Од Охрид СОС велат дека враќање на концесиите на плажите по старо не може да има

Од Охрид СОС велат дека враќање на концесиите на плажите по старо не може да има

По вчерашната најава на новиот охридски градоначалник Кирил Пецаков дека ќе ги враќа концесиите на плажите долж Охридското езеро, денеска со реакција се јавија од граѓанската иницијатива Охрид СОС. Тие изјавата на Пецаков ја оценуваат како крајно неумесна и недолична за лице на таква одговорна функција.

„Во неговата изјава гледаме еден крајно штетен однос кон Регионот исклучиво во служба на крупниот капитал, го гледаме истиот шаблон кој го донесе Регионот на раб на губење на статусот УНЕСКО. Се враќаме најмалку 6-7 години назад наместо да одиме напред“, велат од Охрид СОС.

Новиот градоначалник вчера изјави дека веќе одржале состанок со Министерството за транспорт и врски, на којшто било побарано плажите да бидат вметнати во урбанистичкиот план за да можат да се изградат повторно. Пецаков рече дека прво ќе проба плажите урбанистички да ги вметне во опфатите, а потоа на јавно наддавање ќе ги дадат под концесија.

Пецаков вели дека во изминатиот период на охридското крајбрежје не се отстранувале дивоградби, туку се отстранувала урбана опрема поставена врз проекти врз основа на кои биле издадени концесиите.

Од Охрид СОС велат дека враќање на концесиите на плажите не може да има, бидејќи договорите се истечени со години, а јавноста дозна дека во последниве 3-4 години „кираџиите“ не плаќале ништо за да привилегијата да заработуваат од експлоатација на крајбрежјето. Тие додаваат дека досегашните плажи не само што биле дивоградби, туку и биле вклучени во Регистарот на нелегални градби од Општина Охрид.

„Би сакале да го упатиме Пецаков на Планот за управување со светското наследство на Охридскиот Регион (2020-2029) и на постапката околу регулирање на крајбрежјето. Го потсетуваме дека тој како градоначалник е со закон обврзан да го спроведува Планот за управување. Моментално се работи Урбанистички план за крајбрежје, кој како план од државно значење е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Во него треба да биде вградено зонирањето на крајбрежјето – Зона I според Планот за управување. Додека не се усвои тој урбанистички план, крајбрежјето, односно определените зони за плажи, не може да се издаваат под закуп“, велат од Охрид СОС.

Тие додаваат дека причината за создавањето на Планот за управување и Урбанистичкиот план за крајбрежјето е да се воведе ред и да се постави систем за тоа што смее, а што не смее да постои во секоја зона.

„ВМРО ДПМНЕ со години ја храни делузијата во јавноста дека е партија на патриоти. Ова е вистинскиот тест за патриотизам. Патриотизмот значи државотворност, значи грижа за сограѓаните, значи заштита на најголемата природна скапоценост што Македонија ја има и одговорно управување со неа во служба на јавниот интерес“, велат од Охрид СОС.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Денес е тежок удар за европската перспектива, но, се уште не е доцна да се …