Пат-ситуација во Грција: по изборите, повторно избори?

Пат-ситуација во Грција: по изборите, повторно избори?

Грција гласаше за нов парламентарен состав. Победник е владеачката партија на премиерот Мицотакис, Нова Демократија. Сепак, се чини дека нови избори се неизбежни.

Дури ни самиот Мицотакис не сметаше на ваков изборен резултат. Со конзервативната Нова Демократија тој во изминатите месеци западна во турбуленции – прво со скандалот за прислушкување кој нему му се ставаше на товар, а потоа и со железничката несреќа во која загинаа 57 лица.

Во анкетите партијата паѓаше сѐ пониско. И најновата ситуација: јасен доказ за враќање на бегалци од островот Лезбос во Турција, што е спротивно на меѓународното право и што премиерот постојано демантираше дека навистина се случува. Но, и покрај сето ова успеа да придобие 41 проценти од гласовите на изборите, резултат кој ги надминува сите очекувања, па дури и постигнувањето на партијата на последните избори.

„Денеска да се одмориме и да ја славиме оваа голема победа која сметам дека е победа на прогресот над ретроградното, победа на светлата против темната Грција. Но, од утре нѐ чека многу работа”, рече Мицотакис пред поддржувачите.

Големи загуби за Сириза

Кај најсилниот противник, левичарската Сириза, имаше разочарани ликови. Алексис Ципрас до последен момент се надеваше на неопределените и на младите гласачи. За прв пат 17-годишни можеа да учествуваат на гласањето. Но, на крајот резултатот изнесуваше 20 проценти, речиси 12 отсто помалку отколку на последните избори пред четири години и многу помалку отколку што предвидуваа акнетите. Левицата се подели, некои од гласовите отидоа за двајца поранешни членови на Сириза кои сега настапија со свои партии.

Алексис Ципрас има малку причини да биде задоволен од изборниот резултат
Алексис Ципрас има малку причини да биде задоволен од изборниот резултат

Ципрас ќе мора да си го постави прашањето дали е уште вистинскиот избор за Сириза. Со многуте социјални ветувања како повисока минимална плата и намалување на данокот на додадена вредност за прехранбените производи, очигледно не можеше да поентира. „Прогресивната коалиција” кон која се стремеше е минато. Сега зборува за можни нови избори: „Мора веднаш да ги направиме нужните промени и да преземеме сѐ што е потребно за да ја организираме следната пресудна предизборна кампања на најдобар можен начин”, рече Ципрас.

Социјалдемократите во подем

Третото место го освои социјалдемократската Пасок. За време на финансиската криза партијата колабираше и дури сега повторно се враќа на 11 до 12% од гласовите. Претседателот на партијата, Никос Андрулакис, тоа го слави како успех и смета дека Социјалдемократите се враќаат на победничкиот колосек. „Ние сме демократска партија со вредности, почит за човековото достоинство и правната држава”, рече тој. „Денеска направивме голем чекор во иднината. Денеска повторно станавме еден од главните играчи на политичката сцена на нашата земја”, оцени Андрулакис.

Пред изборите многу се дискутираше за улогата на Пасок за формирање владина коалиција бидејќи заедно со Нова Демократија би имале доволно гласови за апсолутно мнозинство во парламентот. Но, реалциите се нарушени откако се обелодени дека Андрулакис бил телефонски прислушкуван, а трагите од скандалот водеа директно до кабинетот на Мицотакис.

На 2 јули ново гласање во Грција?
На 2 јули ново гласање во Грција?

Нема многу време за преговори

Мицотакис има максимално три дена за да формира коалиција. Но, уште денес тој стави до знаење дека нема голем интерес за такво нешто. „Заедно ќе ја аранжираме следната трка која стартува утре за на следното гласање да се потврди тоа што гласачите и онака веќе го одлучија”, рече Мицотакис. За новите избори веќе се споменува и 2 јули како можен датум. Тогаш веќе на сила ќе бидат новинизборни правила според кои победникот добива до 50 дополнителни мандати во парламентот. Во тој случај и околу 36 до 37 проценти ќе бидат доволни за да се владее – или во случајот на Мицотакис, за да се остане на власт.

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …