Обединети нации на Македонија

Обединети нации на Македонија

Македонското општество беспотребно се навлече на агресивните бугарските приказни за историјата и постојано да наоѓа некакви оправдувања за македонската самосвест. Како да е тоа грев.

Пишува Љупчо Поповски

Дали Mакедонија полека, полека се доближува до границата преку која ќе го помине своето достоинство? Или, пак, стоењето на таа граница ќе го стави на најголемо искушение нејзиното достоинство? Откако, некаде лани во октомври, стана јасно дека Бугарија се подготвува за силно вето на европската иднина на Македонија (иако првите најави тогашното германско претседателство со ЕУ ги добило уште во јули), политиката, медиумите, страничните и директните играчи како да влегоа во некој вител како брзо да се најдат решенија за оваа блокада кои ќе ја кренат рампата на Софија. На некој начин тоа „брзање“ беше разбирливо – колку и да изгледаше можна таа блокада, сепак дојде неочекувано и како сериозен удар за општеството ги измести неговите приоритети и политиките во кои се вложија многу труд, па и жртви. Во таа атмосфера некогаш изгледаше дека премногу се брза, и во прифаќање на некои нелогични бугарски барања, но и во целосно отфрлање на ставовите на Софија кои не успевавме убаво да ги осветлиме и да видиме што е нивната вистинска суштина. Како резултат на тоа се подигна и забетонира антибугарското расположение во јавноста, исто толку како што се подигна и забетонира антимакедонското расположение во Бугарија.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на неколкупати изјави дека ќе треба да се направат некакви мачни компромиси, без да објасни што навистина значи тоа. Доколку неговата вчерашна изјава – дека нема ништо против во преамбулата на Уставот и Бугарите да се наведат како етничка заедница – е дел од тие мачни компромиси, Османи го одбрал погрешниот пат. Не е прашањето дека некој има анимозитет кон Бугарите, туку затоа што тој во неговата голема желба да биде успешен како шеф на дипломатијата за да го реши спорот, директно ја отвора вратата македонскиот Устав да ја претвори државата во „Обединети нации на Македонија“, во која ќе се загуби нејзиниот граѓански карактер.

Според последниот попис од 2002 година, Бугарите во Македонија сочинуваат 0,073 % од населението. Зошто тогаш во преамбулата на Уставот не би се вметнале и оние етнички групи кои се помногубројни од Бугарите во Македонија според последниот попис? Така, Египќаните се 0,184 %, Црногорците 0,133 %, Унгарците 0,1 %, или пак Грците кои сочинуваат 0,21 %, а можеби и Словенците со 0,18 %. Зошто тие да бидат онеправдани во овие „Обединети нации на Македонија“. Османи навистина се труди да ги најде можните патишта за разврска на проблемот, неговите патувања во странство сигурно се во таа насока, но последниве два месецa како да ја загуби навигацијата.

Потрошена посета

Да го земеме само последниот престој во Париз. По подолго време еден македонски шеф на дипломатијата се сретна со министер за надворешни работи на Франција. Во времето кога Емануел Макрон ја стави онаа прочуена блокада на проширувањето на ЕУ, во која главна жртва беше Македонија, македонските претставници во лобирањето во Париз успеваа да стигна само до државниот министер за Европа. На Османи му успеа да разговара со шефот на дипломатата Жан-Ив ле Дријан, да потпише со него три договори; да се сретне со двајца советници на претседателот Макрон – и значењето на оваа посета на Париз да ја потроши со барањето по слетувањето во Софија да се сретне со неговата колешка Екатерина Захариева. Бугарската министерка ја искористи шансата да објави дека средбата во вилата „Бојана“ била на барање на Османи, инаку таа немала намера да се среќава со него за време на неговиот транзит низ Софија. Османи им овозможи на медиумите да се залепат зад неговото барање за неочекувата средба со Захариева, а притоа да не обрнат внимание на важните разговори во Париз. Да потрошиш толку важни разговори во Париз само за една средба на поминување со Захариева – некој тоа би го оценил како вистинска „умешност“.

Дипломатско незнаење? Грешка во чекори? Огромна желба да ја одоброволи Софија? Можеби од сѐ по нешто, а можеби во тоа има дел и оценката на познатите бугарски политичари кои најмногу се занимаваат со „македонското прашање“: дека Османи имал „разумен поглед на разврската на јазолот“ (да парафразираме), а не бил како Никола Димитров, кој бил поопасен дури и од короната. Османи е на добар пат да ја зголемува недовербата на македонското национално ткиво (ова не е објаснување од некаква етноцентричност, туку од перцепцијата на многу голем дел од јавноста, дека тој не успева да ги разбере до крај стравовите и дигнитетот на македонската нација). Османи е на своевидна клацкалица, треба да ги одмерува зборовите кога ги кажува во оваа фаза во односите кои изгледаат како комплицирани, а во основа јасно се гледаат, за да не се доведува во ситуација како вчера, кога директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симевски, на заедничката прес-конференција го исправи, нагласувајќи дека белегот за етничката припадност бил вклучен во сите пописи од 1948 година наваму.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Таткото на Вања Ѓорчевска

Таткото на Вања Ѓорчевска оди во домашен притвор

Ми одзедоа сè. Не сум веќе ни родител ни татко, ехо од човек остана од …