Од кол на кол, колот...

Од кол на кол, колот…

Пишува: Сотир Габелоски

„Слабоста на волјата доведува до состојба на морална корумпираност, толку позната и блиска на карактерот на политичарот, од почетокот на општественото организирање до денес“. Оваа реченица е напишана од Платон, а во изминатите неколку месеци толку веродостојна за нашето политичко-партиско секојдневие.

Не видовме волја за долгорочни промени, ниту стратешка визија за младите од Македонија. Едните полни усти со ЕУ, а во очите на луѓето синоним за корупција, додека другите со кредити од трети држави ќе „билдаат“ патриотизам. Највпечатливи се оние “помеѓу“ кои излегоа од една партија за да формираат движење за, дефакто да станат вмровци. Едни други, пак, којзнае со каква агенда излегоа на изборите, а освоија гласови колку еден советник во Крушево.

Во книгата „Алкибијад“ во која всушност античкиот Платон го претставува замислениот дијалог помеѓу учителот Сократ и ученикот Алкибијад, се зборува токму за опортунизмот на еден лик кој го искористил конфликтот помеѓу Спарта и Атина за лично да профитира. Алкибијад преминува ту кај Спартанците, ту кај Атињаните, но и покрај советите од мудриот Сократ, на крајот завршил неславно.

Денес гледаме слика и прилика на антиката. Политички опортунисти преминуваат во сосема спротивни табори и бесрамно јавно се истакнуваат. Баш како нашиот херој/трагичар Алкибијат, сакаат да се докажуваат, а всушност сите се на работ на морална корупција.

Допрва ќе видиме кои други „надежни“, па и млади политичари ќе преминат во таборот на опортунизмот. Кои од нив ќе станат Амди Бајрам и во име на личната кариера нема да се откажуваат од иднината, но ќе станат горди. Колку од нив ќе завршат како Алкибијад – од кол на кол, колот…

Отсуството на искрена желба (волја) да се направи нешто за оваа држава, барем малку да се даде внимание на гласачите кои ги гласале, доведува до горчина во устата и нагон за повраќање кога ги следиме социјалните мрежи и дебатите на телевизиите. Паднавме толку ниско што и душата им е корумпирана, па бесрамно продолжуваат со самофакторизирање.

Но, да не биде дека со овој текст го браниме СДСМ. Партијата го доби заслуженото, можеби не заслужи во толкава мера, но сепак луѓето го кажаа своето. Долг е патот на прочистување на партијата, оти оние со корумпиран морал не се само функционерите, ами и некои членови и симпатизери на кои на челото веќе им се испишува „Алкибијад“.

Личната корист продолжува да биде врвен мотив за влез во политиката, а ние продолжуваме да не ги препознаваме тие моменти. Уште од Платон сме предупредени дека желбата за лично истакнување и профит ги прават луѓето да ги преминат сите граници на моралот. Дали сега, можеби, ќе го сфатиме тоа?

Прочитајте повеќе

Олимпијада 2024: 10.500 спортисти и 300.000 кондоми

Олимпијада 2024: 10.500 спортисти и 300.000 кондоми

Во следните три недели Париз ќе биде домаќин на Олимписките игри 2024. Ви нудиме одговори …