топлотен бран топло време

Топлотниот бран продолжува да се шири низ Европа, се очекуваат температури над 40 степени

Топлотниот бран продолжува да се шири низ Европа и се очекува да бидат измерени нови рекордни температури во наредните денови. Како што соопштува Би-би-си, се очекува температурата да надмине 40 степени во делови на Шпанија, Франција, Грција, Хрватска и Турција.

Во Италија е можно температурите да достигнат до 48 степени што би била рекордна температура за Европа, велат од Европската вселенска агенција.

Оваа недела, неколку туристи во Италија колабирале од топлотен удар, а маж на возраст од 40 години починал од жештината откако колабирал во северна Италија.

Периодите на интензивна топлина се случуваат во рамките на природните временски обрасци, но научниците велат дека на глобално ниво тие стануваат сè почести, поинтензивни и траат подолго поради глобалното затоплување.

Планетата Земја која постојано се загрева, го имаше најтоплиот јуни досега. За прв пат, на глобално ниво се случи летен месец да биде еден степен потопол од вообичаено, покажуваат податоците на американската Национална океанска и атмосферска администрација (НОАА), пренесува Н1.

„Неодамнешните рекордни температури, како и екстремните пожари, загадувањето и поплавите што ги гледаме оваа година, се она што очекуваме да го видиме со сè потоплата клима“, вели Натали Маховалд, климатски научник од Универзитетот „Корнел“.

Освен копното и океаните достагнаа рекордно високи температури во април, мај и во јуни.

Шефот на глобалната анализа на НОАА, Рас Вос, вели дека рекордно жешкиот јуни се должи на долгорочното затоплување кое е предизвикано од гасовите што ја задржуваат топлината произведени од согорувањето на јаглен, нафта и природен гас, што потоа е засилено од природниот феномен Ел Нињо, кој загрева делови од Тихиот океан и го менува времето ширум светот, додавајќи топлина на веќе зголемените температури.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Кога Фолксваген ќе кивне, Волфсбург се разболува

Кога Фолксваген ќе кивне, Волфсбург се разболува

Првпат во историјата Фолксваген планира затворање погони во Германија и масовни отпуштања. Во Волфсбург, каде …