …