Опозициски лидер или антидржавен елемент?

Опозициски лидер или антидржавен елемент?

Пишува: Зоран Милошески

Како народ, никогаш не сме знаеле да ги препознаеме вистинските вредности. Да го разликуваме лажното од вистинското. Квалитетот од кичот. Лицемерието од искреноста. Почитувањето од понижувањето. Патриотизмот од популизмот. Личниот од заедничкиот интерес.

Токму затоа, низ годините во институциите на државата се провлекле еден куп политиканти и политички аналфабети, кои во земјите со развиен демократски капацитет не би стигнале подалеку од заменици-членови во куќниот совет од четирикатна станбена зграда.

Единаесетгодишното владеење на груевци и продолженото дејство на „прскањето со алуминиум“, до таа мера предизвикаа трајни и непоправливи последици по карактерот на државата, што тие станаа видливи и со голо око. Ако некој мислеше дека кукавичлукот на унгарскиот бегалец ќе ги намали токсините во воздухот, гадно се излажал. Отсуството на чедото на мајка Нада е само физичко. Во секој друг поглед, кога е во прашање неговата партија, негова во буквална смисла на зборот, речиси ништо не се променило.

Најбогатата партија во Европа, формално предводена од Мицкоски, ја има истата политичка матрица, истата антизападна ориентација и истата пропагандистичка реторика како и во времето кога груевизмот беше пуштен на најсилно. А сето тоа од едноставна причина што далечинскиот управувач за случувањата во партиската врхушка е во Будимпешта.

Се разбира, ниедна власт не е безгрешна и идеална. Исклучок од тоа правило не е ниту актуелната. Малку помалку грешни политики и малку повеќе џабалебароши и хохштаплери, кои како пијавици се залепиле на полугите на власта. И тука е грешката на Заев – што навреме не се справи со овие паразити, кои ниту во себе го носат социјалдемократскиот предзнак, ниту ја почитуваат партиската хиерархија, најмалку пак имаат почит кон човекот чии заслуги за испливувањето од застоената смрдлива баруштина, се недискутабилни.

Во меѓувреме, во најтешките денови кога светот се соочува со подмолен, невидлив и страшен непријател, на површина исплива уште еден, до вчера потценуван и омаловажуван лик. Венко Филипче се појави тогаш кога на народот му требаше некој токму како него: стручен, смирен, транспарентен, одмерен и трпелив државен службеник, кој ќе го преземе менаџирањето на целиот процес и, што е уште поважно, ќе ја стекне довербата кај граѓаните дека знае што прави!

Меѓутоа, ние сме народ познат по краткото паметење и експресното менување на ставови. Имајќи го во предвид сето тоа, а комбинирано со животната километража и тридецениското новинарско искуство „вежбано“ во редакции со име и кредибилитет, си дозволувам да прогнозирам дека е само прашање на денот кога медиумските платеници и партиските јаничари ќе тргнат во поход по „главата“ на Филипче!

Да бидеме начисто: кај нас пандемијата сеуште е во фаза на „загревање“. Факт е дека во периодот што следи рапидно ќе се зголемува процентот на инфицирани граѓани а, за жал, постепено ќе расте и бројот на починати. Тоа е вистината на која мора да и’ погледнеме во очи и со која, час поскоро, мора да се соочиме. Оти, само тоа е шансата да ја сфатиме сериозноста на ситуацијата и уништувачката моќ на вирусот кој клекна на колена многу моќни држави, со неспоредливо помоќни здравствени системи од нашиот: Кина, Италија, САД, Шпанија.

Впрочем, уште тогаш кога бројот на заболени од COVID-19 во нашата држава беше едноцифрен, Филипче најави дека пикот на пандемијата со околу 2.000 заразени ќе се случи кон крајот на април. Оттука, наводната загриженост за растот на процентот на заболени кој го манифестираат куртонските медиуми, кај кои приматот на главен хушкач против актуелната власт го презеде „прагматичниот“ новинар кому менувањето страни му е вообичаена утринска гимнастика, не е ништо друго освен највулгарно и проѕирно лицемерие.

Врв на хипокризијата и политичката проституција, е самиот Мицкоски. Тој, освен што со своите недоквакани изјави го убеди и најтврдокорното „ќосе“ дека не го бива и што докажа дека е случаен минувач на политичката сцена, се „прослави“ со ширењето лажни вести кои за помалку од 24 часа, во два наврата и за две различни лаги, беа демантирани од нашето Министерство за здравство и од Словенија.

„Џабе се бориме против лажни и неточни вести, ако претседателот на најголемата опозициска партија свесно лаже и креира паника меѓу граѓаните“, изјави по тоа прашање Филипче, што е најпластична дефиниција за состојбите во државата по однос на класичната злоупотреба на правото на слобода на изразување.

Тоа што Мицко не го бива, е проблем на партијата која ја предводи. Меѓутоа, подмолното ширење раздор и општа паника меѓу граѓаните заради стекнување лични и партиски поени, е проблем на државата. Или поточно, опасност за државата. Неговата спрега со десетината портали и телевизии кои се класични антидржавни елементи, можат да ескалираат во нешто многу посериозно. Да се кажуваат онакви невистини, да се спинува секоја информација, да се конструираат гнасотилуци кои се под секое ниво на човечкото достоинство, доведе до состојба во која се надминаа сите црвени линии и која може сериозно да го загрози нормалното функционирање на најважните државни институции. Во ситуација кога преголемата демократија може да доведе до анархија, државата мора да реагира и тоа да го спречи. Макар и со радикални мерки.

Што се однесува, пак, до мерките кои ги предлага опозицијата за помош на граѓаните и фирмите во новонастанатата состојба во државата, како на централно така и на локално ниво, нема што многу да се коментира. Оти, кога со предлозите се бара укинување или ригорозно намалување на основните приходи од кои се финансираат државата и локалните самоуправи, тоа, освен што е најобичен популизам, во случај на усвојување на предлозите би значело тотален крах на државните и локалните институции и, воопшто на државата.

Сепак, во еден случај предлогот на опозицијата може да биде применлив. Имено, Владата може да прогласи мораториум на сите даночни и финансиски обврски на правните и физичките лица за период од една година, а државата повторно да функционира како ништо да не се случило! Како? Едноставно: во арамиското гнездо наречено „бела палата“ да се соберат сите лопужи од ДПМНЕ кои 11 години ја пљачкаа државата, при што „солидарно“ ќе вратат дел од украдените пари, во висина на 3.9 милијарди евра, колку што изнесува државниот буџет за 2020 година. А што пари се тоа за арамиишта од нивен калибар?

Прочитајте повеќе

„Нема откажување од иднината“ - СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори (Видео)

„Нема откажување од иднината“ – СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори (Видео)

Со настан во Музејот на современа уметност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Kоалицијата за европска …