Обраќање на претседателот Пендаровски на трибината „30 години развој на Армијата - формирање, настани, успеси, предизвици, иднина“

Обраќање на претседателот Пендаровски на трибината „30 години развој на Армијата – формирање, настани, успеси, предизвици, иднина“

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на трибината „30 години развој на Армијата-формирање, настани, успеси, предизвици, иднина“ во организација на Министерството за одбрана,  Армијата на Република Северна Македонија и Асоцијацијата на здруженија од сферата на безбедноста, одбраната и меѓународни односи.

На трибината којашто го означи почетокот на активностите за одбележување на триесетгодишниот јубилеј на Армијата, се обратија и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и други говорници.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека Армијата во изминатите 30 години целосно се трансформираше и модернизираше, стекнуваше искуство и ја одржуваше својата борбена кондиција на бројни меѓународни воени вежби и со активно учество во повеќе мировни мисии предводени од НАТО, од Европската Унија, Обединетите нации и од нашите стратешки партнери на билатерална основа.

Претседателот Пендаровски на трибината упати порака и до целата македонска јавност истакнувајќи дека припадниците на Армијата ќе продолжат со истата посветеност како и до сега да ја исполнуваат својата уставна должност да го штитат нашиот територијален интегритет и суверенитет, како преуслов за мирот, безбедноста и демократскиот развој на македонското мултиетничко општество.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани присутни,

Чест ми е да ве поздравам на оваа трибина со која започнува одбележувањето на големиот јубилеј – 30 години од формирањето на македонската армија. Честа за мене е дотолку поголема бидејќи се обраќам пред ветерани на македонската одбрана, пред офицери и поранешни министри на кои им била доверена највисоката задача која некој може да ја има во една држава, а тоа е  – одбраната на својата земја.

Вчера, на 27 март, се навршија точно 30 години од денот кога последниот војник на тогашната ЈНА ја напушти Република Македонија. Тоа значеше дека суверената и независна македонска држава со својата новоформирана Армија ја презеде контролата над целата своја територија што е основен белег на секоја суверена држава.

На овој важен момент му претходеа клучни процеси и настани со стратешко значење. Ќе споменам само неколку: падот на Берлинскиот sид, кој го означи крајот на Студената Војна, и крвавиот распад на Југославија во вителот на војните од кој со многу умешност на тогашното државно раководство и со помош од нашите стратешки пријатели, успеавме да се извлечеме. Потоа, референдумот за независност од 8 септември, првиот Устав од ноември 1991-та и конечно, усвојувањето на првиот закон за одбрана во февруари 1992-та. 

Во тие бурни времиња, кога на просторот на поранешната југословенска федерација беснееја вооружени конфликти со гранатирани градови, илјадници цивилни жртви и стотици илјади бегалци, ние се соочувавме со економски ембарга и политички блокади за наше пошироко меѓународно етаблирање. Во такви сложени услови, тогашното државно раководство успеа навреме да го заокружи политичкото со военото и одбранбено осамостојување. Пораката од тој чин беше јасна: подготвени сме да ги браниме сувереноста, независноста и територијалниот интегритет.

На самиот почеток, препознавме дека наш витален интерес е интеграцијата во НАТО како најважен систем на колективната безбедност по распадот на биполарниот свет, но, во исто време и заедница на демократии кои веруваат во ист систем на вредности. Исклучително е значајно што зад оваа стратешка цел застанаа огромното мнозинство од граѓаните и сите релевантни политички фактори.    

Почитувани,  

Армијата во изминатите 30 години целосно се трансформираше. Започнавме скромно, но, со огромна волја втемелена врз слободарските традиции на Илинденците и на партизаните во антифашистичката борба. Модернизацијата се одвиваше во согласност со стандардите на Алијансата фаќајќи го чекорот со најновите трендови во одбраната. Државата вложуваше и во едукацијата на офицерскиот кадар. Голем број од нашите офицери завршуваа школи за национална одбрана во земјите – членки на НАТО, но, најголем придонес во таа смисла даде Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“. 

Армијата стекнуваше искуство и ја одржуваше својата борбена кондиција на бројни меѓународни воени вежби и со активно учество во повеќе мировни мисии предводени од НАТО, од Европската Унија, Обединетите нации и од нашите стратешки партнери на билатерална основа. Во изминативе 20 години нашите војници придонесоа и сеуште придонесуваат за мирот и безбедноста во различни делови од светот преку учество во мисиите – ИСАФ, „Слобода за Ирак“, АЛТЕА, УНИФИЛ и КФОР. Со тоа го зајакнавме нашиот меѓународен кредибилитет затоа што не препознаваа како држава која генерира стабилност во поширокото опкружување.

