Се чека одговор од ЕБОР за изградбата на заедничкиот железнички граничен премин со Србија

Се чека одговор од ЕБОР за изградбата на заедничкиот железнички граничен премин со Србија

Епидемијата со корона вирусот во нашата земја нема да влијае врз одложување или откажување на проектот за изградба на заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија кај Табановце. Преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) на ЕУ веќе се обезбедени неповратни средства од 2,7 милиони евра, а преостанатите 2,5 милиони евра е предвидено да се обезбедат преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), информираат од Министерството за транспорт и врски.

– Целата тендерска документација за изградба на зградата и изборот на изведувач се завршени. До средината на оваа година, очекуваме консултантот да ја изработи и тендерската документација за изградба на пристапниот пат до зградата – посочуваат за „Мета.мк“ од Министерството за транспорт и врски.

Тендерот за изградба на објектот ќе се распише откако и официјално ќе се заокружи финансиската конструкција на проектот. Македонија и Србија треба да добијат заеднички железнички граничен премин по позитивниот пример на вакви објекти што се веќе изградени во Бугарија и Романија како земји-членки на ЕУ. Во идниот објект кај Табановце на едно место македонските и српски полициски службеници, цариници и инспектори заеднички ќе ги вршат сите погранични контроли.

Очекувањата се дека заедничката гранична контрола ќе го намали времетраењето за патување со воз во патничкиот и во товарниот железнички сообраќај. Во моментов, заедничките гранични контроли кај овој транспорт не можат да се реализираат, бидејќи во Табановце и Прешево нема адекватен објект во кој би се сместиле граничните органи на двете земји.

Покрај за нив, во идниот објект во Табановце со површина од 2.500 метри квадратни ќе има простории за сместување на железничките работници на двете земји, како и лабораторија за ветеринарно и фитосанитарно испитување. Заедничката гранична контрола во железничкиот транспорт би почнала да се применува до 2023 година.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека гласачите имале простор за избор, но реториката станала многу негативна како …