Обраќање на претседателот Пендаровски на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Обраќање на претседателот Пендаровски на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, којашто се одржува во Охрид од 17 август до 2 септември 2022 година.

Посакувајќи успешна работа на годинашната школа, претседателот Пендаровски истакна дека ова е најдобриот, вистинскиот начин за промоција на македонскиот јазик, литература и култура и воопшто на нашата земја.

„Сите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила. Ниту еден документ, декларација, изјава, не можат да обезбедат постоење и траење на еден јазик, ако не е жив односно ако никој не го употребува“, рече претседателот Пендаровски нагласувајќи дека сѐ додека има говорници на еден јазик тој ќе постоиСѐ додека постоиме и говориме на македонски, ниту една негација, фуснота, забелешка или што и да е, не ќе може да ја прикријат вистината.

Во продолжение е интегралниот текст на обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани учесници на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура,

Почитувани организатори,

Почитувани гости,

Имам особена чест и задоволство да ве поздравам и годинава на 55. Летна школа да ви посакам топло добредојде во Охрид и во Република Северна Македонија. Се надевам дека покрај изучувањето на македонскиот јазик и продлабочувањето на знаењата за македонската литература и култура, ќе имате време и можност да уживате во раскошната убавина на Охридското Езеро и неговата околина и да се инспирирате од древниот Охрид.

Имајќи го предвид навистина згуснатиот распоред со лекторските курсеви и тематските предавања во текот на денот, како и презентациите, промоциите и интерактивните настани предвидени за вечерните часови ве очекуваат навистина две интензивни седмици исполнети со богата програмска содржина. Очекувам семинарот да ја зајакне вашата лингвистичка врска со нашата земја, литература и култура, но и со македонските граѓани. Вие, всушност, градите трајни мостови кои ги поврзуваат луѓето, народите и културите. Чест и задоволство за нас е што токму македонскиот јазик е сврзувачката нишка за многумина од вас кои им припаѓате на различните држави и култури.

Кога веќе ја споменав програмата на годинешнава Летна школа, би сакал да ја искористам оваа можност и покрај изразувањето благодарност кон сите пријатели на македонскиот јазик од сите светски меридијани, да му оддадам признание на УКИМ како институција, како и на сите поединци вклучени во организацијата и реализацијата на Летната школа и на Меѓународниот симпозиум во рамките на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, за петдецениската посветена работа.

Вие несомнено го имате избрано најдобриот, вистинскиот начин за промоција на македонскиот јазик, литература и култура и воопшто на нашата земја. Благодарение на вас побогати сме со илјадници пријатели кои продолжуваат да бидат промотори на македонскиот јазик и културни амбасадори на Република Северна Македонија. Сакам да ве замолам да продолжите и понатаму со својата благородна мисија. Ви ја изразувам својата безрезервна поддршка во мое лично име, но, верувам и во името на сите оние кои го говорат македонскиот јазик. 

Драги пријатели,

Јазикот е жива материја, кој си има своја динамика и развој и како таков во себе ги впишува антрополошките феномени и ја впива културата и светогледот на говорителите. Неговата изразна моќ, пак ни овозможува да ги искажеме нашите мисли и да го споделиме нашиот внатрешен свет, создавајќи комуникација која излегува и надвор од секојдневието и од материјалното. 

Во универзумот на македонскиот јазик како наша единствена комплетна татковина, да го цитирам Конески, се вградени ставовите, погледите, чувствата, идеите на нашите предци, на нас самите и на нашите идни поколенија. Среќни сме што пет и пол децении македонскиот јазичен универзум посветено и со отворено срце го посетуваат илјадници добронамерници оставајќи ги своите траги и траен придонес.

Сѐ додека има говорници на еден јазик тој ќе постоиСѐ додека постоиме и говориме на македонскиниту една негацијафуснотазабелешка или што и да ене ќе може да ја прикријат вистинатаСите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила. Ниту еден документ, декларација, изјава, не можат да обезбедат постоење и траење на еден јазик, ако не е жив односно ако никој не го употребува. Затоа секој во рамките на своето опкружување, во својот дом, во професионалната средина, на местото на разонода, спортување, на културни настани, во духовните храмови, кога размислуваме и беседиме, да глаголиме на македонски и на тој начин да го шириме универзумот на македонскиот јазик.

На крајот, дозволете да ви посакам пријатен престој и плодна и успешна работа на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Денес е тежок удар за европската перспектива, но, се уште не е доцна да се …