Нив целиот овој 30-годишен период, Армијата беше ангажирана и во клучните предизвици низ кои минуваше државата, какви што беа Косовската криза од 1999-та, воениот конфликт од 2001-та година и мигрантската криза од 2015-та година. Армијата се вклучуваше и помагаше и на најразлични кризни и вонредни ситуации, од справување со елементарните непогоди и пожари, па се до пандемијата на КОВИД-19.

За зголемување на кредибилитетот и довербата која граѓаните ја имаат денес во армијата битно значење имаше процесот кој го започнавме по 2001-та кога во нејзините редови почнаа помасовно да  се вклучуваат и припадниците на другите етнички заедници, како и жените. Некои од одлуките кои ги донесов во мојот мандат беа токму од овој домен – за прв пат припадници од немнозинските заедници влегоа во специјалните единици и за прв пат во нашата историја жена офицер стана Аѓутант на претседателот. Убеден сум дека вклучувањето на припадниците на различните групи од нашето општество на сите нивоа во Армијата само ја засилува нејзината внатрешна кохезија и потенцијал уште успешно да ги извршува своите уставни и законски обврски.

Ценети присутни,

За жал, како и пред 30-тина години, Европа и светот повторно влегоа во период на голема неизвесност. По пандемијата која немаше само здравствени, туку и економски и социјални последици, со руската агресија врз Украина, безбедносната стана истовремено и бегалска, и хуманитарна и енергетска криза.

Во нашата понова историја сме имале неколку важни стратешки одлуки, иако, за жал, многу одлуки беа избрзани и популистички, меѓутоа една од најдобрите одлуки зад која повеќе од три децении стои широк натпартиски и општествен консензус е истрајноста во нашата евро-атлантска ориентација. Токму во овој период на огромни геополитички тензии и воени конфликти, членството во НАТО претставува важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија.

Со особено внимание ги следиме настаните во Украина и во рамките на нашите можности, како членка на НАТО помагаме во одбраната  на демократските вредности на слободниот свет. Уште од првиот ден ја осудивме агресијата на Русија врз Украина, и се солидаризиравме со украинскиот народ и држава. Во исто време, подготвени сме да не дозволиме никакви индиректни влијанија, уште помалку директно инволвирање на трети страни кај нас и на тој план сме решени да истраеме.

Почитувани,

Во споредба со почетоците, денес имаме бројно помала, но борбено далеку поефикасна професионална Армија, која е многу подобро опремена и подготвена да се справува и со новите асиметрични и хибридни закани на 21 век. Украинскиот пример ни покажува дека класичните традиционални воени закани остануваат присутни, меѓутоа, новото време носи и нови безбедносни предизвици кои не смееме да ги игнорираме. Во овој контекст, сите сме свесни каква опасност се дезинформациите, лажните вести и политичката пропаганда која има за цел да ја дестабилизира демократијата како систем.   

За да бидеме спремни за соочување и со традиционалните и со новите закани, ќе продолжиме да инвестираме во одбраната за да го постигнеме прагот за издвојување на 2% од БНП, во согласност со стандардите на НАТО. Ќе продолжиме со реформите во одбраната, со модернизација и опремување и со јакнењето на нашиот безбедносен систем, особено на хибридните и кибер закани и борбата со лажните вести и дезинформации. Исто така, ќе продолжиме и да придонесуваме кон колективната безбедност и одбрана со учество во мисии заедно со нашите сојузници.

Почитувани присутни,

Во овие 30 години од нејзиното постоење, Армијата оствари многу од зацртаните цели, но, тоа беше можно само благодарение на луѓето кои ја создадоа, ја развиваа и ја донесоа на ова респектабилно ниво на кое е денес. Затоа сакам тука пред вас да ја изразам мојата лична благодарност до сите нив. Чест ми е што некои од нив се денес присутни меѓу нас во оваа сала.

На крајот, дозволете да упатам една порака и до целата македонска јавност: припадниците на Армијата ќе продолжат со истата посветеност како и досега да ја исполнуваат својата уставна должност да го штитат нашиот територијален интегритет и суверенитет, како предуслов за мирот, безбедноста и демократскиот развој на македонското мултиетничко општество. Во таа смисла, македонските граѓани можат да бидат сосема спокојни.

Прочитајте повеќе

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Добра волја за пошироко толкување на Преспанскиот договор нема ниту партијата која ќе го предводи …