Дванаесетте најмоќни европски фудбалски клубови се соочија со обвинувања за алчност и цинизам откако го објавија формирањето на европска Суперлига која може да има големи последици врз спортот.

Шест клубови од англиската Премиер лига- Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Арсенал, Челзи, Манчестер Сити и Тотенхем, три од Шпанија- Реал и Атлетико од Мадрид и Барселона, како и три италијански- Јувентус, Интер и Милан, се јавија како основоположници на новата лига која предизвика остри критики низ континентот.

Целта на клубовите е да профитираат финансиски од новата лига, откако беа соочени со огромни долгови, а профитот дополнително им се намали поради пандемијата на коронавирусот.

Но, првичните реакции од фудбалските авторитети, навивачите и аналитичарите се жестоки, а на клубовите им се заканува исфрлање од домашните, европските и светските натпреварувања.

„Нашите членови и фудбалските навивачи ширум светот го доживеаја најголемото предавство. Ова е непростливо. Доста е“, соопштија навивачите на Челзи.

Основачите на Суперлигата соопштија дека се договориле да формираат „ново натпреварување кое ќе се игра во текот на неделата“ и кое ќе започне во „најбрз рок“, но очекуваат да продолжат да се натпреваруваат до домашните првенства.

Кон натпреварувањето ќе се приклучат уште три клуба, со што ќе се формира јадрото од 15 клуба. Дополнителните пет клубови со кои треба да се заокружи натпреварувањето на 20 учесници ќе бидат вклучувани согласно успехот во домашната лига.

Клубовите основачи меѓусебе ќе поделат 3,5 милијарди евра за инфраструктурни инвестиции и надминување на проблемите поради пандемијата, а ќе добијат и дополнителни 10 милијарди евра како „солидарна исплата“ во следните години.

„Мислам дека тука се во игра две нешта: првото е алчност а второто очај“, вели поранешниот претседател на Англиската фудбалска организација и на Манчестер Сити, Дејвид Бернстајн.

„Циничен проект“

Во заедничко соопштение, УЕФА и англиската, шпанската и италијанската фудбалска федерација ги предупредија клубовите дека им се заканува исклучување од домашните првенства и од Лигата на шампиони.
„Ние ќе останеме обединети во напорите да го сопреме овој циничен проект“, се наведува во изјавата. УЕФА им се закани и на играчите од овие клубови дека нема да можат да ги претставуваат своите национални тимови.
Светската организација ФИФА беше помалку остра, изразувајќи несогласување со проектот и ги повика сите страни „да водат мирен, конструктивен и балансиран дијалог“.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека клубовите „мора да ги консултираат своите навивачи и пошироката фудбалска заедница пред да преземат натамошни чекори“.
Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека Суперлигата „ги загрозува принципите на солидарност и спортски постигнувања“.

Најавата за Суперлигата временски се совпадна со најавените реформи на Лигата на шампиони од страна на УЕФА, која треба да се прошири на 36 тимови и да се зголеми бројот на натпревари.

Француските и германските клубови, меѓу нив и се уште актуелниот европски првак Бајерн Минхен и минатогодошниот финалист Пари Сен-Жермен, засега не се вклучени на првичната листа на учесници во Суперлигата.

Извор: DW