Објавен составот на новата Влада на Србија

На чело на новата Влада на Србија ќе биде досегашната премиерка Ана Брнабиќ. Лидерот на социјалистите Ивица Дачиќ ќе биде министер за надворешни работи, како и шеф на Бирото за координација на безбедносните служби и прв вицепремиер.

Министер за внатрешни работи ќе биде прогресивецот Братислав Гашиќ, кој беше поранешен шеф на Безбедносно информативната агенција БИА.

Поранешниот градоначалник на Нови Сад и функционер на Српската напредна странка Милош Вучевиќ ќе го преземе секторот за одбрана и ќе биде вицепремиер. Синиша Мали останува на чело на Министерството за финансии, а ќе биде и вицепремиер.

Тања Мишчевиќ ќе раководи со Министерството за евроинтеграции. Горан Весиќ, до неодамна заменик градоначалник на Белград, ќе биде министер за градежништво, транспорт и инфраструктура.

Томислав Момировиќ ќе раководи со Министерството за внатрешна и надворешна трговија. Момировиќ во претходниот мандат беше на чело на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура. Маја Поповиќ останува министерка за правда.

Досегашниот директор на Јавното комунално претпријатие „Белградска електрана“, Раде Баста, ќе биде министер за економија. Социјалистот Бранко Ружиќ останува министер за образование. Јелена Танасковиќ ќе биде министерка за земјоделство, шумарство и животна средина.

Ирена Вујовиќ останува министерка за заштита на животната средина. Министерка за рударство и енергетика ќе биде Дубравка Негре. Со Министерството за државна администрација и локална самоуправа ќе раководи Александар Мартиновиќ. Маја Гојковиќ останува на чело на Министерството за култура.

Томислав Жигманов ќе раководи со Министерството за малцински права и социјален дијалог. Одделот за наука и иновации ќе го води Јелена Беговиќ. Даница Грујичиќ ќе биде министерка за здравство.

Досегашниот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ ќе раководи со Министерството за труд, вработување. Дарија Кисиќ станува министерка за семејна грижа. Министер за туризам и млади ќе биде Хусеин Мемиќ, а за спорт Зоран Гајиќ. Милан Кркобабиќ ќе раководи со Министерството за грижа на селата.

Остануваат непополнети Министерството за телекомуникации и информации, како и Министерството за јавни инвестиции.

Социјалистите во новата Влада ќе имаат и двајца министри без ресор. Новица Тончев, кој и во претходната влада беше министер без ресор, ќе биде задолжен за развој на неразвиените општини. За Ѓорѓе Милиќевиќ, долгогодишниот шеф на пратеничката група на социјалистите, ресорот ќе се договори подоцна.

Прогресивците и социјалистите беа коалициски партнери во последните десет години, откако Српската напредна партија дојде на власт.

Лидерот на прогресивците Александар Вучиќ изјави дека дел од досегашните министри нема да бидат во новата влада, но дека ќе продолжат да извршуваат важни функции.

Тука тој ги спомна поранешниот министер за здравство Златибор Лончар, министерот за земјоделство Бранислав Недимовиќ, министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ и министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ. Во тој контекст го спомена и српскиот амбасадор во САД, Марко Ѓуриќ.

Мандатар за состав на новата Влада е досегашната премиерка Ана Брнабиќ, која е висок функционер на владејачката СНС. Новата влада ќе има 25 министерства, што е за четири повеќе од претходната.

Новите министерства се Министерството за јавни инвестиции, Министерството за наука, технолошки развој и иновации, Министерството за туризам и млади и Министерството за информации и телекомуникации.

Формирањето на новата Влада на Србија се очекува следната недела во парламентот.

Парламентарните избори во Србија се одржаа на 3 април, но конечните резултати беа објавени на 5 јули поради повторување на изборите на едно избирачко место на југот на Србија.

Прочитајте повеќе

Земјотрес со јачина од 5,4 степени во Црна Гора, почувствуван и во Македонија и регионот

Од црногорскиот завод подоцна информираа дека по главниот земјотрес, следувале уште 30 помали Земјотрес со …