пентагон

Пентагон потврди – испорачана е касетна муниција на Украина

Во Украина во изминативе 24 часа се случиле над 30 оружени судири и низа напади со дронови

Касетната муниција наменета за Украина веќе е испорачана во земјата, потврди министерството за одбрана на САД, пренесува украинската државна новинска агенција ukrinform.net.

Информацијата ја соопштил генерал полковник Даглас Симс, директор на операции во Заедничкиот штаб зборувајќи со новинари.

„Касетна муниција навистина е испорачана на Украина“, рекол тој, но не кажал дали украинските вооружени сили досега ја употребиле оваа муниција.

Информацијата ја потврди и Олександар Тарнавскиј, командант на Оперативно-стратегиската група Тавриа, во интервју за Си-Ен-Ен. Тој рече дека касетната муниција радикално ќе ја смени ситуацијата на фронтот.

Одлуката на САД да достави касетна муниција на Украина беше критички дочекана од Обединетото Кралство и неколку други сојузници на САД, како и од ООН и ОХЦХР.

Во Украина во изминативе 24 часа се случиле над 30 оружени судири и низа напади со дронови. Руските агресорски сили продолжуваат со нивните напори за напредување кај Купјанск, Лиман, Бахмут, Авдиивка и Маринка, каде се случиле борбите, објасни Генералштабот на вооружените сили на Украина во утринскиот извештај.

„Изминатата ноќ непријателот повторно ја напаѓаше територијата на Украина со беспилотни летала Шахид од иранско производство. Информациите за последиците се уточнуваат. Во изминатиот ден руските инвазори извршија ракетни и авионски напади на територијата на Украина, користејќи две крстосувачки ракети Калибр, една балистичка ракета Искандер-М и 20 ирански дронови Шахид. Како резултат на успешните борбени операции на Одбранбените сили на Украина, беа уништени две ракети Калибр и 20 јуришни дронови“, се објаснува во извештајот.

Биле извршени и 52 авионски напади и 50 напади со повеќецевни ракетни лансери врз украински воени цели и врз населени места, при што се ранети цивили, вклучително и деца, и биле уништени станбени згради и други цивилни и административни градби и инфраструктура.

Изгледите за нови ракетни напади и бомбардирања денеска остануваат високи, забележува Генералштабот на вооружените сили на Украина во утринскиот извештај.

Според истиот извор, досега во инвазијата на Украина загинале или биле ранети и повлечени од борбите 236.590 руски војници, од кои во текот на вчерашниот ден 550.

Исто така, од почетокот на инвазијата на 24 февруари 2022 до утрово украинските сили уништиле 4.097 непријателски тенкови, 8.008 оклопни борбени возила, 4.449 артилериски системи, 315 борбени авиони, 309 хеликоптери, 3.783 дронови (беспилотни летала), 1.273 крстосувачки ракети, 18 фрегати и други борбени бродови и 7.019 копнени возила.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Можеме ли да слушнеме што мислат другите

Можеме ли да слушнеме што мислат другите

Репортажа од Берлин: “Das Unbeschreibliche, hier ist’s getan” (Неописливото, се случи овде) Салата во Берлинската …