Португалскиот предлог е креативно решение кое ги адресира сензитивностите на сите три страни – нашата, бугарската и на земјите-членки, бидејќи очигледно и земјите-членки имаат став во однос на тоа каков ќе биде преговарачкиот процес зашто тоа што ќе се постави како модел со нас утре ќе направи преседан и за други земји-кандидати и земји во регионот, порача министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска.
Тој вели дека ставот на македонската страна е „да работиме за јуни како да е единствена шанса за изнаоѓање на решение, иако имам лично чувство дека во наредните две години можеби јуни е најдобрата шанса“.
Османи денеска исто како премиерот Заев вчера, рече оти очекува средби на премиерско и министерско ниво во наредниве денови. Потенцираше дека сега главните точки не се во идентитетските прашања, туку тоа е зацртувањето на патоказот, кој ќе го дефинира и решавањето на спорот со Бугарија.
„Мислам дека главна тема не се идентитетските прашања туку е патоказот кој ќе создаде предвидливост во имплементација на договорот за пријателство. Патоказот за нас е прифатливо решение кое ќе ја создаде таа предвидливост, сме го разговараме тој акциски план во неколку наврати, но мислам дека повеќе е обврска на земјите-членки да кажат каде ќе го стават тој патоказ и дали ќе го заштитат европскиот процес како таков. Тој дел од бремето мислам дека паѓа на земјите-членки, а наше е да работиме тој акциски план да се дефинира што побрзо“, изјави Османи.
Презентирана МКАРТА за истакнати промотори на земјава
Инаку, Османи на прес-конференција денеска го претстави проектот МКАРТА, наменета за поединци со потекло од Република Северна Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници.
„Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин – да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи не како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе“, порача тој.
Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со МКартата ќе го координира Министерството за надворешни работи.
Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично. Во соработка со други Владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности.
Извор: МЕТА