Претседателот реагира за начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во скопската општина Чаир, за што вели дека е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата
Претседателот Стево Пендаровски денеска реагираше по повод посетата на косовскиот премиер Албин Курти на Тетово и Скопје, каде беше пречекан од градоначалниците на Тетово и Чаир.
„Истакнувањето на провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на Рамковниот договор како и концептот на Македонија како мултиетничка држава“, стои во реакцијата на Пендаровски.
Тој побара од организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата.
„Во таа насока ги повикувам надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки“, наведува Пендаровски.
Претседателот реагира и за начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во скопската општина Чаир, за што вели дека е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата.
„Во таа смисла, очекувам надлежните инспекциски служби да проверат дали при носењето на одлуката е почитуван принципот на двојно мнозинство, кој треба да ги вклучува и гласовите на заедниците кои не се во мнозинство во таа општина“, стои во реакцијата на Пендаровски.