Обраќање на претседателот Пендаровски во Собранието на Република Северна Македонија (Видео)

Обраќање на претседателот Пендаровски во Собранието на Република Северна Македонија (Видео)

Акценти од обраќањето на претседателот Стево Пендаровски во Собранието на Република Северна Македонија

Најважен аспект во изградбата на функционална правна држава е еднаквоста пред законот, односно, неселективноста на правдата. Со законите што ги носиме не смееме да ги привилегираме оние кои не го почитуваат поредокот, наспроти оние кои го почитуваат. Посебно разочарува тоа што, за жал, сите релевантни истражувања на јавното мислење го докажуваат растечкото чувство меѓу граѓаните дека во државата владеее културата на неказнивост. Единствениот начин да ја вратиме довербата во институциите е да имаме правна завршница во секој случај каде што постои сомневање за сторени кривични дела. Големата автобуска несреќа во која загинаа 45 наши граѓани е само последниот во низата вакви случаи. Доколку овој, како и некои претходни случаи не добијат судска завршница во разумен рок, недовербата на граѓаните само ќе расте. Општество со такви тенденции е плодна почва за појавата на авторитарни и популистички лидери кои наместо квалитетен процес ветуваат “брза и ефикасна” правда.

Пандемијата ни покажа колкава може да биде моќта на дезинформациите врз јавното мислење. Наспроти сите егзактни статистички показатели кои докажуваат дека помошта во медицинска опрема и вакцини од Европската Унија и на билатерална основа од десетина членки на западната алијанса е убедливо најголема, генералната перцепција меѓу граѓаните е дека западниот Балкан беше заборавен од нашите сојузници. Верувам дека наш национален интерес е, час поскоро, на системски начин, да почнеме да ја унапредуваме медиумската писменост на граѓаните, особено на младите во основните и средните училишта. Тие дигитални генерации се деца на глобализацијата, пораснати се на интернет, и за да не станат први жртви на дезинформациите треба да знаат самите да ги препознаваат. Во спротивно, самопрогласените пророци на социјалните мрежи ќе ја добијат битката со најголемите светски умови и ќе натераат многу наши граѓани да веруваат во конспиративните теории, наместо во науката и здравиот разум.

Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и искрено, одвај го чекам денот кога ќе ги почнеме, кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани.

Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид.

Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но, тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока. Да повторам, нашите граѓани можат да бидат спокојни, и ако блокадата потрае, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат. Меѓутоа, можно е нешто друго. Искуството по НАТО самитот во Букурешт 2008-та нè учи дека е можно демократско назадување и облици на авторитарно и популистичко владеење на поединец, група или партија. Но, одговорноста за таков евентуален развој на настаните нема да лежи кај нашите граѓани, туку кај нас – политичарите. Ние мораме да покажеме дека конечно ги имаме научено трагичните лекции од нашето скорешно минато кога бевме на самиот раб на поширок граѓански судир.

Безбедносната ја потиснува во втор план интеграциската реторика и агенда, идентично како во раните деведесетти и иако е јасно дека не постои потенцијал за нови војни, во отсуство на политичка поддршка и ресурси за таков развој на настаните, очигледно е дека политиката на преферирана стабилократија и на статус кво доживува неуспех. Тоа беше конечно препознаено и од клучните субјекти на западната алијанса – Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Обединетото Кралство кои назначија специјални пратеници за западниот Балкан што се нема случено никогаш во исто време, ниту во деведесетите години од минатиот век.

Два месеци потрошивме на локалните избори, уште повеќе време во партиски комбинаторики и калкулации за ново парламентарно мнозинство. Очекувам новата влада час поскоро да се позабави со реалните проблеми на граѓаните кои се намножија оваа година, од пандемијата и економијата, сè до енергетската криза која  допрва ќе се продлабочува.

Иако не спаѓа во моите надлежности, ќе ми дозволите, сосема кусо да го прокоментирам повлекувањето од политиката на досегашниот премиер Зоран Заев, со кого во изминативе десет години заедно биевме битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права. Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, на јавноста впрочем ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања, тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии. Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна позиција од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата.

Малкумина останавме да живееме во татковината, поделени сме по многу основи, и нови делби се последната работа која смееме да си ја дозволиме.

Да ви посакам во 2022-та да имате здравје вие и вашите најблиски и конечно да ги оставиме зад себе разговорите за вакцини, маски, карантини, изолација едни од други.

Старата мудрост вели ако имаме здравје за сите други проблеми во животот ќе најдеме решенија, но, сепак, би сакал да им порачам на сите наши граѓани и на сите политичари, во годината пред нас, да се обидеме барем малку повеќе и да се почитуваме меѓу себе. Од сите катастрофи на кои сведочевме последниве две години научивме, за жал, на потешкиот начин, дека ако ги немаме најблиските до нас, ништо не вредат ни богатствата, ни куќите, ни парите, ни власта.

Да сте сите живи и здрави и да ни е вечна нашата заедничка држава – Република Северна Македонија!

Прочитајте повеќе

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Добра волја за пошироко толкување на Преспанскиот договор нема ниту партијата која ќе го предводи …