Образ – ѓон, совест и срам – ни грам!

Пишува: Зоран Милошески

Не постои толку голема несреќа која како нација може да не’ снајде, а која ние не можеме дополнително да ја зголемиме. Бројни се примерите низ историјата кои тоа го потврдуваат. Особено примерите од поновата историја и почетокот на плурализмот.

Сепак, она што ни се случува со пандемијата на коронавирус, ги надминува сите граници на достоинствено човечко однесување, во што предничат опозициските политичари и медиумите блиски до нив.

Јасно е и сосема е разбирливо, дека врвен приоритет за секоја опозиција е доаѓање на власт. Притоа, водени од максимата дека целта ги оправдува средствата, сведоци сме на грубо извртување на вистината, енормно продуцирање на лажни вести и злоупотреби на трагични настани и човечки судбини во функција на дневното политикантство. На секој политичар кому владеењето на правото, правдата, слободата и демократијата му се поважни од градењето кариера и остварувањето профит, тоа не може и не смее да биде дел од неговото лично портфолио.

Да нема дилеми – ниту Владата е безгрешна, ниту Филипче е совршен. Меѓутоа, од првиот ден на почетокот на пандемијата, оркестрираните отровни стрели упатени кон нив од страна на ДПМНЕ и нивните медиумски вувузели, не значеа придонес на опозицијата кон смирување на состојбата. Напротив, секој нивни кажан збор имаше за цел ширење дефетизам и создавање паника меѓу граѓаните. Како поминуваше времето, дезинформациите добиваа како на квантитет, така и на интензитет.

Наместо ширење оптимизам, охрабрување и поддршка на заболените, наместо директно вклучување во здравствениот систем и со личен пример покажување хуманост, толку неопходна во ваквите моменти, мицковци покажаа енормно висок степен на мизантропија.

Заслепени од желбата за остварување политички профит на маката на граѓаните, јавноста и денес сведочи за свесното и безобразно манипулирање со вистината за ширењето и заштитата од заразната болест, чии идеолози и имплементатори се челниците на најголемата опозициска партија, нивните медиумски подопашници и извиканите квазиексперти.

Вадејќи ги работите од контекст и ширејќи лажни вести, оваа збирштина на отчоечени припадници на човечкиот род, им ја убива надежта на луѓето. Зголемениот број на заразени и починати лица континуирано го проследува со, безмалку, триумфалистички коментари, манифестирајќи тешка некрофилија спакувана во евтина партиска популистичка „обланда“.

Недоветните анализи на нивните приучени „бајачки, гатачки и надрилекари“, значат отворено поттикнување на теориите на заговор за „измислениот“ вирус и, паралелно на тоа, внесување забуна и подгревање на антагонизмот кон стратегијата на Владата за справување со пандемијата.

Кога главниот стратег на ДПМНЕ за здравствените прашања ќе констатира дека Ковид-19 е „не толку опасен“ вирус, тоа значи дека јавно искажаните ставови на партијата претставуваат отворена опасност по здравјето и животите на граѓаните. Бидејќи од истиот тој „не толку опасен“ вирус, досега во светот заболеа над 57 милиони лица, а животите ги изгубија речиси 1,5 милиони луѓе.

Лицемерието на дотичните е уште поголемо ако го вратиме филмот од 11-годишното владеење на сегашните опозиционери. Период во кој здравството го клекнаа на колена, докторите и медицинските сестри ги избркаа во странство, со години не испраќаа лекари на специјализација… Здравствените работници беа омаловажени, а професијата девалвирана. Заради ваквото злосторство кон здравствениот систем, барањето оставка од министерот за здравство од страна на Мицкоски и бандата, најблаго речено е – непристојно.

Ама, пустото, образ – ѓон, а совест и срам – ни грам!

Тешко е да се каже што е во овој момент попоразително за некогаш моќната партија: тоа што во претседателската фотелја седи неспособен лидер, или што конците и натаму ги влече унгарскиот бегалец?

За клептоманот кој ја опљачка државата и кој сопственото семејство го остави на цедило само за да ја спаси сопствената кожа, не е вредно да се трошат зборови. Меѓутоа, факт е дека отсуството на капацитет кај опозицијата да има критичка, а сепак конструктивна реакција во однос на ситуацијата во која се наоѓа државата, првенствено имајќи ги во предвид пандемијата на коронавирус и ветото на Бугарија, во голем дел се должи на отсуството на лидерство во ДПМНЕ.

Оттука, се’ до моментот на избор на негов наследник, најдобронамерната порака поврзана со актуелните состојби во нашата држава која може да му се испрати на Мицко и на останатите марионети на чедото на мајка Нада е: Ако веќе не ве бива да помагате… а не ве бива… тогаш барем не одмагајте!

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …