Отворени прашања за реорганизацијата на Владата

Отворени прашања за реорганизацијата на Владата

Трансфер на вработени, менување на десетици закони и правилници за работа на министерства, функционирање на Владата во наредните транзициски месеци, се дел од работите кои следуваат по реорганизација на Владата. Новиот закон не одговара на многу прашања како и кога ќе се спроведе сето тоа

Само три дена беа доволни новата власт да предложи и да изгласа, а новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова да потпише указ за стапување во сила на нов закон со кој ќе се воведат нови и ќе се направи реорганизација на дел од постоечките министерства.

Без јавна и експертска дебата, два часа по полноќ во саботата, законот на предлог на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски беше изгласан од владејачкото мнозинство со поддршка на опозициската ДУИ. Веќе во неделата (9 јуни) претседателката Давкова го потпиша указот по што овој закон денеска треба да се објави во Службен весник и да стапи во сила.

Професорот Драган Гоцевски од катедрата по административно право и администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ смета дека од текстот на законот тешко може да се процени дали станува збор за суштинска реформа или само за голема реорганизација на државниот апарат.

Добиваме голема влада

Со овој закон се создаваат нови министерства, иако најавата на владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше дека нивниот број ќе се намали за 10 проценти.

Од актуелните 16 министерства и 20 членови на Влада, со новата реорганизација се предвидени 20 министерства, а вкупниот број на членови на Владата се уште не е официјално познат, затоа што нема податок колку вицепремиери ќе бидат назначени.

„Еден за еден, бројот на нови институции не е толку голем, малку се сосема нови, другите се само реогранизација на системот, од една форма на организација станува министерство. Добиваме голема Влада, со 20 министерства, 20 заменици министри, плус да видиме колку министри без ресор ќе бидат назначени“, вели Гоцевски.

Во овој закон не се забележува детална внатрешна реорганизација, што значи дека за секое министерство ќе мора да се донесат нови подзаконски акти, правилници за работа, нова систематизација за вработените, како и одредување на простории.

Во новиот закон само се набројани надлежностите на новите и реорганизирани министерства како што е на пример, Министерството за надворешни работи кое отсега ќе се занимава и со надворешна трговија или пак, Министерството за култура кое дополнително ќе има задача да се грижи и за туризмот.

За инспекторати или агенции се гласа со просто мнозинство

Едно до клучните прашања кои се отвораат со оваа реорганизација, која не беше образложена во јавноста, е можноста за укинување и основање на органи на државна управа како Бироа, Управи, Агенции и Инспекторати со просто мнозинство.

Гоцевски вели дека со изземањето на овие институции од законот се остава простор да се носат во Собрание со просто мнозинство.

„Во случајов, новата Влада,а имајте в предвид дека бирањето на органи на Управа не подлежи на Бадентер, не верувам дека ова треба да алармира некого за нешто, но вреди да се напомене, сега ќе може сама да ги носи таквите промени коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Имаат една многу комотна позиција, своите програмски цели многу комотно да ги реализираат“, додава тој.

Дополнително со законот се наѕира голема реорганизација на инспекторатите кои досега беа честа мета на критика во сите европски извештаи поради недостиг на кадар и проблематични ограничувања во надлежностите. Низ трансфери ќе треба да поминат вкупно 792 вработени во инспекторатите. Според новиот закон, дел од инспекторатите ќе се укинуваат, дел ќе преминуваат во министерства, а може да се припојуваат кон други.

Трансферите на вработените најголем предизвик

Со овој закон во старт се укинуваат првите три институции, а тоа се Агенцијата за спорт која брои 42 вработени, Геолошки завод со 13 вработени и Агенција за која нема податоци во извештајот на МИОА за број на вработени.

Нивните места нема да се укинат, но тие ќе треба да преминат со работа во друга институција. На пример вработените во Агенцијата за млади и спорт ќе ги преземе новото министерство за спорт. Во законот нема проценка колку вкупно вработени се во прашање, но се наведени по групи оние на кои работните места ќе им бидат на нова адреса.

Предвидени трансфери на вработени

Од Министерство за економија во:

  • Министерството за надворешни работи и надворешна трговија
  • Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини
  • Министерството за култура и туризам

Од Министерството за образование и наука во:

  • Министерството за дигитална трансформација

Од Министерството за труд и социјална политика во:

  • Министерството за економија и труд

Од Министерството за информатичко општество и администрација во:

  • Министерството за дигитална трансформација
  • Министерството за јавна администрација

Од Државен инспекторат за техничка инспекција во:

  • Државен пазарен инспекторат

Од Агенција за млади и спорт во:

  • Министерството за социјална политика, демографија и млади
  • Министерството за спорт

*Новото Министерство за европски прашања ќе ги презеде вработените, како и опремата и обврските на Секретаријатот за европски прашања

Или, оние од Министерството за образование чија надлежност им е технолошкиот развој, информатиката и техничката култура ќе преминат во Министерството за дигитална трансформација.

Тука на пример се отвара прашањето кој ќе се грижи за е- дневникот и платформите дигитални кои до сега беа под капа на МОН.

„Сега бидејќи таа надлежност е укината и се префрла кај министерството за дигитална трансформација, дали ова министерство ќе ги води информациските образовани системи. Или додека да се префрлат, кој ќе ги води овие системи? “, вели Гоцевски.

Тој додава дека ова се само прашања за кои што во новиот закон не се гледаат одговорите.

„ Кој ќе врши надзор за законитоста на сето тоа, што ќе се случи со вработените кои нема да се согласат на таков вид на автоматски трансфер, дали ќе се чека согласност, додека да се постават државни секретари на сите министерства, затоа што согласностите одат на релација, вработен-државен секретар-вработен. Дали ќе одат на трансфер листи да чекаат, дали ќе им бидат ставени под знак прашање нивните места?“, прашува професорот.

Трансферот на вработени треба да се направи во рок од пет месеци од денот на влегување на сила на законските измени. Тие влегуваат во сила со самото објавување во Службен весник.

Предвидено е вработените што ќе бидат преземени од друга институција да го имаат истиот работен договор како и претходно (на неопределено или определено време). Во новата институција, како што пишува во законот, тие ќе бидат распоредени, „на работно место во иста група на исто ниво“.

Според изборната програма „Промени 1198“ на ВМРО -ДПМНЕ, новата Влада треба да укине над 130 државни институции за да го исполни ветувањето на јавниот сектор. Тоа во пракса би требало да значи и отпуштање или префрлање во приватен сектор на околу 16 илјади вработени.

Во јавниот сектор активни се вкупно 1.371 институции, вклучително министерствата, во кои активно се вработени 128.879 луѓе, покажува минатогодишниот извештај од Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација. Бројката стигнува до околу 160 илјади со оние кои се вработени со договор на дело.

Ветувањето за намалување на административниот апарат не е ново. Во 2020 година поранешниот вицепремиер за за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски најави голема реформа во администрацијата со кратење на бројот на институции. Но тоа не се случи.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

О’Брајан и Лајчак разговараа за ситуацијата на Западен Балкан

О’Брајан и Лајчак разговараа за ситуацијата на Западен Балкан

Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан и специјалниот пратеник …